Општество

РЕВОЛУЦИЈА НА ПРЕТПРИЕМАЧИТЕ

Зоран Витанов

Слободата не е наследство, таа мора да се постигнува секојдневно

 

Пред 250 години во САД се случи револуција. Овој настан буквално го смени курсот на светската историја. Таа беше предводена од луѓе кои не сакаа друг да им диктира што да прават, кога и како да го прават тоа. Не сакаа повеќе нивните животи да ги контролираат некои други. Се собраа и објавија Декларација: „Доста беше, вака повеќе не сакаме да живееме!” Таквиот дух на тие луѓе ја створија најсилната економија на сите времиња. Пред 100 години и нашите предци се дигнаа против отоманската тиранија, пред 70 години и нашите дедовци се дигнаа против фашизмот. Поучен од овие генерации, и гледајќи каде оди светската економија 250 години подоцна, се прашувам: „Каде отиде тој дух денес?“
Постои еден општествен закон кој жаргонски се нарекува „Закон на употребата” кој вели дека сè што не го употребуваш, го губиш. Ако спортист не тренира, ги губи спортските вештини, јас долго немав напишано текст со кириличен фонт, па не можев да ја најдам буквата „ч” на пример пишувајќи го овој текст. Така е и со слободата: „Ако не ја практикуваш, ја губиш!“ (If you don’t use it, you’re gonna loose it). Слободата не е наследство, таа мора да се постигнува секојдневно.
Така, на пример, на почетокот на 20 век помалку од 10% од луѓето работеле за друг, додека 90% работеле за себе, сами си го ваделе сопствениот леб, што би рекол дедо ми кој пораснал како земјоделец и почина како земјоделец. Беше независен човек, со полн амбар сопствена пченица, со живина и со стока во дворот. На крајот на 20 век неверојатни 92% од луѓето работат за друг, а само 8% од луѓето работат за себе. За само еден век се променивме, направивме драматични промени и од независни се претворивме во зависни луѓе. Се променивме од луѓе како дедо ми, кои преземаа целосна одговорност за сопствениот живот, во луѓе како моите врсници кои се претворија во врвни мајстори да најдат виновник зошто не им оди во животот без притоа ништо да не направат самите за да им се подобри животот. Дедо ми не чекал друг да му го наполни амбарот! Сè што барал е здравје за да може сам да си го извади лебот! Денешниот просечен човек е човек полн со изговори, со полн список на виновници зошто не му оди или, како што еден мој колега од студентски денови, своевремено врвен ученик, се изрази за себе: „Јас сум само збир на огледала кои го одразуваат она што моите претпоставени го очекуваат од мене”. Замислете, денешен просек, а пред само две децении беше перспектива на нашето општество! Во меѓувреме, како што вели самиот - станал „реален“! Живееме животи да ги задоволиме сите околу нас, а тие околу нас го прават истото тоа.
Ние не дејствуваме, ние само реагираме!

Психолозите тој тип луѓе го нарекуваат луѓе со надворешно лоцирана контрола. Ние не сакаме да бидеме извонредни, само сакаме „да се вклопиме”. Се задоволуваме со просечноста. Обучени сме да одговориме, но не и сами да одбираме! Дедо ми бил човек со внатрешно лоцирана контрола.
Секој жив организам на оваа планета има само една цел: да ги исполни сите свои потенцијали во својот живот. Од семката на желадот израснува огромен даб, а од желадите на тој даб израснува цела шума. Од секое ждребе израснува коњ. Но, човекот има поинаква мисија за разлика од сите други живи суштества, нам ни е дадена можноста да избереме во што ќе израснеме, дури и дали ќе растеме воопшто или само ќе се прилагодуваме со живуркање.
Кога човек ќе избере да расте, две нешта се случуваат.
Прво: човекот си ја прифаќа одговорноста за постапките кои сам си ги одлучил, па според тоа за сè во животот е свесен дека сам си е „крив” или „заслужен”.
Второ: во тој случај, надворешната дисциплина се заменува со нешто многу повредно - со самодисциплина.
Следствено на тоа, сè што се случува околу нас е точно тоа што сме си го заслужиле, но добра вест е дека сè зависи од нас. А што, всушност, се случува околу нас? Светот се менува побргу од кога било порано. За промени, за кои беа потребни децении, или дури и векови, сега се потребни година, па дури и месеци. Ова што го гледа просечниот човек денес е илузијата на животот каков што беше пред неколку децении, како на пример дека работното место гарантира сигурност како извор на приход до крајот на животот. Но, вистината е дека за првпат во човечката историја новите генерации (доколку продолжиме така) ќе бидат понеуспешни од претходните генерации. Луѓето работат сè повеќе и повеќе, а стандардот им е сè понизок и понизок, имаат сè помалку време и сè помалку слобода, живеат под постојан притисок. Дури и кога претпоставениот ги сака, поради рационализирањето на трошоците и конкурентноста, тој ќе мора да ги отпушти. Има еден податок кој е застрашувачки: во понеделник наутро бројот на срцеви удари драматично се зголемува за неверојатни 35% затоа што луѓето одат на работа која не ја сакаат, прават работи што мораат да ги прават наместо кои би сакале да ги прават, седат на работни места со луѓе со кои не би сакале да бидат, го работат тоа што ќе им се каже наместо тоа што го сакаат! Луѓето се исплашени за својата иднина, па доброволно прифаќаат да се прилагодуваат наместо да растат. Од слободни луѓе, со внатрешно лоцирана контрола, се претвораат во луѓе со надворешно лоцирана контрола. Се претвораат во модерни робови. Технологијата забрзува, масовно изумираат традиционалните типови работни места, а со бегалската криза има сè повеќе луѓе кои се спремни истата ваша работа да ја работат со ист или дури подобар квалитет за помалку пари. Секој кој нема доволно вештини станува лесно и многу веројатно заменлив, па со цел да не им се случи губење на работното место луѓето доброволно се сложуваат да работат за помалку пари. Дури и принципот „учи и најди си добра работа” е илузија од минатото која не соодветствува со денешната реалност. Време е за нова, модерна револуција. На светот повторно му требаат луѓето со внатрешно лоцирана контрола, луѓе - лидери, луѓе - претприемачи!

На светот, како никогаш порано, му се потребни лидери! Постојат луѓе кои бараат изговори и постојат луѓе кои бараат резултати.
Всушност, од секогаш низ историјата постоеле три вида луѓе:
Првите се песимисти кои, ако ги прашаш каква иднина очекуваат, се разбира, ќе ви одговорат дека очекуваат полоша иднина. Тоа се луѓе кои се, пред сè, штетни за самите себе бидејќи ако навистина се случи иднината да им испадне полоша, тие среќни ќе ви се обратат со зборовите: „Нели ти реков?“. Поважно им е што погодиле, отколку да им биде подобро.
Вторите се реалисти, најмасовна група на луѓе, кои поставуваат реални цели и речиси секогаш си ја остваруваат својата цел. Ним им е витално важно да си ги остварат целите за да ѝ покажат на околината дека се успешни бидејќи според дефиницијата на реалистите, успешен човек е оној кој си ги остварува своите цели.

МОЈА ПРЕПОРАКА ДО СИТЕ МЛАДИ ЛУЃЕ Е ДА СЕ ОДВАЖАТ, ДА ОСТАНАТ ВИЗИОНЕРИ И ДА НЕ ПРИМААТ СОВЕТИ ОД НИКОЈ, А ПРЕПОРАКИ ДА ПРИМААТ ИСКЛУЧИВО ОД ПОУСПЕШНИТЕ ОД НИВ ВО ОБЛАСТА ВО КОЈА ТИЕ САКААТ ДА ПОСТИГНАТ РЕЗУЛТАТИ. РЕЛЕВАНТЕН ЗА ПРЕПОРАКА ДА ИМ БИДЕ САМО ОНОЈ КОЈ Е НАД НИВ, ОНОЈ КОЈ ВЕЌЕ ПОКАЖАЛ РЕЗУЛТАТ ДОСТОЕН ЗА ИНСПИРАЦИЈА!

Третата група на луѓе се визионерите. Тоа е мала група на лудаци, ненормални луѓе кои поставуваат нереално високи и недостижни цели, тоа се луѓе кои немаат допир со реалноста и се исмевани од реалната средина во која живеат. Но, колку и да изгледа чудно, токму таа група на луѓе денеска очајно ни треба и токму таа група на луѓе единствено може да го спаси човештвото. Тоа се луѓе кои не ја перципираат и не ја прифаќаат реалноста поради што наидуваат на огромен отпор од реалистите. Замислете ако Ганди наместо визионер бил реалист. Тој немал допир со реалноста, не сакал да ја прифати реалноста која во негово време била дека Индија е англиска колонија. Замислете Мандела да имал допир со реалноста - би останал роб како црнец во Јужноафриканската Република. Замислете Бил Гејтс да имал допир со реалноста, никогаш не би ни помислил во неговата блиска иднина на секое биро и во секој дом да има компјутер. Токму затоа што немале допир со реалноста и биле визионери, тие секогаш поставувале нереално високи цели, но затоа драстично ги подигале стандардите над своето време! Тие секогаш биле исмевани, малтретирани, дури и од нивните најблиски, дури и од оние кои страдале заедно со нив. Биле постојано деморализирани со зборовите „ти ли си најпаметниот”, „што се замислуваш ти”, „наведната глава сабја не сече”, „остави други будали да се занимаваат со тие проблеми”, „што не си најдеш нормална работа” и слично.
Од досега кажаното јасно е дека токму реалистите се најштетната општествена категорија во историјата на човештвото, тоа се убијци на нашата иднина, тоа се медиокритетите кои секојдневно вршат масакр на илјадници и илјадници визионери, кои под нивен притисок се претвораат во нови реалисти. Сосема е јасно дека денес владеат медиокритетите и сосема е јасно дека треба да се одважиме над нив, да се оглувиме на нивните реакции затоа што тоа се луѓе со просечни резултати и гарантираат просечни животи. Моја препорака до сите млади луѓе е да се одважат, да останат визионери и да не примаат совети од никој, а препораки да примаат исклучиво од поуспешните од нив во областа во која тие сакаат да постигнат резултати. Релевантен за препорака да им биде само оној кој е над нив, оној кој веќе покажал резултат достоен за инспирација! Што би рекле Американците: „If you don’t show it, you don’t know it!” Сите останати се медиокритети кои имаат интерес да останете просечни. Имате еден живот, на крајот кога ќе резимираме како сме го потрошиле не е целта да кажеме „не беше лош“, тоа може секој да го каже. Треба да кажеме: „беше ремек-дело” и да се гордееме да инспирираме други визионери. Тоа му го должиме на човештвото! Време е за нова револуција, револуција на претприемачите!

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано