Општество

МОДЕЛ НА СОЦИЈАЛНО ПРЕТПРИЕМНИШТВО ЗА ЕКОНОМСКО ЈАКНЕЊЕ НА ЖЕНИТЕ И ЗА ПОБРЗ ЛОКАЛЕН ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ

Благица Петрески

 

„Крушевска жена“ е пилот-модел на социјално претприемништво, чија мисија е економско јакнење на жените. Со бавен економски развој, висока стапка на невработеност и сиромаштија се соочуваат речиси сите помали локални заедници во Македонија. Крушево се соочува со истите проблеми. Невработеноста е над 50%. Над 40% од невработените се повозрасни од 45 години, а дури 54% се со најмногу основно и незавршено средно образование. Од друга страна, можностите за вработување се ограничени. Бројот на активни бизниси континуирано се намалува и во 2014 година изнесува 245. 196 од нив се микробизниси со просек од 1,1 вработен, а најголем приватен работодавач е една текстилна фабрика. Недостатокот на финансиски средства за започнување бизнис е една од причините за намалување на бројот на новоотворени бизниси. Ваквата состојба придонесува многу од семејствата да се соочуваат со секојдневниот опстанок. Истовремено сè уште доминантна е традиционалната улога на жената да се грижи за домот и за децата, што ги прави жените економски зависни. Од друга страна, Крушево изобилува со шумски плодови и со природни чаеви од незагадена и еколошки чиста природа. Крушевските домаќинки, на сè уште традиционален начин, произведуваат различни еколошки џемови од шумски плодови, слатка, сирупи, ликери, масла, домашни пити и специјалитети од крушевското поднебје. Овие предности никогаш не биле искористени за економски бенефити на семејствата и за градот.


Со цел да се зајакне економската независност на жените, да се зголеми социјалната инклузија, а истовремено да се поттикне локалниот економски раст во Крушево, Finance Think разви модел на социјално претприемништво базиран на здружување на жени-индивидуални производителки на домашни, еколошки и традиционални производи од Крушево. Во пилот-интервенцијата беа вклучени 25 невработени жени и жени со приходи до 10.000 денари. Моделот вклучува пет фази: развој на вештини за брендирање, пакување и промоција; развој на производи; менторирање; промоција и развој на канали за продажба. Покрај развојот на моделот, здружувањето е важен елемент за долгорочна одржливост. Од неформално здружување жените преминаа во формално здружение „Крушевска жена“. Под брендот „Домашно е, од Крушево е...“ со соодветни лого, етикета и атрактивна амбалажа, денес можат да се најдат над 40 различни производи. Слатко од капини, малини, аронија, шумски јагоди, сушени шумски плодови, еколошки чаеви, ликери од разни шумски овошја, масло од кантарион, домашни кори, тарана, разни сирупи од бор и тревки, и крушевски месени специјалитети, се само дел од богатата лепеза на производи. Сè уште главни клиенти се туристите во Крушево, а промоцијата преку веб-страницата www.odkrusevo.mk и учеството на саеми и на базари се два главни канали. За жал, поддршката од локалните угостители е сè уште недоволна. Ефектите од овој модел на претприемништво се повеќекратни. Просечниот годишен приход на жените од продажба од производите се зголеми за над шестпати (544%). Значајна разлика во растот на приходот постои во зависност од иновативноста на производите. Жените кои имаат поиновативни производи, во просек, имаат 51% повисок раст од жените со помала иновативност во производите. Мотивацијата и вклученоста на жените во активностите има значајно влијание врз растот на приходот. Жените со повисока мотивација и вклученост, во просек, имаат 60% повисок раст на приходот во однос на жените со помала вклученост и мотивација. Но, покрај ефектите врз приходите, значајни ефекти има врз социјалната инклузија и мотивација. Три од вклучените жени во првата фаза размислуваат за отворање сопствена работилница и проширување на бизнисот. Веќе е создадено јадро на постојани учеснички во активностите, а интересот за нови членови континуирано расте. Покрај брендирањето на локални традиционални и еколошки производи, активностите се прошируваат и во тек е развој на алтернативни туристички дестинации во кои жените ќе бидат водичи на турите. Сè уште главни предизвици со кои се соочуваат е одржување на мотивацијата и лидерството.
Локалните заедници треба да ги искористат ваквите модели на претприемништво и да ги вградат во стратегиите за локален економски развој. Моделите на социјално претприемништво имаат двојни бенефити, ја подобруваат економската состојба на ранливите категории граѓани, а истовремено градат брендови и го поттикнуваат економскиот развој. Секако, градењето вакви модели треба да вклучува индивидуален пристап. Потребно е секоја локална заедница да вгради предности и автентичности во активностите на овој тип претприемништво, карактеристични за тоа поднебје. Истовремено е потребно да се поттикне здружувањето на индивидуалните производители. Преку форми на мини кластеринг, индивидуалните производители формираат економии од обем.

(февруари 2016)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано