Финансии / Банкарство

ГОЛЕМИТЕ ОЧЕКУВАЊА

Горан Петревски

„Големите очекувања“ е насловот на познатиот роман на Чарлс Дикенс за кого одамна немам никаков интерес, но кој ми се најде во оваа прилика овозможувајќи ми да изберам соодветен наслов за колумнава. И навистина, насловот на романот сосема одговара на нашите надежи во врска со воведувањето на рамниот данок во 2007 година кога беше воспоставена единствена даночна стапка од 12%, што веќе следната година беше намалена на 10%. За оние што заборавиле, претходно Македонија применуваше прогресивен систем на оданочување на личниот доход по три стапки: 15%, 18% и 24%. Исто така, ако сте заборавиле, промената на даночниот систем беше проследена со голем оптимизам, т.е. пред рамниот данок се поставија големи очекувања во поглед на поттикнувањето на инвестициите (особено странските), стопанскиот раст, даночните приходи, даночната евазија итн.
Притоа, иако тоа беше отворено искажано, ми се чини дека Владата се обиде да го прикаже рамниот данок како еден вид лек за економските проблеми на Македонија, а и ние ја прифативме приказната здраво за готово. Оттогаш помина доволно долг период за да можеме да ги сумираме првичните оцени за тоа што очекувавме, а што добивме од рамниот данок. Рака на срце, за да може да се даде веродостојна оцена, би требало да се направи сеопфатна економска анализа на ефектите од рамниот данок, но тоа бара подолг временски период и квалитетна база на расположливи податоци – нешто што ниту јас ниту кој и да било друг го нема. Сепак, тоа воопшто не нè спречува да фрлиме поглед врз некои прости факти.


Првото очекување од рамниот данок со ниска даночна стапка беше поврзано со даночните приходи. Во овој поглед, здравиот разум зборува дека едноставната даночна постапка и ниската даночна стапка ќе доведат до намалување на даночната евазија и ќе ги поттикнат луѓето и фирмите да работат повеќе (бидејќи работата станува поисплатлива). Сето тоа би требало да ја зголеми економската активност, што пак би резултирало во поголеми даночни приходи. Со други зборови, иако даночната стапка е пониска, поголемата даночна основа ќе доведе до повисоки приходи од даноците на доход. Но, да видиме дали фактите ги потврдуваат овие очекувања: во 2006 година приходите од данокот на личниот доход изнесуваа 2,6% од БДП, една година подоцна, по воведувањето на рамниот данок, тие паднаа на 2,4% од БДП, а во 2008 година, кога даночната стапка беше намалена на 10%, собраните даночни приходи паднаа на 2,1%. Истиот заклучок се наметнува ако ги погледнеме просечните вредности на даночните приходи од персоналецот пред и по даночната реформа: во периодот 2002–2006 година даночните приходи изнесуваа 2,7% од БДП, а 2007–2013 година државата во просек прибираше приходи од персоналецот во висина од 2,1% од БДП. Заклучокот дека рамниот данок не доведе до пораст на даночните приходи се потврдува и ако го набљудуваме учеството на приходите од даноците на доходот во вкупните даночни приходи: пред 2007 година персоналецот учествувал со 8% во вкупните даночни приходи, а по даночната реформа неговото учество се намалило на 7%. На тој начин, случајот на Македонија само го потврдува она што економистите го знаат многу добро – ако ја намалите даночната стапка (освен ако таа не е екстремно висока), најверојатно ќе се соочите со празен буџет.
Како што беше спомнато погоре, надежта дека рамниот данок ќе ја наполни државната каса делумно беше поврзана и со очекуваното намалување на даночната евазија и сивата економија. Во однос на евазијата веќе видовме дека тоа не се оствари бидејќи ако луѓето плаќаа повеќе даноци како резултат на пониската даночна стапка, тоа ќе предизвикаше раст на учеството на персоналецот во вкупните даночни приходи. Наместо тоа видовме дека даноците на доход имаат сè помало значење во полнењето на државната касичка. Во однос на сивата економија, повторно се соочуваме со изневерени очекувања: една неодамнешна студија* покажува дека од 1998 година наваму обемот на сивата економија во Македонија постојано опаѓа, но, независно од методот на мерењето, падот бил поизразен во периодот пред 2007 година. Тоа, пак, сугерира дека не рамниот данок, туку некои други реформи (на пример, воведувањето на ДДВ и фискализацијата) биле поделотворни во борбата против сивата економија.
Понатаму, од рамниот данок имавме големи очекувања како допинг во заживувањето на економската активност. Се разбира, веднаш треба да расчистиме дека не можеме ништо да кажеме за причинско-последичната врска меѓу даноците и стопанскиот раст зашто тој зависи од бројни фактори при што е невозможно (особено не во толку кус период) да се издвои чистиот ефект на даноците. Но, сепак, веднаш паѓа во очи фактот дека во периодот по воведувањето на рамниот данок не дојде до динамизирање на растот, туку напротив, во периодот 2002–2006 година просечната стапка на раст изнесуваше 3,54%, додека од 2007 година наваму таа падна на 2,65%. Е сега, некој ќе рече дека оваа споредба не е правична зашто вториов период ја вклучува глобалната криза. Да, така е, но не треба да се заборави дека и првиот период го вклучува повоениот период кога сè уште беше присутна траумата од војната од 2001 година. Освен тоа, глобалната криза го погоди целиот свет, а не само нас, па оттука би можеле да ги споредиме стапките на раст на македонската економија во однос на светскиот просек. Во тој случај, до 2006 година, растот на нашата економија бил понизок од светскиот раст за 1,05 процентни поени, додека од 2007 година наваму таа расте за 0,91 поени побавно од светскиот просек. Наравоучение: по воведувањето на рамниот данок не се случи ништо драматично во однос на способноста за раст на македонската економија.
Поврзано со горново, од рамниот данок (ем едноставен ем надграден со пониска стапка) оправдано се очекуваше дека ќе ги поттикне фирмите повеќе да инвестираат, но изгледа дека не се исполни ниту ова очекување. Имено, во периодот 2002–2006 година, просечниот годишен раст на инвестициите во постојани средства изнесуваше малку над 6%, додека по воведувањето на рамниот данок инвестициите растеа со побавно темпо, т.е. по стапка од 5,7% годишно.
Веројатно еден од најголемите мотиви за воведувањето на рамниот данок беше нивниот очекуван поволен ефект врз странските директни инвестиции. Со други зборови, ниската даночна стапка требаше да биде сочна мамка за странските инвеститори кои, наместо да одат во Полска, во Унгарија, во Бугарија или во Романија, би скршнале кај нас. Се разбира, ова сценарио е остварливо само ако и другите земји не возвратат во иста мера, т.е. ако и тие не ги намалат даночните стапки. Исто така ова очекување подразбира (сосема погрешно) дека даночните стапки кај даноците на доход се многу поважен фактор во привлекувањето на странските директни инвестиции во споредба со останатите фактори како што се: големината на пазарот, физичката инфраструктура, близината до главните меѓународни пазари, квалитетот и трошоците на работната сила, политичката стабилност итн. Повторно голите факти не ни даваат можност да заклучиме дека рамниот данок не знам колку многу ја зголемил нашата привлечност како дестинација за инвестирање. Така, пред 2007 година, просечниот износ на нето-приливот на странски инвестиции изнесуваше 3,7% од БДП, а по даночната реформа тој незначително се зголеми на 4%.
Во таа смисла, интересно е да се погледне дали рамниот данок успеал да ја зголеми привлечноста на Македонија како дестинација за инвестирање во споредба со нејзините непосредни конкуренти – земјите од Централна и од Источна Европа. Имено, за време на прогресивното оданочување, Македонија успеваше да привлече само 0,7% од вкупните странски директни инвестиции што биле насочени кон Централна и Источна Европа. Погодете колкав е овој процент по воведувањето на рамниот данок! Верувале или не – повторно 0,7%! Само немојте да ми кажете дека тоа е последица на глобалната криза. Не, истата таа криза го погоди целиот регион, а не само нас, така што странските инвеститори биле воздржани насекаде, а не само за нас. Што значи ова? Две прости работи: прво, ако воведете низок данок (10%), многу брзо и вашите мили комшии (Црна Гора, Косово, Бугарија, Албанија) ќе го направат тоа (т.н. трка кон дното) така што, на крајот, сите ќе имаат ниски даночни стапки, а никој не станал поконкурентен од другите, т.е. сите заедно изгубиле; второ, ниската даночна стапка не значи автоматски дека сте привлечни за инвеститорите зашто, покрај даноците, тие внимаваат и на многу други работи (впрочем, земјите со повисоки даноци како Чешка, Полска или Романија привлекуваат повеќе инвеститори од нас).
Најпосле, се чини дека единственото очекување од рамниот данок што воопшто не беше изневерено се однесува на ефектите врз правичноста во оданочувањето. Во тој поглед познато е дека рамниот данок е исклучително неправичен бидејќи не е во согласност со принципот дека побогатите треба да поднесат поголем дел од даночниот товар. Да се разбереме, кој е богат, а кој сиромашен во едно општество во прв ред не зависи од даночниот систем, но затоа даноците можат да бидат употребени за кастрење на разликите меѓу богатите и сиромашните. Во овој поглед фактите се очигледни: за време на прогресивниот данок, индексот Џини, што вообичаено се употребува како мерка на правичноста во распределбата на доходот, во просек изнесуваше 36, додека по воведувањето на рамниот данок тој порасна на 41. Исто така пред 2007 година, најбогатите 1% од Македонците присвојуваа околу 5,5% од вкупниот доход, но веќе во 2010 година нивното парче од тортата порасна на 12%. Се разбира, рамниот данок не ги создава богатите луѓе (во Македонија богат се станува само на еден начин – ако сте дил ориентид со власта), но факт е дека даночниот систем ги гали богатите бидејќи не им одзема поголем дел од заработеното во споредба со сиромашните.
Според тоа можеме да заклучиме дека големите очекувања од рамниот данок воопшто не се остварени, т.е. никако не може да се тврди дека, од гледна точка на економските остварувања, рамниот данок е супериорен во однос на прогресивниот. Со ова воопшто не сакам да кажам дека прогресивниот данок е подобар од рамниот, ниту дека јас сум приврзаник на вториов даночен систем, туку поентата ми е дека даночниот систем не е тој што ја прави една земја помалку или повеќе успешна. Со други зборови, не можеме од даночниот систем да очекуваме дека ќе ни донесе странски инвестиции или економски бум. Не, тоа е премногу големо очекување дури и за еден даночен систем. Всушност, не постои нешто што би се нарекло најдобар даночен систем така што, во крајна линија, изборот на даночниот систем се сведува на политички избор. Тоа, пак, значи дека воопшто не би било никаков проблем ако некоја идна влада избере да се вратиме кон прогресивниот данок. Впрочем, не треба да заборавиме дека веќе имавме таков даночен систем, па никој не умре од него.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано