Финансии / Банкарство
„МУДИС“ ГИ СНИЖИ ИЗГЛЕДИТЕ ЗА КРЕДИТНИОТ РЕЈТИНГ НА КИНА
Меѓународната агенција за рејтинг„Мудис“ (Moody‘s) ги снижи изгледите за кредитниот рејтинг на Кина од стабилни во негативни, наведувајќи ги како причини неизвесноста во врска со способноста на кинеската влада да ги спроведе економските реформи, растечкиот државен долг и намалување на резервите. Агенцијата сепак го задржа постоечкиот кинески рејтинг на ниво од Aa3, потенцирајќи дека огромните резерви на Кина оставаат доволно време за спроведување на реформите и за постепено отстранување на нерамнотежата во економијата. Од агенцијата предупредуваат дека би можеле да го намалат рејтингот доколку забави спроведувањето на реформите кои се потребни за поттикнување на одржлив раст на економските активности и за заштита на државните биланси. „Без веродостојни и ефикасни реформи кинескиот бруто домашен производ (БДП) дополнително би забавил, со оглед на големата задолженост која ги притиска деловните инвестиции и сè понеповолните демографски движења. Државниот долг би растел посилно одошто проценуваме во моментов“, се наведува во Извештајот.