Општество
ДИЈАСПОРАТА ВО ЕРАТА НА ИНТЕРНЕТОТ
Тања Јакоби
Авторот е економски новинар од Белград, Србија
Како што имаше индиската дијаспора силно влијание за создавање на Бангалор, еден од светските ИТ центри, така е можно и во Србија, во Македонија и во Босна и Херцеговина да се направи локално спојување на Силиконската долина и домицилните институции и ресурси.
Прочитајте ги овие две куси приказни
На крајот на минатата година, градоначалникот на српското гратче Зајечар Саша Мирковиќ изјави дека ова место со 60 илјади жители трага по нови начини за да привлече млади луѓе од дијаспората. Тие не штедат пари за да ја изградат највисоката куќа во родниот крај, да ја наполнат со намештај и да ги остават старите родители за да ја чуваат до нивното враќање. Третата и четвртата генерација на зајечарци родени надвор од границите на Србија, таму, во странство, се школува и заснова семејство и се интегрира во општеството.
Сава Маринковиќ. Србин роден, школуван и со кариера во САД, во 2007 година со партнерите во Србија ја основа компанијата „Телескин“ што развива хардверски и софтверски решенија за рано дијагностицирање на карцином на кожа и меланом. Пред седум години ова ИТ претпријатие беше меѓу првите од овој вид што започна да работи во Деловно-технолошкиот инкубатор на Техничките факултети во Белград. Основата на технологијата што ја користи „Телескин“ е базирана на работата на стручњаците во Белград, а има интердисциплинарен тим инженери, истражувачи, развивачи и маркетиншки стручњаци од Србија, од Њујорк и од Индија.
Секој кој живее на западниот Балкан барем еднаш ја слушнал „својата“ верзија на оваа приказна. Изгледа дека она што се гледа во Зајечар или меѓу најсиромашните семејства во албанското село Пуке сè уште не го забележуваат владите на овие земји. На пример, во 2014 година на Србија од дијаспората ѝ стигнаа 2,6 милијарди евра, доволно да го засенат слабиот резултат во привлекувањето странски инвестиции или, како и во многу децении претходно, да го „запеглаат“ надворешно-трговскиот дефицит. За сите влади во регионот дознаките се всушност џокерот што ја балансира неефикасноста на економијата и церемонијално одвреме-навреме повод за жалење поради фактот дека, во случајот на Србија, 34 милијарди евра на дознаки примени во периодот од 2001 до 2012 година никогаш не влегоа во корпусот на инвестиции што во исто време достигнаа само 19,5 милијарди евра.
Класичните патеки на дознаките, што завршуваат во првата продавница во селото, пресушуваат, а нови не се генерираат. Примерот на „Телескин“ и сличните на него изгледа се уште ретки компании создадени со заеднички труд на млади стручњаци, кои се нови генерации на дијаспората (или својата земја ја напуштиле како дел од „одливот на мозоци“ (англ. „brain drain”), и луѓе кои се школувани и способни за бизнис, а останале овде или се вратиле во земјата, укажува на нов феномен: во ерата на подем и сеприсутност на интернетот, за првпат е отворен простор проблемот на одлив на мозоци и повторното поврзување на дијаспората и матицата да се случи (и) на виртуелен начин, со собирање на стручни, на научни и на бизнис потенцијали од обете страни на границата.
Накусо, механизмот на раѓање на „Телескин“ изгледаше вака: идејата потекнува од двајца стручњаци од Србија, кои во областа на дермоскопијата и машинството се потврдиле на домашната и на странската сцена, а бизнис моделот го донесе Сава Маринковиќ, школуван на Харвард. Благодарение на деловно-технолошкиот инкубатор на Техничките факултети во Белград и со помош на проект на Министерството за наука на Србија, „Телескин“ доби можност неговиот производ да дојде до седум најголеми клиники во Србија. Резултат на тоа е првиот скенер комплетно направен во Србија по многу време, во кој сè, од сензорите за осветлување до оптиката и алгоритмите, е направено од нула. Од иницијалната идеја до денес компанијата го привлече вниманието на низа инвеститори кои вложуваат во стартапи со добра деловна приказна и денес има свое седиште во Србија и во Данска, а своите производи ги пласира на глобалниот пазар.
Како што покажува овој пример, тој нов пристап на синергија меѓу дијаспората и матицата не подразбира само трајно враќање на оние кои отишле, туку пред сé нивна циркулација (циркулација на мозоците, англ. „brain circulation”), мобилност, и ако за тоа постои добра пазарна оправданост, насоченост кон земјата од која потекнуваат. Потенцијалното влијание на ваквиот модел на поврзување на економијата на домицилните земји наголемо го преминува нивото на досегашните дознаки, но владите во регионот премногу често го игнорираат и покрај големиот број успешни примери во Кина, во Индија и во многу блиската Хрватска.
Внимателниот читател на порталот WBC-RTI.info, кој е финансиран од автриското Министерство за наука, технологија и иновации, можеше да забележи дека тимот на овој портал кон крајот на минатата година повторно се обиде тоа прашање да го постави во фокусот на внимание на јавноста: на едно место групирани се анализи посветени на земјите од регионот и на нивните научни дијаспори и (не)успешни политики на владите овие потенцијали да ги искористат за поттикнување на економскиот раст. Под терминот научна дијаспора (англ.scientific diaspora) се подразбираат не само научници туку и бизнисмени, истакнати актери и спортисти, сите кои располагаат со знаење што би можело потенцијално да придонесе за економски и за демократски развој на нивните матични земји. Текстовите поставени на сајтот се објавени во последниве 4 до 5 години, но како што сугерира тимот на порталот, подеднакво се актуелни, делумно и поради тоа што во овој период во веќе спомнатите земји не се случило ништо што овие погледи би ги направило надминати.

ВО СРПСКАТА ЈАВНОСТ, ВО МЕДИУМИТЕ, ЧЕСТО СЕ ЦИТИРА ЕДНА РЕЧЕНИЦА КОЈА ОПОМЕНУВА, ИСКАЖАНА ОД ПРОФЕСОРОТ ПО ЕКОНОМИЈА НА ФИЛОЗОФСКИОТ ФАКУЛТЕТ ВО БЕЛГРАД МИОДРАГ ЗЕЦ: „ЗА ЖАЛ, НАЈУСПЕШНИ СМЕ ВО ИЗВОЗОТ НА МЛАДАТА СТРУЧНА РАБОТНА СИЛА, НАЈГОЛЕМИОТ РЕСУРС ШТО ГО ИМАМЕ“
Накусо, резултатите на овие анализи би можеле да бидат прераскажани на следниов начин: некои земји воопшто не знаат дека постојат „Сава Маринковиќи“, а другите пронашле некои од нив, но подоцна, под товарот на дневната борба со политичката и со економската ситуација, ваквите луѓе ги загубиле. На пример, на сајтот на српското Министерство за економија, наука и технолошки развој има база на податоци со околу 50 научници кои се пријавиле сами со желба своето знаење да го стават на располагање на земјата-матица. Ако се има предвид дека според некои показатели Србија е на деветто место од 50 вклучени земји во светот според бројот на емигранти на милион жители, овие 50 лица пријавени на сајтот на Министерството изгледаат како прилично скромен резултат. И во многу други земји резултатот е ист, високообразованата дијаспора воопшто не е свесна дека нивните земји водат какви било акции кои се однесуваат на нив, иако постои импресивен број на програми кои ги спроведувале тие влади во последните петнаесет години. Од друга страна, барем кога станува збор за Србија, младите луѓе кои се школувале на врвните светски универзитети имаат големи проблеми при признавањето на своите дипломи, дури и кога станува збор за Харвард, за Колумбија или за други универзитети добропознати на домашната јавност и затоа најчесто работат во странски компании, а не, на пример, во домашната администрација.
Гореспомнатите искуства на Кина и на Индија, каде што дијаспората имала силно влијание за создавање на Бангалор како еден од светските ИТ центри, сугерираат дека секоја земја за себе треба да најде начин да комбинира елементи на индустриските системи на Силициумската долина и локалните институции и ресурси или накратко да најде модалитет да го клонира, на пример, веќе спомнатиот „Телескин“ или инкубаторот во кој тој настанал. Предизвикот лежи во тоа да се мобилизираат овие мозоци како да се вклучат во промовирање на економскиот раст во регионот и како да се изгради одржлива мрежа на циркулирање на мозоците, наведуваат авторите на една од многуте студии цитирани на порталот. Сите овие напори, сугерираат други студии од истиот извор, треба да се потпрат на стабилни долгорочни стратегии за промовирање на растот и на демократијата во земјите од западниот Балкан, оставајќи ги настрана непотизмот и корупцијата, двата главни виновници за долга социоекономска стагнација на овие држави и разочарување на оние стручни млади луѓе кои се обиделе да се вратат во своите матици.
Една од најновите публикации на оваа тема „Обучените мигранти и политиката на развој: Република Молдавија и земјите од Југоисточна Европа“, објавена во 2014 година, сугерира дека наместо губитничкиот поглед, уверувањето дека поради неразвиеноста на земјата и високиот степен на невработеност на младите не може ни да се размислува за привлекување на успешни емигранти, клучот за решавање на прашањето на одлив на мозоци и социјални потреси лежи во обидот високостручните мигранти да се вклучат во економскиот и во демократскиот развој на своите домицилни земји и со нивна помош овие земји постепено да се вклучат во глобалните текови.
Изгледа дека премногу често земјите во регионот подеднакво газат во две спротивни насоки. Така, на пример, медиумите бележат дека паралелно со продолжувањето на работата на белградскиот инкубатор, во центарот на главниот град на Србија неодамна е одржан протест „Научниот труд води кон глад“ со кој научниците се обидоа да го свртат вниманието не само кон условите на својот живот туку и кон неможноста да се занимаваат со својата работа. Земјите што недоволно се грижат за оние кадри што останале во домицилната земја имаат мали шанси да ѝ испратат порака на својата млада и стручна дијаспора дека треба да се врати.
Меѓу земјите што се соочуваат со голем одлив на мозоци преовладува два вида политика. Едната го отежнува заминувањето на стручните луѓе, а другата се залага за мобилизирање на стручниот кадар со користење на дознаките, директните странски инвестиции и трансфери на знаење.
Во српската јавност, во медиумите, често се цитира една реченица која опоменува, искажана од професорот по економија на Филозофскиот факултет во Белград Миодраг Зец: „За жал, најуспешни сме во извозот на младата стручна работна сила, најголемиот ресурс што го имаме“.
Интернетот не им овозможи само на дијаспорите и на матиците да најдат нов модус вивенди, туку ја отвори и трката за таленти на глобално ниво. Според проценките на водечките консултантски куќи, токму талентите ќе бидат најбараниот ресурс на планетава. Во однос на развиените земји, нејаките земји на матиците на најбројната дијаспора имаат далеку помалку сила да привлечат школувани кадри.
Сепак, повикот на родниот крај, на кој често се повикуваат политичарите, не мора да биде само евтина приказна. Сава Маринковиќ не сакаше својата идеја да ја развива во Чикаго каде што му е главната животна база. Го интересирало да создаде функционална врска со земјата од која потекнува. На лекциите од оваа приказна сега треба малку подобро „да се поработи“ во Зајечар, во Куманово и на ниво на регионот бидејќи синергијата, секако, не може да одмогне.
(февруари 2016)