Интервјуа

ПОЛИТИЧАРИТЕ МОРА ДА РАБОТАТ ЗАЕДНО

Воутер Пломп

 



На 1 јануари 2016 година Холандија го започна шестмесечното претседателство со Советот на Европската унија. Програмата на холандското претседателство изгледа многу амбициозна и се фокусира на четири клучни области. Да започнеме со првата, миграција и меѓународна безбедност. Кои се Вашите согледувања за сегашната бегалска криза? Гледиштата варираат од тоа дека приливот на бегалците би можел да доведе до голем раст во европските крајно десничарски политички сили до тоа дека бегалците би можеле да бидат новата работна сила која ќе биде многу потребна со оглед на сè поинтензивното стареење на европската популација. Како ги оценувате последиците, опасностите и можностите што произлегуваат од бегалската криза?

В. Пломп: Програмата на холандското претседателство е дел од таканаречената Трио програма на трите држави што ќе претседаваат со Советот на ЕУ во наредните 18 месеци – Холандија, Словачка и Малта. Трио системот беше воведен со Договорот од Лисабон од 2009 година со цел да се обезбеди континуитет во работата на ЕУ. Нашите три држави се согласија да работат заедно и да му посветат особено внимание на концептот на паметни граници кој се стреми кон подобрување на управувањето со надворешните граници на државите-потписнички на Шенген, борба против нерегуларната имиграција и спроведување на активностите предвидени со европската Агенда за миграција, вклучувајќи и понатамошна работа на развојот на Заедничкиот систем за азил на ЕУ.
Истовремено оваа европска агенда согледува дека ЕУ е соочена со долгорочни демографски и економски предизвици бидејќи нејзината популација старее, а потребата од високообразована работна сила расте. Оттука таа треба да продолжи да биде привлечна дестинација за легалните мигранти.

Што би можело да биде решение за ова многу чувствително прашање? Подигнување огради на границите меѓу државите секако не е одржливо решение.

В. Пломп: Мигрантската криза откри одредени слабости во областа на слободата, на правдата и на безбедноста во Европа, кои бараат итно внимание и заеднички пристап од сите држави-членки на ЕУ, како и од земјите кои се кандидатки за членство, а кои ги чувствуваат последиците, каков што е случајот со Македонија.
Планот за справување со кризата е трикратен: управување со приливот на луѓе, заштита на границите на Европа и дејствување врз причините за миграцијата. Долгорочно решение може да произлезе единствено од заеднички и од сеопфатен пристап кој ќе овозможи правична распределба на бегалците низ ЕУ и кој ќе им понуди можност да се вратат во државите од кои потекнуваат доколку е тоа возможно или да се интегрираат во општеството. На краток рок, ЕУ презема различни активности за заштита и за борба против криумчарењето мигранти поради кое во текот на 2014 и 2015 година речиси 7.000 луѓе ги загубија животите. Како што нагласи нашиот премиер Кундерс во неговото писмо до холандскиот парламент, Европската унија се заснова на фундаменталните вредности на слобода, на демократија, на владеење на правото, на еднаквост и на солидарност, и луѓето кои бегаат од војна или од угнетување не треба да бидат приморани да ги стават своите животи во рацете на криумчарите.



Здрав финансиски систем и силна еврозона е уште еден од приоритетите наведени во програмата на холандското претседателство. Еврозоната успеа да ја преживее грчката должничка криза. Дали очекувате помирен период?

В. Пломп: Холандското претседателство ќе го продолжи трендот кој започна по 2009 година, а кој ги поставува растот и вработувањето на врвот на економските и финансиски приоритети. Државите-членки на ЕУ мора да продолжат со структуралните реформи и координираната економска политика со цел да се обезбедат здрави буџети во модерните економии.
Како што рече и холандскиот министер и претседател на Еврогрупата, Жерон Дијселблум, преку силен нагласок на здравата фискална политика Холандија ќе се стреми кон понатамошно јакнење на ЕМУ. Фокусот ќе биде ставен на реформите и на фискалната консолидација, продлабочување на единствениот пазар и промовирање на подобро владеење. Холандската влада, исто така, планира во текот на претседателството со ЕУ да започне дебата за новата и реформирана Повеќегодишна финансиска рамка. Оттука, во периодот што следува, ќе бидеме соочени со предизвици и во оваа област.

СПОРЕД ГЛОБАЛНИОТ ПРЕТПРИЕМАЧКИ МОНИТОР, ПРЕТПРИЕМНИШТВОТО Е ОДГОВОРНО ЗА ДВЕ ТРЕТИНИ ОД ИНОВАЦИИТЕ И ОТТУКА ЕДЕН ОД ГЛАВНИТЕ ЧЕКОРИ ВО ПРОМОВИРАЊЕ И СТИМУЛИРАЊЕ НА ИНОВАЦИИТЕ Е ПОДОБРУВАЊЕ НА ПРЕТПРИЕМАЧКАТА КЛИМА, ШТО Е И ЦЕНТРАЛНА ТЕМА НА ХОЛАНДСКАТА ЕКОНОМСКА ПОЛИТИКА

Неизбежно следниот приоритет е исто така поврзан со економијата, т.е. со Европа како креатор на работни места. Меѓутоа, она што е интересно во овој контекст е тоа дека нагласокот се става на Европа како иноватор. Кој е холандскиот модел на стимулирање на иновациите?

В. Пломп: Се смета дека Холанѓаните се многу иновативни, според Глобалниот индекс на иновациите се наоѓаме на петтото место во светот. Ова најверојатно е резултат од нашата историска борба со морето – било неопходно да бидеме иновативни и креативни со цел да ја сочуваме нашата земја сува. Од друга страна, тука е и претприемачкиот дух на Холанѓаните – речиси 12% од холандските вработени луѓе се самовработени.
Според Глобалниот претприемачки монитор, претприемништвото е одговорно за две третини од иновациите и оттука еден од главните чекори во промовирање и стимулирање на иновациите е подобрување на претприемачката клима, што е и централна тема на холандската економска политика.
Друг столб на иновацијата е, секако, образованието во кое многу вложуваме. Во 2014 година, Кампусот на Ајндховен беше прогласен за „најинтелигентниот квадратен километар во светот“ поради големата концентрација на истражувачи и бројот на патенти регистрирани од еден истражувач.

Четвртиот приоритет е напредна климатска и енергетска политика. Што може да очекуваме од холандското искуство во врска со ова прашање?

В. Пломп: Холандското претседателство го поддржува преодот кон таканаречената циркуларна економија, која ги инкорпорира одговорното користење на ресурсите и енергијата и економските цели во одржлив модел на раст. И овде се подразбира инвестирање и стимулирање на иновациите, било да се работи за намалување на емисиите на СО2 или промовирање на паметни и еколошки решенија за транспорт. Во оваа насока, резултатот од конференцијата ЦОП21, односно Договорот од Париз, ќе бидат важна појдовна точка.

Четирите гореспоменати приоритети изгледаат сосема на место. Сепак, постои секогаш сенката на расчекорот меѓу целите на ЕУ и нејзината способност да ги спроведе. Дали мислите дека комплексноста на структурата на ЕУ е можна пречка за поефикасно донесување одлуки? Дали може да се направи нешто во врска со ова?

В. Пломп: Мора да имаме на ум дека функционирањето на Унија составена од 28 земји-членки не може да биде едноставно. Можеби процесот на донесување одлуки е комплициран и долг, но она што е важно е дека кога еднаш ќе ги донесеме тие одлуки, се држиме до нив и ги спроведуваме. Холандското претседателство се фокусира на основите и сите четири приоритети се директно поврзани со граѓаните и со нивниот просперитет, слобода и безбедност – прашања кои вистински нè засегаат сите нас. Овие приоритети воедно покажуваат дека постојат многу повеќе нешта кои нè поврзуваат од тие што нè раздвојуваат и дека ЕУ, всушност, ги прави државите посилни.

Да се свртиме кон Македонија. Дали можеме да очекуваме конкретни холандски иницијативи во врска со нерешеното прашање меѓу Република Македонија и Грција?

В. Пломп: Главната тема на холандското претседателство оваа година е поврзување, што значи дека ќе се обидеме да бидеме сигурен и ефикасен претседавач кој ќе го промовира компромисот како начин да се оди напред. Оваа улога ѝ прилега на мојата земја бидејќи поттикнувањето на компромисот отсекогаш било една од нашите неопходни карактеристики и силни страни без кои Холандија буквално не би постоела. Верувам дека и Македонија и Грција треба да ги увидат заедничките поволности од постигнувањето компромис и придвижувањето напред за доброто на луѓето од двете држави, нивните економии и нивниот раст и да се свртат кон иднината наместо кон минатото.

Холандија е многу важна за Македонија. Македонија е членка на холандската конституенца во ММФ и во Светската банка. Освен тоа, Македонија има добиено голема техничка поддршка во многу области, како што е централното банкарство на пример. Која е Вашата оцена за економската соработка меѓу двете држави? Што може да се направи за таа да се зголеми?

В. Пломп: Холандија придава големо значење на добрите односи со Македонија, која е членка на нашата конституенца во ММФ, во Светската банка и во ЕБОР. Ние сме еден од најголемите поддржувачи на реформите во управувањето со јавните финансии во Македонија, започнувајќи од развојот на владиниот пазар на обврзници, зајакнувањето на внатрешната и надворешната ревизија, воведувањето на јавната внатрешна финансиска контрола и реформирањето на многу други области. Проектите за збратимување кои беа насочени кон зајакнување на капацитетите на Управата за јавни приходи и Царинската управа и нивна трансформација во институции што ги користат најдобрите европски практики имаат дополнителна вредност преку спроведувањето на еден вид холандски пристап прилагоден за македонските потреби.
Со завршувањето на поддршката за развој, соработката меѓу холандското и македонското министерство за финансии продолжи преку ИПА инструментите и програмата на конституенцата со цел да се обезбеди поддршка на Министерството за финансии на Република Македонија во достигнувањето на европските и на меѓународните стандарди во областа на транспарентни и на цврсти јавни финансии. Ова го правиме затоа што сметаме дека силно и добро функционално министерство за финансии има клучна улога во имплементирањето на политики за поттикнување на економскиот развој и на вработувањето.

Меѓународната заедница во Македонија испрати многу силна порака до локалните политички актери. Ова беше направено на невообичаено отворен начин. Како ја оценувате моменталната политичка ситуација во државава?

В. Пломп: Како што изјави премиерот Кундерс пред Европскиот парламент, вистинската сила на нашите демократии е во тоа што можеме да ги согледаме недостатоците, да разговараме во врска со нив, да ги признаеме и да ги поправиме. Бидејќи тоа е суштината на демократијата. Меѓународната заедница ги поддржува напорите на Македонија за влез во ЕУ кој се заснова на одредени вредности и начини на работа, но на крајот оваа држава, нејзините институции и луѓе се тие кои треба да ги донесат одлуките.

МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА ГИ ПОДДРЖУВА НАПОРИТЕ НА МАКЕДОНИЈА ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ КОЈ СЕ ЗАСНОВА НА ОДРЕДЕНИ ВРЕДНОСТИ И НАЧИНИ НА РАБОТА, НО НА КРАЈОТ ОВАА ДРЖАВА, НЕЈЗИНИТЕ ИНСТИТУЦИИ И ЛУЃЕ СЕ ТИЕ КОИ ТРЕБА ДА ГИ ДОНЕСАТ ОДЛУКИТЕ

Се има ли и Холандија соочено со слични предизвици? Како треба да се справиме со прашањето на поделено општество? Како да создадеме средина во која инклузивноста ќе биде многу поголема и во која компромисите многу полесно ќе се постигнуваат? Што можеме да научиме од холандското искуство?

В. Пломп: Во случајот со мојата држава, нејзината независност е воспоставена пред 400 години и секако дека ми е јасно оти историјата на Балканот е различна. Меѓутоа, и ние во Холандија се соочувавме со многу предизвици во поново време, како што е приливот на мигранти од 1945 година, најпрво од Индонезија, потоа од Југоисточна Европа, а во седумдесеттите и од Суринам. Процесот на интеграција подразбира напорна работа од сите страни и трае и по неколку генерации. Но, од друга страна, нашите држави не би биле она што се денес без оваа извонредна мешаница од култури! Мора да сфатиме дека заедно вредиме многу повеќе!

Која би била Вашата сумирана порака до политичарите во Македонија?

В. Пломп: Би рекол дека тие мора да работат заедно и да не се доживуваат како непријатели. Да се осврнат на сè што последниве 25 години независност ѝ донесоа на оваа држава и на сè што таа постигнала. Вистинската мерка на секоја демократија е начинот на кој се прифаќаат малцинствата, било да се работи за етнички, политички, културни или какви било малцинства.

Историски врската меѓу Холандија и Македонија била отсекогаш силна, особено кога се работи за туризмот и за Охрид. Дали имате чуено некакви впечатоци од холандските туристи кои доаѓаат овде?

В. Пломп: Минатата година имавме рекорден број од 30.000 холандски туристи и сите имаат одлични впечатоци, најмногу од убавината на природата и културата кои мора да се зачуваат, како и од гостопримството на македонскиот народ! Македонија ја има предноста на толку разновидна природа која може да се искористи уште повеќе со цел да се промовира одржлив туризам. Охридското Езеро е нешто посебно, со единствен биодиверзитет и Холанѓаните имаат многу силна врска со него, благодарение и на книгите од А. Ден Долард кои го претставуваат на многу романтичен и сликовит начин.

Животот на еден дипломат подразбира селење од една до друга држава, прилагодување, обезбедување квалитетно образование за децата итн. Доаѓате овде од претходниот дипломатски ангажман во Индонезија. Кои се Вашите лични впечатоци за Македонија?

В. Пломп: Првата очигледна разлика, покрај климата секако, е времето кое ми е потребно да стигнам од едно до друго место. Сè е толку блиску, и тоа ни го олеснува животот и на мене и на моето семејство. Разновидноста на пејзажот во Македонија е вистинска реткост. Патувањето до Битола во студен јануарски ден е фантастично искуство кое можат да го понудат само мал број места во Европа!
Гостопримството на македонскиот народ е исто така нешто посебно, заедно со одличната храна и прекрасната природа! Моето семејство го обожува вашиот домашен ајвар, а јас сум воодушевен од квалитетот на македонските производи.

 Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО