Финансии / Банкарство
ИСТОРИСКА НЕПРАВДА
Александар Стојков
Авторот е Вонреден професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје
Големата прераспределба на доходот и на богатството што се случи со приватизацијата во деведесеттите години на XX век ги трасираше патиштата на македонската економија во следните (најмалку) 50 години. Потребни се многу години макотрпна работа за делумно да се исправи историската неправда и да се ублажи огромната доходна нееднаквост, што се заканува да го раскине кревкото социјално ткиво на македонското општество. Нееднаквоста не може јасно да се види во македонските статистики, но лесно се вткајува во облеката на луѓето и во моторната моќ на автомобилите, во манирите и во илјадниците објавени слики на Фејсбук профилите. Да почнеме со ред, тргнувајќи од дното на хиерархијата на потребите на Абрахам Маслов.
Јадам, значи постојам!
Отсекогаш храната заземала многу значајно место во животот на македонските граѓани. Задоволството од консумирањето на храната е дури опеано и во неколку народни песни. Кога оброците се премногу обилни се раѓа чувство на вина, што бара утеха во универзалните вистини дека „отсекогаш Бугарите јаделе повеќе леб“, а „Србите – многу повеќе месо“ од нас. Сепак денешниве европски статистики се неумоливи и не одат во прилог на овие народни умотворби. Едноставната споредба на структурата на хармонизираниот индекс на потрошувачки цени во европски рамки покажува дека Република Македонија има убедливо највисоко учество (пондер) на издатоците за храна. Во 2015 година, дури 37,6% од потрошувачката кошничка на просечниот македонски граѓанин отпаѓаат на храната (Графикон бр. 1 и Табела бр. 1). Колку за споредба, учеството на храната во потрошувачката кошничка на швајцарските граѓани е само 9,4%. Во апсолутен износ, тие трошат многу повеќе од нас, но нивната потрошувачка кошничка е доволно голема за да можат да направат и многу други, поголеми издатоци. Според тоа, преградениот дел во швајцарската потрошувачка кошничка наменет за храна е речиси 10%, а во македонската кошничка – речиси 40%. За економистите, ова е недвосмислена потврда на еден од Енгелсовите закони според кој со зголемувањето на доходот се намалува учеството на издатоците за храна во вкупните издатоци.
Очигледно Република Македонија е сè уште сиромашна периферна европска економија во која граѓаните издвојуваат многу висок процент за храна од вкупните издатоци, сличен на оној во земјите во развој. И за волја на вистината, поголем дел од потрошувачката кошничка кај Македонците е резервиран за „леб и жита“ (7,6%) отколку кај Бугарите (4,2%), а и повеќе се троши за месо (8,6%) во споредба со Србите (7,5%). Значи јадеме повеќе леб од Бугарите и повеќе месо од Србите според уделот во националната потрошувачка кошничка.
Структурата на потрошувачката кошничка добива поинакво значење кога ќе се поврзе со нивото на економска развиеност, најчесто мерено преку БДП по жител според паритетот на куповната моќ. Според проценките на ММФ, БДП по жител на Македонија во 2014 година изнесувал 13.348 САД долари, додека српскиот БДП по жител изнесувал 13.329 САД долари. И двете земји имаат речиси исто ниво на економска развиеност, но издатоците за храна во Македонија зафаќаат поголем процент од потрошувачката кошничка. Тоа нè води до заклучокот дека во Македонија има поголем процент на посиромашно население во однос на другите земји од Југоисточна Европа со оглед дека најголем дел од семејниот буџет оди за издатоци за храна.


Некои веќе влегоа во Европската унија?
Во еден непроценливо корисен, но недоволно користен Извештај на Државниот завод за статистика, македонските домаќинства се поделени во десет (децилни) групи од аспект на висината на приходите. Најсиромашните 10% од македонските домаќинства трошат над 80% за храна (Графикон бр. 2). Истовремено, според многу параметри, побогатите македонски граѓани наликуваат на европски граѓани со пристојна заработувачка. Најбогатите 10% од домаќинствата или најбогатата децилна група во Македонија – колку и неискрено да одговориле на Анкетата за потрошувачката на домаќинствата – трошеле многу помал процент на храна. Се разбира, во апсолутен износ многу повеќе, но како процент од вкупните издатоци – четирипати помалку. Слободно можеме да ги наречеме Латвијци или Шпанци бидејќи, во просек, се најблиски до нивната структура на потрошувачка. Деветтата децилна група (или малку посиромашните од најбогатите македонски граѓани) според трошењето наликува на Белгијците. Разочарува фактот дека најбогатите 10% од македонските домаќинства трошат 23,3 пати повеќе од најсиромашните 10% од македонските домаќинства.
Според висината на доходот и на потрошувачкиот стил, некои македонски граѓани се веќе влезени во Европската унија. Влезот е според индивидуалните можности и снаодливоста. Нема чекање...
Американска распределба на доходот
Потрошувачката и доходот ни наликуваат на типична земја во развој, но затоа доходот во национални рамки го распределуваме според американски рецепт. Најсиромашните 20% од македонското население присвојуваат само 5,4% од вкупниот годишен доход (Графикон бр. 3). За жал, последниот објавен податок се однесува на 2008 година и изгледа временски далечен, но нема подобар. Слично е и во САД каде што најсиромашната петтина од населението присвојува 4,7% од вкупниот доход. Посиромашните 40% од населението во Република Македонија присвојуваат фрапантно ниски 14,7% од вкупниот доход. И конечно, најбогатите 20% од македонското население присвојуваат дури 50% од вкупниот доход во земјата. Очигледно просечните вредности во македонските статистики ги замаглуваат фрапантните разлики. Многу граѓани јадат зелка, малкумина јадат месо, но во просек нацијата јаде сарма.
Структурата на потрошувачката кошничка открива ред други потрошувачки феномени, што ни се главно познати, но сега добиваат и опиплива, квантитативна форма. Во релативна смисла (сфатена како преградени делови од потрошувачката кошничка), просечниот европски граѓанин троши многу повеќе на книги, на услуги во ресторани и на хотели, на рекреација и култура, на транспорт, на мебел, на здравје... во однос на просечниот македонски граѓанин. Потрошувачката кошничка на европскиот граѓанин не само што е најмалку трипати поголема туку и преградените делови во неа наменети за полуксузни добра и услуги се, исто така, многу поголеми.
Последици од доходната нееднаквост
Последиците од големата доходна нееднаквост се далекусежни. Социолозите обично ги истакнуваат моралната ерозија, раскинувањето на социјалното ткиво на општеството, општествената ексклузија на маргинализираните и на ранливите групи, иселувањето од земјата... Сиромаштијата во многу аспекти станува наследна. Економистите се фокусираат на факторите и на нивото на економска развиеност. Доходната нееднаквост создава плодна почва за погрешна алокација на ресурсите, корупција, непотизам, изгубена доверба во институциите... Таа обично води кон недоволни инвестиции во образованието и помалку квалитетни образовни институции што, пак, создава помалку продуктивни индивидуи во иднина. Зголемената концентрација на доход кај побогатите граѓани значи и помала агрегатна побарувачка не само затоа што тие имаат поголема наклоност кон штедење туку и затоа што трошат во странство каде што ги наоѓаат луксузите што им недостасуваат дома. Од друга страна, да се има поголем процент на посиромашно население значи и да се има поголем ранлив сегмент во општеството и посилен притисок за вработување во јавниот сектор.
Современите студии докажуваат дека поголемиот дел од националниот доход, што го присвојуваат побогатите граѓани (најбогатите 20%), се пресликува во побавен економски растеж. На пример, новите економетриски анализи покажуваат дека доколку се зголеми делот од националниот доход што го присвојуваат побогатите граѓани за 1 процентен поен, тогаш растежот се намалува за 0,1 проценти во следните пет години. На прв поглед изгледа наивно и малку, но кумулативниот ефект е чудовиштен во општества каде што најбогатите 20% присвојуваат 50% од националниот доход. Наспроти ова стои фактот дека ако се зголемува доходот, што го присвојуваат посиромашните граѓани (најсиромашните 20% од населението), тогаш побрз е и економскиот растеж. Така, доколку се зголеми делот од националниот доход што го присвојуваат посиромашните граѓани за 1 процентен поен, растежот на БДП се зголемува за 0,38 проценти во следните пет години.
Како да го промениме светот?
Во една антологиска изрека Карл Маркс вели дека „филозофите го интерпретираат светот, но поентата е тој да се промени“. Се разбира, на подобро. Да се констатира дека имаме изразена доходна нееднаквост и не е некоја мудрост. Поентата е дека Македонија мора да ја сведе доходната нееднаквост во општествено прифатливи граници, што ќе исцртаат достоинствен живот за сиромашните и удобен живот за богатите граѓани кои заработуваат чесно.
За почеток итно мораме да произведеме поквалитетни статистики за распределбата на доходот во македонското општество. Управата за јавни приходи треба да биде многу потранспарентна и да ги направи јавно достапни нејзините непроценливо вредни бази на податоци за персоналните доходи на граѓаните, се разбира, како обезличени податоци или агрегатни категории. Државниот завод за статистика мора потесно да соработува со банкарскиот сектор и да направи подобри проценки на доходите на граѓаните, се разбира, со гарантирана дискреција.
Добар дел од македонските политики се правилно поставени во насока на ублажување на големата доходна нееднаквост. Отворањето на нови работни места (особено преку привлекувањето на странски инвестиции) е вистинскиот начин да се зголемат доходите на посиромашните слоеви. Инвестициите во нови училишни згради и јавни здравствени установи низ Македонија е исто така добредојдена политика. Подобрениот пристап до терцијарно образование е важен чекор во оваа насока, но мора да биде придружен со дополнителни реформи за поквалитетно образование. Истото важи и за субвенционираните каматни стапки и цени на станбената површина, вработувањата на маргинализираните групи во јавниот сектор... Постои маневарски простор и за други, похрабри мерки со кои ќе се редистрибуира дел од богатството кон посиромашните слоеви и средната класа. За почеток може да се зголеми дијапазонот на стапките на данокот на имот и тие да се стават на прогресивна скала во зависност од проценетата (пазарна) вредност на имотот. Тоа делумно ќе ја исправи историската неправда создадена со огромната прераспределба на доходот и богатството во 90-тите години на минатиот век. На среден рок е потребна и посилна редистрибуција на доходот преку враќање на системот на прогресивно оданочување. Тоа не мора автоматски да значи поголема даночна стапка бидејќи и три новововедени стапки (0%, 5% и 10%) би биле, исто така, дел од системот на прогресивното оданочување. Темата е толку опширна и комплексна, што навистина заслужува натамошна елаборација во некое од следните изданија.