Општество

ИДНИНАТА Е СПОДЕЛБА - НОВИ МОДЕЛИ ЗА СРЕЌА НА РАБОТНОТО МЕСТО

Лидија Георгиева

„Ако имам видено подалеку, тоа е зашто сум стоел на плеќите на Џинови.“ Сер Исак Њутн (1643-1727)

Дали е возможно чувството на среќа да се изрази со бројки?
Според американскиот модел, можно е. Истражувањата од Универзитетот во Принстон покажале дека заедно со растот на годишната заработувачка до 75.000 долари во пораст е и среќата, но интересно е тоа што се случува од оваа бројка нагоре.
Од друга страна, пак, една од најконтроверзните личности во Америка минатата година беше младиот бизнисмен Ден Прајс кој на еден од редовните состаноци со вработените, на општо изненадување и задоволство, изјави дека значително ќе ја скрати својата заработувачка од 1 милион долари годишно за да овозможи сите негови вработени без разлика на нивната позиција да заработуваат минимум 70.000 долари годишно.
Силиконските гиганти и стартапи се лидери во областа на создавање услови и атмосфера за стимулирање на вработениот. Со дизајнирање посебни простори за забава, за релаксација, за исхрана од кујни од сите страни на светот и разни експериментални простори, продуктивноста се подобрува. Ќе ги потсетам читателите на нашето интервју од јануари минатата година со господинот Ерик Џонсон, инженер во Гугл, кој со инсајдерско око и искрено доживување сподели со нас многу интересни искуства на таа тема.
Но, постепено насекаде на светската бизнис сцена се појавуваат нови модели и начини на дејствување што индицираат сè повеќе чекор кон иднината и неминовните општествени трансформации. Ако идејата на 20 век беше безмилосна продуктивност и консумеризам по секоја цена (најчесто по цена на човековото здравје), која е идејата или обврската на нашата цивилизација во овој век?

 

Честитка
Во овој прв новогодишен текст ќе ја искористам можноста да истакнам дека задоволство ми е дa прославам три години од мојата соработка со „Економија и бизнис“. Пишував за светски дизајн салони, конципирање паметни градови, конструкција на зелени покриви, технолошки и футуристички достигнувања, изложби и интервјуа со прекрасни луѓе од повеќе општествени сфери итн. Изборот на овие навидум различни теми го правев според еден и единствен концепт/критериум, а тоа е истиот тој што ја води мојата мисла и постапка како дизајнер – креативни производи и искуства што, покрај естетските вредности, се воедно пријатни за употреба, придонесуваат за благосостојбата, уживањето и човековата среќа, здравје или како што би рекле англосаксонците user friendly (пријателски настроени кон корисникот).Потребата за среќа е интегрален дел од човековата природа заедно со борбата за опстанок и за надежта за подобро утре. Секојдневно ја бараме на сите полиња, приватно, во работната средина, во социјализирањето. Во новата 2016 година ви посакувам да ја најдете во изобилие.


Во потребата за мотивација и надеж честопати се потпираме на слики и на симболи. Некој се сетил дека 2016 година во огледална површина го дава францускиот збор радост (joie), а други ја барале љубовта (love)

 

Американски модел

ПРИНСТОН
Според истражувањата на Универзитетот од Принстон, „Вудроу Вилсон скул“ (Woodrow Wilson School), по сè изгледа дека среќата може да се измери.
Колку е пониска годишната заработка, толку понесреќни се чувствуваат испитаниците. Но, тука станува интересно бидејќи се дошло до заклучок дека зголемувањето на среќата достигнува лимит на 75.000 долари, а потоа без разлика дали се заработуваат 75.000 или 75.000.000 долари, чувството на среќа стагнира.
Студијата покажала дека всушност постојат два типа среќа – таа што се менува секојдневно, во зависност од стресот или од емоциите поврзани со дневните случувања, а потоа постои една подлабока форма на среќа, а тоа е сатисфакцијата од тоа како се одвива животот генерално. Со други зборови, луѓето кои заработуваат повеќе од 75.000 долари чувствуваат дека нивниот живот добро се одвива, но тоа не ги прави посреќни секое утро. Но, зошто баш 75.000? Студијата не објаснува зошто токму оваа бројка, но по сè изгледа дека тоа е бројката што е потребна за луѓето да сметаат дека парите не се проблем. Се претпоставува дека тоа ниво е доволно за задоволување на основните и потребите за задоволство, како на пример излегување со пријатели итн. Истражувањето покажало дека заработка под тоа ниво не ве прави потажни, туку поистоштени во решавањето на секојдневните проблеми или животни ситуации. За луѓето кои заработуваат повеќе, индивидуалниот темперамент и животните околности имаат многу поголем импакт врз радоста и безгрижноста отколку парите.
Дали навистина ни се потребни 75.000 долари годишно за да бидеме среќни?
Секако, ова е според американските стандарди, бројките кај нас се сосема различни.
Неретко вистината е во шегата, па според познатиот балкански шоумен Рамбо Амадеус национализмот е тема до 300 евра месечна заработувачка. Кога платата ќе прејде над 500 евра, тогаш почнува разговор за кафулиња и за гардероба, а кога ќе премине 1.000 евра, тогаш топ-тема е разговор за здрава храна, за летувања и за зимувања. Над 3.000 евра престанува секакво надмудрување, луѓето тогаш разговараат за временска прогноза.

ХАРВАРД
Психијатарот Роберт Валдингер како лидер на исклучително ретка 75-годишна студија за развој на возрасните заедно со својот тим успеал да собере скапоцена количина на податоци за човековата среќа и за чувството на сатисфакција. Ова е најдолгата научна студија на светот, водена од Универзитетот Харвард. Таа подразбира децениско истражување на животот на истите 724 испитаници, тогашни студенти, а сега сè уште живи 90-годишни пензионери. Испитувањето се вршело на две сосема различни групи, едната привилегирани студенти на Харвард, а другата од најсиромашните квартови на Бостон. Тие во текот на целиот свој живот редовно одговарале на листа приватни и професионални прашања, а паралелно биле испитувани и нивните медицински досиеја и наоди.
Иако припадниците на младата генерација сметаат дека главна цел во животот е да се збогатат и да станат славни, интересно е што, по многудецениски испитувања и анализи, заклучоците за тоа што ги прави луѓето среќни, што им го подобрува здравјето и го продолжува животниот век, покажуваат нешто сосема друго. Добрите семејни и социјални врски нè одржуваат поздрави, посреќни, а воедно ги штитат и нашиот мозок и функцијата на меморијата. Осаменоста, како и конфликтните ситуации се токсични, убиствени, во таква атмосфера здравјето побрзо се влошува. Изненадувачки е што се дошло до заклучок дека тоа што има клучно влијание врз здравјето на испитаниците од 80 години не е нивото на холестерол, туку нивото на задоволство и на сатисфакција која ја имале испитаниците на возраст од 50 години.
Јас само би додала дека тоа е едноставната мудрост која се обидувале да ни ја пренесат овде, на Балканот, нашите баби, мајки, татковци или дедовци, но ете, сега е и научно потврдено!!

БИЗНИС АВАНГАРДА
Живееме во контрадикторен свет со досега невидено темпо на технолошки развој. Истовремено станува јасно дека во системот кој доминира моментално, со оглед на еколошката катастрофа, зголемените социјални нееднаквости и конфликти, проблемите само ескалираат. Но, во исто време како реакција евидентно е дека постои зголемен број на креација на вондржавни и вонкорпоративни иницијативи каде што младите претприемници и граѓаните се проактивни и не чекаат друг да им ги реши проблемите. Секаде низ Европа и останатите континенти се појавуваат примери за зацврстување на посткорпоративни бизнис екосистеми и сè почесто се зборува за концептот на циркуларна економија.
Како што се соочуваме со климатските промени, расте потребата за драстично намалување на консумеризмот, но со почит кон пристоен живот. Ова укажува на потребата производниот систем да се одвива со термодинамичка ефикасност. Иако сè уште сме во рана фаза на транзиција од еден систем кој се распаѓа во нов одржлив, добрата вест е што трансформацијата е започната речиси насекаде. КОП 21 беше потврда дека граѓанското општество реагира на комбинирани пазарни услови и евидентните политички неуспеси во таа област. Надвор од корпорациите се создаваат посткорпоративни бизнис екосистеми што креираат почва за продуктивни заедници, а примери за тоа има веќе насекаде. Социјално свесните претприемачи на микро и на макроекономско ниво постепено создаваат плодна почва за етичко производство.
Новите технологии овозможуваат да се создаде децентрализирана мрежа на социјални претприемачи кои наоѓаат баланс меѓу автономијата и соработката, внесуваат иновативни процеси во бизнисот, во технологијата, тоа е нова генерација на професионалци кои заедно ги делат вредностите и пасијата за позитивен социјален импакт.

 

ДЕН ПРАЈС

Ден Прајс е млад бизнисмен, сопственик на компанија за плаќање со кредитни картички „Гравити пејментс“ (Gravity Payments) во Сиетл. Тој во април минатата година предизвика медиска олуја со изјавата дека годишната заработувачка на вработените од просечни 48.000 долари ќе се искачи на минимум 70.000 долари. За да се овозможи овој потфат, тој решил да ја скрати сопствената заработувачка од милион долари годишно на истите 70.000 долари. Оваа одлука била донесена откако Прајс во 2011 година бил шокиран од изјава на негов вработен кој на пауза му дофрлил дека се чувствува со одрана кожа и не може да живее пристоен живот. Длабоко изненаден и опседнат, по долги дискусии со пријателите и со семејството, како и три години размислување, Прајс ја донел одлуката што била дочекана со аплауз на сите 120 вработени, тие тука виделе шанса да основаат семејство и подостојни услови за живот.
Шест месеци подоцна во „Гравити пејментс“, наспроти сомничавите очекувања, профитот е пораснат двојно. Неколку клиенти ја напуштиле компанијата жалејќи се дека решението е политичко, но има доста нови клиенти, односно нивниот број е повисок од пред објавата.
Како трансформатор на американскиот начин на работа, тој предизвика огромни дебати и полемики за тоа колку многу или малку треба да бидат платени работниците. Во општество базирано на консумеризам, економскиот раст е во зависност од порастот на платите, а резултатите се видливи веднаш. Работниците не можат да го потрошат тоа што го немаат, и обратно. Ден Прајс беше контактиран од холивудски агенти, продуценти на реалити шоу, издавачи на книги, беше нарекуван социјалист, а воедно доби и покана од Харвард да се студира неговиот експеримент.

(февруари 2016)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано