Интервјуа

ПРЕДИЗВИЦИТЕ СЕ МОЈОТ АДРЕНАЛИН

Светозар Јаневски

Претседател на УО на ВВ Тиквеш

 

 

СВЕТОЗАР ЈАНЕВСКИ Е МАКЕДОНСКА БИЗНИС ЛЕГЕНДА ЧИИШТО БИЗНИС УСПЕСИ СЕ ДОБРО ПОЗНАТИ ВО ЦЕЛИОТ РЕГИОН. ЧОВЕК ОД АКЦИЈА, ЗА КОГО НЕ ПОСТОЈАТ НЕВОЗМОЖНИ МИСИИ ВО БИЗНИСОТ,  ЈАНЕВСКИ Е ПРИМЕР ЗА МЛАДИТЕ ПРЕТПРИЕМАЧИ КОЈ ПОКАЖУВА ДЕКА УСПЕХОТ Е МОЖЕН, АМА БАРА ЗНАЕЊЕ И ВЕРБА ВО СЕБЕ. Нѐ ИНТЕРЕСИРАШЕ НЕГОВАТА БИЗНИС ФИЛОЗОФИЈА, КАКО ГО НАПРАВИ ТИКВЕШ МЕЃУНАРОДНО ПРЕПОЗНАТЛИВ БРЕНД, ЗОШТО ОДЛУЧИ ДА ГО ЗАДРЖИ БИЗНИСОТ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА...

Господине Јаневски, на крајот од годинава ВВ „Тиквеш“ прославува 130 години постоење. Колку обврзува традицијата што ја носи со себе еден ваков, навистина исклучително редок јубилеј?

С. Јаневски: Традицијата на производство на вино во Македонија и Тиквешијата е долга со векови. Артефактите кои потврдуваат дека луѓето од овие краеви биле особено вешти во правењето на „нектарот на боговите“ датираат уште од римско време. Во создавањето на долгата винска традиција во земјава, а особено во Тиквешкиот регион, вклучени се голем број вредни и вешти лозари и винари. Сепак, огромен удел во создавањето, негувањето и промовирањето на таа традиција ѝ припаѓа на винарницата „Тиквеш“. Таа е своевиден синоним за организираното производство на врвни вина во Тиквешијата и Македонија. Ние, како претставници на генерацијата која врз себе ја презеде обврската да ја продолжи таа богата традиција, сме особено горди што имаме можност да ја реализираме нашата визија за развојот на „Тиквеш“ и целата индустрија и со тоа да ги испишеме новите страници од винската традиција, надевајќи се дека тие ќе бидат исто така блескави како оние што се напишани во минатото. Прославувајќи ја 130-годишнината на „Тиквеш“, како почеток и симбол на организираното производство на вино во овие краеви, се обидовме да го споделиме чувството на радост заедно со љубителите на нашите вина во земјава и во поширокиот регион, со нашите партнери, соработници, колеги и пријатели... затоа што сите тие се заслужни за она што денеска претставува „Тиквеш“ – бисер на винската традиција на Тиквешијата и Македонија.

Откако во 2003 година со „М6“ групата ја презедовте ВВ „Тиквеш“ досега вложивте преку 30 милиони евра за севкупно подобрување на работењето. Колку е тешко да се изгради вистински бренд во производството на вино, како бизнис во кој постои огромна конкуренција? И, претпоставувам, тоа не зависи само од износот на вложените пари.

С. Јаневски: Пред да ја донесеме одуката за вложување во „Тиквеш“, јас и моите соработници од „М6“ знаевме дека ни претстои многу работа. Бевме свесни за големото значење на „Тиквеш“ за винарството во Тиквешијата, но и за целата земја. Презедовме врз себе голем товар, голема обврска, бидејќи „Тиквеш“ се соочуваше со многу потешкотии. Технолошки заостануваше, а имаше и проблеми со пласманот. Истовремено преработуваше големи количества грозје, но не се обрнувало преголемо внимание на натамошно подигнување на квалитетот на виното. Квантитетот бил пред квалитетот. Се разбира, и таквиот „Тиквеш“ имаше свои адути и потенцијал за развој. Винарницата и нејзините вина како што се „Т’га за југ“ и „Алексaндрија“ беа познати и раширени низ цела поранешна Југославија, но тука некаде завршувала приказната. Најголем дел од извозот бил во цистерни, во форма на наливно вино. Сето ова мораше да се менува затоа што да бидете бренд значи да бидете совршен во секој поглед. Моравме да инвестираме во целосна модернизација на винарницата. Набавивме и инсталиравме најсовремена технологија во производството, но тоа не беше доволно. Затоа дополнително инвестиравме во знаење. Ангажиравме експерти од странство кои заедно со искусните кадри од „Тиквеш“ ја воведоа најсовремената светска пракса во третманот и одгледувањето на лозовите насади, како и во едукацијата и експертизата на луѓето кои се вклучени во производниот процес. Паралелно работевме и на отворање нови дистрибутивни канали и пробив на нови пазари, во активности за промоција на вината и на нашата винска приказна, учества на вински саеми и на најзначајните вински натпревари, за да можеме да добиеме верификација на нашите напори за висок квалитет на нашите вина. Сето ова требаше да го трансформира „Тиквеш“ од локален и регионален во глобален играч, што ќе биде препознаен и признаен според врвниот квалитет на своите вина. Високите оценки од еден Роберт Паркер, големиот број награди што ги освојуваат нашите вина на светските натпревари и вбројувањето меѓу 10-те најиновативни светски вински бренови се потврда на нашите амбиции – да бидеме афирмиран светски вински бренд.

Одлика на вистински бренд е да се грижи и за оние нешта што се од пошироко значење за заедницата. Тука мислам на одредени еколошки аспекти. Колку Ви се тие важни?

С. Јаневски: Несомнено се важни. Општествено одговорното дејствување е вградено во нашето ДНК, и како луѓе и како компанија. Знаете, значењето на „Тиквеш“ за заедницата е далеку поголемо отколку што е видливо на прв поглед. „Тиквеш“ е гордост за илјадници лозарски и винарски семејства, за цел регион, за целата земја и нејзината винарска индустрија. Тој е една од одредниците по кои нè препознаваат во странство. Тоа е едно наследство што обврзува да бидеме одговорни за сите аспекти што не се ограничуваат само на квалитетот на виното што го произведуваме, туку и на сѐ што правиме, вклучувајќи го и нашето влијание врз околината. „Тиквеш“ е компанија и бренд со изграден етички профил и корпоративна култура која ние постојано ја негуваме. Во тие рамки само да споменам неколку активности. На пример, сите наши лозови насади и најголемиот дел од оние на нашите партнери поседуваат Глобал ГАП серфитикат за одржлив раст. Исто така од пред неколку години користиме полесни шишиња, потенок картон за амбалажа и навојни затворачи за што е можно повеќе шишиња, што е наш придонес за глобалните заложби за намалување на емисијата на гасови во атмосферата со ефект на стаклена градина. Ние сме еден од основачите на првата домашна компанија што управува со отпад од амбалажа. Едноставно, не можете да бидете современ, глобален бренд, ако не се однесувате според мотото „мисли глобално, дејствувај локално“.

Во минатото ВВ „Тиквеш“ требаше да го обезбеди социјалниот мир во еден регион со добри предуслови за производство на грозје. Успеавте ли да ја промените менталната матрица на индивидуалните производители на грозје за да Ви се придружат тие на вистинскиот начин во битката за врвен квалитет?

С. Јаневски: Животното искуство ме научи дека за да се сменат некои работи потребно е трпение и упорност. Кога се работи за промена на навики и вкоренети ставови, или ментална матрица како што Вие ја нарекувате, тогаш предизвикот е двојно потежок. Така е и во случајот со домашната винарска индустрија. На почетокот, кога почнувавме со нашите инвестиции во „Тиквеш“, малкумина го разбираа она што го говорев – дека долгорочната перспектива за развој на домашната винарска индустрија зависи од тоа колку брзо ќе можеме да се трансформираме од квантитет во квалитет, од наливно вино во висококвалитетен производ во шишиња. Посебно беше тешко убедувањето дека за да се произведат вина со врвен квалитет неопходна е пред сѐ квалитетна суровина, грозје со високи шеќерни единици. Се разбира, со многу упорност, внимание и едукација на лозарите, работите полека почнаа да се менуваат во посакуваната насока. Јас сум посебно горд што токму „Тиквеш“ беше предводник во овие значајни промени, а особено на тоа што не само лозарите туку и институциите се обидуваат да ја следат ваквата логика од која зависи натамошниот развој на целокупната домашна винарска индустрија.

Вложените пари и енергија се препознаени од светски познати оценувачи на квалитетот на произведеното вино. Малкумина знаат дека ВВ „Тиквеш“ е единствената винарница во Југоисточна Европа што за своите вина освоила високи 93, 94 или 95 поени од можни 100. Колку ова ги отвора вратите за пласман на вината на ВВ „Тиквеш“ на странските пазари?

С. Јаневски: Во светот на виното, зборот и оценката на авторитет од калибарот на Роберт Паркер е голема работа која отвора многу врати, а во нашиот случај – нови пазари. Да добиете висока оценка за вино од една берба е добро остварување, но да добиете највисоки оценки од Паркер за вина од три последователни берби, каков што е случајот со нашите вина „Бела Вода“ и „Барово“, и притоа тие вина да бидат повисоко оценети и споредувани со најквалитетните вина од Франција кои редовно добиваат високи оценки, тогаш значи дека дефинитивно сте дел од елитното друштво на вина каде што ретко се случуваат изненадувања и каде што дефинитивно тешко се влегува. Можеби затоа љубителите на виното, особено во САД, толку многу му веруваат на Паркер. Секако неговите оценки ни го донесоа Ерик Соломон – најголемиот дистрибутер на странски вина во САД, а секако имаат влијание и врз останатите дистрибутери во Велика Британија, од скандинавските пазари и Кина, кои ги зголемија своите нарачки. Оценките на Паркер се значајна пресвртница за „Тиквеш“, но и за имиџот на Македонија како винска земја затоа што со нив за првпат македонските вина вистински станаа дел од светската винска елита.

Што покажува искуството, колку се разликуваат поодделните странски пазари во поглед на преференциите кон поодделни вина? Како ја оценувате сегашната состојба, но и изгледите за винарската индустрија во светот, а во тој контекст и за македонската?

С. Јаневски: Преференциите на потрошувачите на одделни пазари се разликуваат, но едно е константа, а тоа е големата конкуренција што владее на клучните вински пазари – САД, Велика Британија, Кина.... Таму се присутни сите производители што нешто значат на светската винска мапа. Традиционално застапени се француските, италијанските и шпанските вина, но и калифорниските вина, како и оние од Австралија, Чиле, Нов Зеланд. Високата конкурентност на пазарите, но и изменетите навики на консументите ја ставаат иновативноста на производителите во прв план, а токму таму лежи најголемата сила на „Тиквеш“. Ние ја вградивме иновативноста како водечки принцип на размислување и дејствување во сите фази на производството и во понудата. На лозовите насади имплементираме иновативни техники, прилагодувајќи ги современите искуства за што поквалитетно грозје. Користејќи ги поволностите што природно ни се овозможени од климата и почвата, како и експертизата на Филип Камби, еден од најреномираните консултанти за вино во светот, нашиот стручен енолошки тим создава автентични, енергични и моќни вина од локални и интернационални сорти. Произведуваме и до 50 различни вина, класификувани во посебни линии што се прифатливи за најголемиот број љубители на виното во светот. Врвот се вината создаени од грозје што потекнува од специфични микролокации - Барово и Бела Вода, а од неодамна и ексклузивните вина од брендот „Домен Лепово“, произведени на самиот посед каде што се одгледува грозјето.

Во Македонија има повеќе од 80 винарници. Има ли нешто со што носителите на економската политика во земјава можат да ѝ помогнат на домашната винарска индустрија?

С. Јаневски: Поддршката на институциите во развојот на домашната винарска индустрија е од големо значење и таа треба да продолжи и да се интензивира. Таа е значајна не само во делот на поддршката на производството на гројзе туку и во активностите поврзани со промоција на Македонија на странските пазари, вклучувајќи ја и промоцијата на виното како автохтон македонски производ. Ако се види искуството на светските вински велесили (старите, но и новите) ќе се забележи дека тие многу вложуваат во организирана заедничка промоција. Виното е приказна поврзана со автохтоноста, со поднебјето и традицијата на земјите и регионите. Македонија во последно време почнува да ги прави почетните чекори во овој правец и тоа треба да се поздрави и поддржи за да бидат уште поорганизирани и систематски. Токму во овој правец е и здружувањето на најголемите извозници на вино во здружението „Вина од Македонија“ и заеднички настап за промоција на Македонија како винска земја и промоција на македонската винска приказна. Паралелно со oвие активности секоја од винарниците индивидуално гради стратегии за сопствен настап и промоција на своите вина на странските пазари. И во овој дел „Тиквеш“ има најголемо искуство, отворајќи пазари на кои македонското вино до неодамна не било присутно. Тука е нашата лидерска улога како мотор за развојот на целата домашна индустрија.

ВВ „Тиквеш“ ја прошири својата понуда кон потрошувачите, поврзувајќи го виното со туризмот. Што правите на тој план? Како работи винскиот ресторан на ВВ „Тиквеш“?

С. Јаневски: За да станеме познат светски производител на врвно вино, но и за угледот на Македонија како винска земја, не е доволно да се претставиме добро во странство. Доколку сакаме да ја продадеме нашата приказна во странство, треба да почнеме од дома, да си ја раскажеме меѓу нас, како и на странците кои престојуваат овде и кои можат да го рашират гласот за нашето вино низ целиот свет. Затоа ние вложуваме долгорочно во развојот на винскиот туризам, но и во развојот на винската култура во земјава. На полето на винскиот туризам, бројот на туристички посети на винарската визба „Тиквеш“ е во континуиран подем, особено од отворањето на винскиот ресторан во 2008 година и неговото проширување во 2013 година. Но, вистинскиот домашен предизвик е развојот на винската култура – едукација на консументите за предностите на умереното пиење вино, неговото благотворно влијание врз здравјето, истакнување на спецификите на македонските автохтони сорти, впарувањето на виното со храната и други значајни аспекти. И на ова поле сме особено активни. Организираме специјални сомелиерски академии, дегустации и други настани поврзани со градење на винската култура, каква што е манифестацијата посветена на младото вино, која веќе прераснува во традиција и која оваа година дополнително ја поврзавме со прославата на 130-годишниот јубилеј.

Огромно внимание во јавноста предизвика веста што Ве поврза Вас (инвестициската група „М6“) со „Белградската индустрија на пиво“ (БИП), како и со „Бадел“, производителот на жестоки пијалаци од Хрватска. Ќе се затвори ли кругот кога ќе се стават под капата на иста компанија производството на вино, пиво и жестоки пијалаци? Кажете ни повеќе за овој регионален проект со сериозни димензии.

С. Јаневски: Мојот план за вложување во „Белградската индустрија за пиво“ (БИП) и хрватски „Бадел“ произлезе од идејата за здружување на сродните сегменти од регионалната индустрија за пијалаци – сегментот на вино каде што лидер е „Тиквеш“, сегментот на пиво со БИП и оној на жестоките пијалаци каде што најпознат регионален производител е „Бадел“. Оваа идеја во мене се развива веќе 30 години и сѐ уште сметам дека е изводлива доколку, се разбира, се создадат вистинските услови за нејзина реализација.

Во овој контекст, можен ли е воопшто долгорочно одржлив развој и опстанок на која било македонска фирма без ширење на регионалниот / светскиот пазар?

С. Јаневски: На долг рок не постои можност за раст и развој без да се размислува и конкретно да се работи на проширување, прво на регионалните, а потоа и на светските пазари. Едноставно Македонија е премал пазар за каков било производ или услуга. Колку побрзо го сфатиме тоа, толку побрзо можеме да се подготвиме и да фатиме приклучок. Во спротивно ќе им оставиме на следните генерации многу желби, но малку перспективи.

Годинава во Дубровник ја добивте престижната меѓународна награда „Креатори за столетијата“ за животно дело во претприемништвото, што Ве вброи во најзаслужните за развојот на претприемништвото во Југоисточна Европа. Во Вашата досегашна исклучително богата бизнис кариера, кој беше предизвикот што го сметате за најголем?

С. Јаневски: Јас сум човек кој живее од предизвици. Тие се мојот адреналин. Колку е поголем предизвикот, толку се поголеми мојата енергија и упорност. Оттаму ми претставува тешкотија да изберам еден единствен предизвик кој би го сметал за најголем. Оние кои се постојано околу мене и кои ми даваат голема поддршка, а тоа пред сѐ е моето семејство, но и моите соработници, партнери и пријатели, можеби како најголем предизвик го сметаат заминувањето од „Пивара Скопје“ и почетоците на вложувањата во „Тиквеш“. Во тие денови имаше и луѓе кои ми велеа дека тоа е ризична авантура. Но, од денешна дистанца се покажа дека бев во право кога им велев дека ако имаш визија, план и добар тим кој те разбира и те следи, ниеден предизвик не е непремостлив. Се разбира, треба да го видите потенцијалот онаму каде што другите гледаат само проблеми, нешто што, се чини, е мојата силна страна. Затоа и наградата „Креатори за столетијата“ ми е особено драга бидејќи ја препознава и вреднува таа моја особина.

Вие сте дипломец на Технолошкиот факултет. Што мислите за иднината на пазарот на трудот? Ќе бара ли пазарот сè повеќе кадар со образование од областите што Американците заеднички ги означуваат со скратеницата СТЕМ (наука, технологија, инженерство и математика)?

С. Јаневски: Имам впечаток дека земјата набрзо ќе се соочи со сериозен недостаток од квалитетен кадар, а особено во делот на инженерството. Тоа е поразително за една земја што сака да напредува, а особено на планот на нејзиниот натамошен економски развој. Кај нас сѐ повеќе се занемарува образованието од областа на природните науки што, секако, е грешка. Тоа што сум стекнал високо образование од областа на технологијата, во животот лично ми помогнало многу. Ми овозможило работите да ги согледам од реалната страна, да ги одделам битните од помалку битните нешта и да го одредам значењето на постојаните иновации во креирањето на додадената вредност на производите и во бизнисот во целина. Исто така многу теории во економијата и бизнисот се темелат на математички модели и влечат корени од природните закони и затоа во предност се оние кои имаат знаење токму од овие области.

Истовремено во Силиконската долина во САД се јавуваат мислења дека професионалците, на пример во ИТ индустријата, би имале голема корист доколку во студентските денови учат филозофија затоа што таа би им помогнала подобро и подлабоко да ги разберат нештата. Мислите ли дека и во Македонија треба да се посвети поголемо внимание на филозофијата и таа да биде повеќе застапена во образовните програми?

С. Јаневски: Ми се чини дека еден од клучните проблеми во нашето општество е тоа што сите се „филозофи“. Сите знаеме сè, но се прашувам дали навистина е така!? Во реалноста киксираме кога ќе се соочиме со потребата од визионерство и вистински решенија. Имаме хроничен недостиг од мудрост во нашето општество и знаење како да го препознаеме лидерството што ќе ни го покаже патот кон подинамичен развој. Имам впечаток дека сите знаат каде сакаме да стигнеме, но истовремено ги мачи чувството дека се качиле во погрешниот воз. Затоа сметам дека неопходна ни е филозофија што ќе нѐ врати на вистинскиот пат. Веројатно добар начин како да ја востановиме е да почнеме да ја изучуваме и тоа на сите академски програми, особено оние од областа на економијата, бидејќи таму се создаваат идните лидери на деловниот свет.

Мислите ли дека да се биде човек кој верува во сопствениот сон и во тоа дека не постои недостижна цел е исто толку важно колку и формалното знаење стекнато низ процесот на едукација?

С. Јаневски: Се разбира, треба да верувате во себе и во своите амбиции. Тоа е основата за што било во животот. Без нив не можете да купите автомобил, а не пак да почнете нов бизнис или пак да преземете ризик со некакво вложување кое можеби на долг рок ќе ви се исплати. Но, истовремено со вербата потребно е да вложувате во себе, во своето знаење и во своите вештини. Дефинитивно едно без друго не оди. Учењето не престанува во текот на целиот живот. Ако мислите дека знаете сѐ, тогаш стоите на прагот на бездната и чекате да ве турне првиот што го научил она што вие не го знаете, а ви е неопходно за да продолжите понатаму.

За крајот на ова интервју и едно прашање кое допира до еден специфичен вид на патриотизам што домашнава средина сѐ уште не го вреднува доволно. По продажбата на „Пивара“ на светски познати странски купувачи, многумина на Ваше место со парите ќе заминеа во странство и ќе живееја мирен живот. Вие одлучивте да останете во Македонија и да продолжите да инвестирате во земјата и регионот. Ова е храбра одлука и исклучително силна порака до бизнис секторот во Македонија. Зошто донесовте одлука да останете?

С. Јаневски: Одлуката да останам во земјава и да инвестирам првенствено овде, во Македонија, е резултат на мојот карактер и моите лични убедувања. Имено, јас верувам дека секој успех почнува од дома. Тука ги добивате првите шанси во животот. Тука ги создавате првите контакти, го стекнувате првото знаење, ги добивате првите видици и учите како функционира останатиот свет. Понатаму, се разбира, сѐ зависи од вас, но останува дека првите и можеби најважните шанси во животот сте ги стекнале овде, дома, и затоа треба да најдете начин како да се оддолжите за тоа. Мојот начин е во тоа што најдобро го знам – во инвестициите, во создавањето на нови вредности, нови перспективи за успех во бизнисот, за луѓето овде во Македонија. Така било и така и ќе остане и во иднина.

Ви ја честитам Новата 2016 година и Ви посакувам прославување на уште многу јубилеи.

 

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО