Општество
РОБОТИТЕ СЕ (СÈ УШТЕ) НЕВИНИ
Тања Јакоби
Авторот е економски новинар од Белград, Србија
На Ana.rs, еден од најпосетуваните онлајн портали во Србија, се протега километарска дискусија за роботизираната правосмукалка iRobot Roomba 650. Во едниот табор се сопствениците на правосмукалката кои тврдат дека роботот помошничка одлично им ја чисти куќата и им дава слободно време за многу други работи, а во другиот табор се оние кои стојат на позицијата дека без човечка рака нема добро избришан и исчистен под.
На прашањата од оваа дискусија за модерната правосмукалка се сведуваат и две клучни дилеми за влезот на роботите во нашиот живот. Едната дилема е дали роботите се (веќе) поспособни од луѓето. Другата е каква ќе биде судбината на луѓето кога еднаш ќе имаат слободно време, ама (можеби) не и работа.
На оваа дискусија, која се води од 50-тите години од минатиот век, најнова енергија ѝ даде Клаус Шваб, основачот на Светскиот економски форум во Давос, кој ден пред отворањето на форумот на моќните, на богатите и на влијателните, со коавтори објави студија која оценува дека многу брзо, поради подемот на роботизацијата, најмалку 5,1 милион луѓе во 15 најразвиени економии ќе останат без работа.
Клучната претпоставка што стои зад оваа студија е дека, наспроти поранешните верувања, со порастот на автоматизацијата на едноставните мануелни работи нема да биде отворен ист или поголем број на напредни работи за луѓето, како што тоа беше случај од Индустриската револуција наваму. Напротив, релевантните студии покажуваат дека напредокот на автоматизацијата ги зафаќа работните места и на сините и на белите крагни. Како пример за сините крагни, потсетете се на пример на податокот колку работници имаше една пиварница на Балканот пред приватизацијата, а колку ги има сега. Пет до шестпати помалку вработени не е само мерка за неефикасноста на социјалистичката економија, туку и ефектот на новите технологии што се вселија во старите индустриски сали. Како пример за вторите погледнете ги многу цитираните роботи што го победија шаховскиот велемајстор Каспаров или прошетајте се до некој од пазарите за користени работи. Најверојатно таму ќе најдете мала справа која, кога ќе ги впишете симптомите што ги чувствувате, може да ви исфрли дијагноза од што боледувате. Можеби пазарот за користени работи не е најдоброто место за барање медицински совет, ама во медицината и во правото, на пример, роботите мошне успешно ги заменуваат младите лекари и правници - приправници.
На лавината студии и текстови, што во последните неколку години редовно се појавуваат речиси на дневна основа во медиумите, Давос им даде два не големи новитети. Еден е предлогот за воведување нова мерка – стабилност на вештината (skill stability), која треба да овозможи квантификација на отпорноста на вештините во рамките на одредени работни задачи (на пример, замената на уредникот на веб-страници во медиумите со автоматизирани агрегатори на вести), семејството на работни задачи (на пример, роботизирано пишување вести наспроти креативен новинарски труд какво што е пишувањето на коментари) или на цели индустрии. Нешто слично веќе направи Мекинзи, по нивните мерила засновани на денес познатите и применети технолошки достигнувања новинарите подолго ќе ја сочуваат својата работа одошто контролорите на летови или камионџиите.
Вториот домет на Давос е апелот за здружување на силите на 15 развиени економии, што се одговорни за 65% од работната сила на глобалниот пазар, да најдат одговор за проблемот на (потенцијално) невработени луѓе. Суштината е дека разгледувањето на влијанијата на роботите се сели од научно-фантастичните филмови и книги во секојдневната деловна агенда.
Зошто за повеќе од половина век откако се зборува за автоматизацијата не се случи ништо што би било заканувачки за луѓето? Зошто досегашниот процес на автоматизацијата не доведе до вишок на слободно време за луѓето како што тоа го предвидувале Кејнз или познатиот тинк тенк Ранд корпорација (Rand Corporation), туку напротив, ги одведе до работна недела со продолжен број на работни часови? Зошто на страната на продуктивноста, која константно стагнира, ништо не укажува на влез на автоматизацијата на голема врата во нашиот живот? Дел од одговорот за поместеното дејство на автоматизацијата лежи во фактот дека во втората половина на 20 век, со откривањето на можноста за аутсорсинг, големите компании своите сили ги насочија во пренесување на своите капацитети во земји со бројна и со евтина работна сила, а не во иновации. Одлуката на „Адидас“ својата потполно автоматизирана фабрика за патики годинава да ја отвори во својата матична земја Германија зборува не само за тоа дека пораснале кинеските плати туку и дека мошне лесно на удар можат да се најдат и младите работници кои штотуку добија работа во Врање, во фабриката за обувки на „Геокс“ или во која било друга масовна фабрика за шиење или за плетење или во фабрика за автомобилски делови на Балканот, сите со ниско технолошко ниво. Во една неодамнешна анкета американските фирми рекоа дека се сѐ посигурни во својата одлука со темпото на автоматизација да ги преселуваат производните погони во својата матична земја.
Друг дел на одговорот за актуелноста на автоматизацијата денес лежи во развојот на индустрискиот интернет. Тој ја отвори можноста за меѓусебна комуникација на различни машини, нивно спонтано учење и подем на индустрија 4.0 со која, меѓу другите, експериментираат САД, Германија, Кина, Јужна Кореја и Јапонија.
Една од причините поради кои сѐ уште не гледаме големи вишоци на работна сила е фактот дека автоматизацијата е распространета во секторот услуги (банкомати наместо шалтерски банкарски службеници, автоматизирани он-лајн услуги за купување поедноставни видови осигурување, автоматизирано сортирање стоки, чекирање авиони итн.) наспроти класичните индустрии во кои само меѓу 10% и 20% од операциите се автоматизирани.
Интересен одговор за вработеноста на луѓето неодамна даде и антропологот и анархист Дејвид Гребер: луѓето веќе со години работат работи за кои и самите разбираат дека се „лажни“, „непотребни“ и „длабоко бесмислени“. Помислете на примерот со телемаркетингот.

„СЕ ПРИБЛИЖУВАМЕ КОН ВРЕМЕТО ВО КОЕ МАШИНИТЕ ЌЕ БИДАТ ВО СОСТОЈБА ДА ГИ НАДМИНАТ ЛУЃЕТО ВО РЕЧИСИ СЕКОЈА ЗАДАЧА“ РЕЧЕ НЕОДАМНА МОШЕ ВАРДИ, ПРОФЕСОР ПО КОМПЈУТЕРСКИ НАУКИ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ РАЈС ВО ТЕКСАС.
Во анкетата „Иднината на интернетот“ од 2014 година на угледниот американски Пју институт (Pew Institute) која опфати околу 2.000 познавачи на високата технологија, поголемиот дел од испитаниците рече дека верува дека до 2025 година роботите ќе бидат дел од речиси секој дел од нашето секојдневје и ќе бидат толку интегрирани во него што ние всушност нема да ги забележуваме. Не, роботите дотогаш нема да бидат способни да му го избришат носот на вашето дете или да одиграат аргентинско танго, но, сметаат анкетираните стручњаци, барем дел од човечката популација од сите нивоа на образование ќе биде турнат кон ниско платени мануелни работи или кон трајна невработеност. Со други зборови, напредокот на технологијата значително ќе ја надмине можноста на образованието и на индустриите да создадат нови човечки работни места засновани на креативност, на емоционалност, на иновативност... и ќе ги затекне политичарите и економските институти пред тие да најдат општествено прифатлив одговор на овие предизвици. Размислете на пример за дроновите поштари на Амазон наспроти армијата на луѓе доставувачи на пакети во Силиконската Долина собрани во услужни активности како што е „Убер“, кои пешки или на велосипеди испорачуваат пакети, или за роботите убијци (потполно автономни системи што самостојно ја бираат метата и одлучуваат за своето дејствување наспроти насочените дронови убијци) како замена за војниците. За тоа решение впрочем веќе е дискутирано во ООН. Сѐ уште ги нема, но технолошкиот напредок ги прави можни.
ДАЛИ ТРУДОТ ГО СОЗДАДЕ ЧОВЕКОТ?
Технолошкиот раст е и едно од бројните објаснувања што се наведуваат како причина за забрзување на експериментите со воведување на универзалниот базичен доход (УБД). Идејата за УБД датира уште од 18 век, но својата современа актуелност, меѓу другото, ја стекна со порастот на флексибилниот труд и со појавата на уште еден модерен феномен, прекаријатот, некохерентна растечка група на луѓе со различно потекло, образование и доход кои ги поврзува несигурноста на приходите, на трудот и на животот.
Финска се подготвува на секој граѓанин да му обезбеди постојан и неусловен месечен приход, а Швајцарија, која веќе имаше референдум за ова прашање (кога граѓаните ја одбија оваа можност) во текот на 2016 година, ќе го повтори референдумот на истата тема. Исто така низа холандски градови побараа согласност и поддршка од својата влада за да започнат експерименти со воведување на оваа иновација. Истовремено парламентите на Велика Британија и на Франција исто така порачаа студии што би требале да ја испитаат валидноста на оваа идеја и можните опции за нејзина примена. УБД најде поддржувачи и меѓу големите компании од Силиконската Долина што имаат намера да финансираат УБД експерименти во САД.
Универзалниот базичен доход е трансфер што го обезбедува државата на единствен и на униформен начин, регуларно и без условување, за секој возрасен член на општеството, во фиксен износ и независно од статусот на поединецот (дали е богат или сиромав, живее во заедница или не, има намера да работи или не). Идеално УБД би морал да биде адекватен за општествено прифатливо ниво на животен стандард и без додатни трансфери од платениот труд, но од десницата, која има свои причини за да го поддржува (намалување на улогата на државата со сведување на сите социјални трансфери на УБД) стигаат предлози овој доход да биде околу износот што ја одредува линијата на сиромаштија.
Ефектите од воведување на УБД врз поединецот и општеството се нејасни: досегашните помали експерименти упатуваа на контроверзни заклучоци и го отвораат прашањето за неговото влијание на мотивацијата на човекот да работи, на опстанокот на семејството и повлекувањето на жените од сферата на трудот. Некои експерименти направени во Канада упатуваат на негативни аспекти, додека извештајот за локалните експерименти во Намибија и во Индија укажува на зголемена одговорност, иницијативност и видлив раст на социјалната кохезија.
Едно од клучните места каде што се соединуваат УБД и прашањето за влијанието на технологијата во правец на трајно исклучување на некои занимања, а одредени научници мислат и бројни категории на човечки занимања, во корист на нивна автоматизација и драматичен пораст на луѓето без работа, е разбирањето на работата не како начин за обезбедување средства за преживување, туку како клуч за одредување на човекот.
„Се приближуваме кон времето во кое машините ќе бидат во состојба да ги надминат луѓето во речиси секоја задача“ рече неодамна Моше Варди, професор по компјутерски науки на Универзитетот Рајс во Тексас. „Општеството мора да се соочи со ова прашање пред тоа да нѐ затекне нас: ако машините се во состојба да го работат речиси сето она што го работат луѓето, што ќе работат тогаш луѓето?“
„Типичниот одговор е дека ќе можеме да се занимаваме со разнородни активности и да уживаме во слободното време. Но, јас не сум во состојба да ја видам како нешто добро перспективата на константно слободно време, сметам дека трудот е суштински важен за човечката добробит“, смета Варди.
УБИСТВО, ЛЕВИЦА, ДЕСНИЦА
Најмногу бранување во јавноста за подемот на вештачката интелигенција предизвикаа апелите на професорот Стивен Хокинг, коосновачот на „Мајкрософт“ Бил Гејтс, коосновачот на „Скајп“ Јан Талин и претприемачот Елон Маск дека би требале добро да размислиме пред да ги направиме машините попаметни од нас. Не поради тоа што најголем дел од нас можеби би западнале во беда, туку поради можноста машините да нѐ исчистат од земјата штом почнат самите себеси да се програмираат и да се надоградуваат, значи во некое напредно продолжение на индустрија 4.0.
Ако ова предупредување за момент го оставиме настрана, ќе се соочиме со прашањето кое во овој момент е необично актуелно, прашањето на опстанокот и понатамошниот развој на капитализмот, растот на еднаквоста наспроти продлабочувањето на нееднаквоста и можноста за нов социјализам.
Зак Вајнерсмит, автор на стрипот „Сатрдеј морнинг брекфст сириал“ (Saturday Morning Breakfast Cereal), кој ја обработува темата за роботизација, веќе даде краток и убиствен одговор на ова прашање: „Еднаш кога војската ќе стане роботизирана, револуцијата ќе стане невозможна.“
На малиот простор на еден текст во кој треба да допреме големи прашања можеме само да ја скокотнеме фантазијата на читателот ако во приказната покрај Енгелс („трудот го создаде човекот“) го уфрлиме и Маркс и две негови тези. Првата теза е дека вишокот на вредност настанува исклучиво врз основа на човечкиот труд. Со неговото истиснување или замена со машина расте продуктивноста што ги поевтинува стоките и услугите и ги прави широко достапни, но истовремено опаѓа и стапката на поврат на капиталот и можноста за обновување на капиталистичкиот модел. Втората теза е дека најболната точка на капитализмот, недостатокот на побарувачка, со намалувањето на куповната моќ на невработените човечки индивидуи би станал широко распространет.
Со првата теза флертуваат многумина, од Кругман до Изабела Каминска, аналитичар на „Фајненшл тајмс“, втората, со или без роботи, станува сѐ поголема ноќен кошмар во светот во кој компаниите седат на капиталот што е неангажиран со континуираниот пад на обемот на светската трговија.
Како ќе изгледа светот што го оставаме на нашите деца и на децата на нивните деца? Најкусиот универзален лаконски одговор е како и секогаш, ќе биде онаков каков што ќе го создадат луѓето. Дали е тоа причина за загриженост или за надеж?
март 2016