Финансии / Банкарство

АНАЛИЗА НА ДЕТЕРМИНАНТИТЕ НА ВИШОКОТ НА КАПИТАЛ СПОРЕД ГОЛЕМИНАТА НА БАНКИТЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Милан Елисковски

Банките заземаат важно место во современите финансиски сектори и преземаат различни ризици во нивното работење. Од тој аспект, капиталот на банките е еден од клучните елементи за одржување на нивната стабилност. Голем број земји во светот ги прифатиле базелските спогодби што ја дефинираат минималната стапка на адекватност на капиталот (регулаторен капитал во однос на актива пондерирана според ризици) од 8%. Вишокот на капитал (Capital Buffer), што банките го држат над овој минимум од 8%, треба да претставува амортизер за апсорпција на неочекуваните загуби од преземените ризици и да обезбеди стабилност на банките. Дополнително банките располагаат со вишок на капитал со цел да ги задоволат барањата на регулаторот. Исто така, преку одржување на вишок на капитал, банките рефлектираат пазарна дисциплина кон економските агенти располагајќи со кредитен потенцијал што им дава флексибилност во пресрет на зголемената побарувачка за кредити и стабилноста на депозитите.

Имајќи ја предвид важноста на вишокот на капитал на банките за одржување на нивната ликвидност и солвентност, како и потенцијалот што го овозможува тој за непречено кредитирање, станува интересно откривањето на факторите што го детерминираат неговото движење. Значајноста за спроведување на вакво истражување се согледува во следново:

• Проучувањето на детерминантите и начинот на нивното влијание врз вишокот на капитал треба да даде насоки за преземање соодветни мерки за одржување на вишокот на капитал на банките во Македонија (РМ). Со тоа се овозможува да се размисли за алтернативни извори и начини за зголемување на вишокот на капитал на банките;
• Одредувањето на детерминантите на вишокот на капитал и нивното влијание е важно од аспект на олеснувањето на трансмисискиот механизам на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) при спроведувањето на монетарната политика. Имено, во услови на економска експанзија, банките кредитираат во зголемен обем и тие треба да го зголемуваат капиталот паралелно со експанзијата бидејќи тогаш е расположлив и евтин. При влошување на економијата, загубите од кредитниот ризик се материјализираат, депонентите ги повлекуваат депозитите, а капиталот поскапува и се ограничува. Ако банките во добрите времиња не го зголемиле својот капитал, тогаш при економското влошување тие ќе го намалат кредитирањето со цел преку намалената актива пондерирана според ризиците да го одржат вишокот на капитал, односно капиталната адекватност над минималното регулативно ниво. Во таков случај, сигналите од НБРМ што би биле дадени кон банките, на пример преку намалување на референтната каматна стапка со цел да се зголеми кредитната активност, нема да имаат ефект бидејќи банките ќе бидат загрижени за одржување на стапката на капитална адекватност над минимално потребното ниво при што економската рецесија дополнително би се продлабочила;
• Оваа истражувачка тема секогаш била актуелна од макропрудентен аспект за одржување на стабилноста на банките, но таа особено стана привлечна откако се случи последната Глобална економска криза од 2007/2008 година, што имаше разорни ефекти врз ликвидноста и капиталот на банките во развиените земји. Како резултат на тоа, Базелскиот комитет за банкарска супервизија ја подготви најновата Базелска спогодба (Базел III) со која се предлагаат мерки за регулирање на процикличноста и навремено формирање и зајакнување на капиталната и на ликвидносната сила на банките.
Од погоре елаборираното, во овој труд ќе се изврши економетриско тестирање на детерминираноста на вишокот на капитал на големите, на средните и на малите банки во РМ со примена на променливи за изложеноста на банките кон ризиците (кредитен и ликвидносен), профитабилноста (стапката на поврат на капиталот) и економскиот циклус (реалниот бруто домашен производ (БДП)). Тоа подразбира вклучување на следниве временски серии, односно променливи:

Зависна променлива
• Зависна променлива е вишокот на капитал (VISHOK) пресметан како разлика меѓу стапката на основниот капитал (Tier 1) во однос на активата пондерирана според ризиците и законски пропишаната минимална стапка на адекватност на капиталот од 8%. Основниот капитал е најквалитетниот дел од регулаторниот капитал (сопствените средства) и тој претставува околу 85% од регулаторниот капитал на банките во РМ.

Независни променливи
• Стапката на нефункционални кредити во однос на вкупните кредити обележана како NEFUNKCIONALNI и стапката на покриеност на нефункционалните кредити со резервации, односно исправка на вредноста и посебната резерва (REZERVIRANOST) се користат за вклучување на кредитниот ризик. Всушност, овие две променливи претставуваат екс пост мерки на реализираниот кредитен ризик на банките. Доколку овие променливи имаат позитивно влијание врз вишокот на капитал, тоа би значело дека повисокиот кредитен ризик, на кој се изложени банките, ги стимулира да го зголемат капиталот со цел да се заштитат од неочекуваните загуби. Во случај естимираниот коефициент пред променливата NEFUNKCIONALNI да биде негативен, тогаш се укажува на непрудентност во однесувањето на банките, односно тие преземаат кредитен ризик при намален вишок на капитал. Доколку пак добиениот коефициент пред променливата REZERVIRANOST е негативен, особено во случај на висока покриеност на нефункционалните кредити со резервации, тоа не би морало да се протолкува како непрудентно однесување на банките затоа што со резервациите банките обезбедуваат индиректен капитал (супститутивен на основниот капитал) и немаат потреба да го зголемуваат вишокот на капитал.
• Стапката на поврат на капиталот (PROFITABILNOST) се користи за опфаќање на профитабилноста. Стапката на поврат на капиталот претставува трошок за банката обезбедувајќи соодветна награда на акционерите и доколку добивката се подели како дивиденда, тогаш не постои можност за зголемување на вишокот на капитал. Сепак, доколку стапката на поврат на капиталот е доволно висока и го надминува очекуваниот поврат на акционерите, тогаш вишокот на добивка се капитализира и влијае позитивно врз вишокот на капитал.
• Кредитите во однос на депозитите (KRVODEP) овозможуваат истовремено да се заштитат капиталната и ликвидносната позиција на банките. Ова е од особена важност имајќи ги предвид искуствата од последната економска криза кога банките во многу земји се соочија со ликвидносни и капитални проблеми во услови на економска рецесија. Врзувањето на вишокот на капитал со кредитите во депозити станува особено значајно од аспект на фазата на економскиот циклус во која се наоѓа домашната економија. Така, доколку нивото на кредити во депозити било високо и економијата била во експанзија, а банките не го зголемиле својот капитал навреме, тогаш при економска рецесија фирмите и физичките лица соочени со новонастанатата негативна економска ситуација и нивните зголемени потреби за финансии би започнале да ги повлекуваат неискористените лимити на веќе одобрените кредитни линии и кредитни картички или би ги повлекле нивните депозити (KRVODEP дополнително ќе се зголеми). Притоа банките би се нашле во многу нестабилна ситуација од ликвидносен аспект кон нивните депоненти и дополнително не би имале потенцијал за зголемување на кредитирањето и на поддршката на кредитокорисниците. Од тој аспект, зголемувањето на оваа променлива треба да им сугерира на банките дека треба да го зголемуваат вишокот на капитал, и обратно, да го намалуваат кога таа се намалува.
• Стапката на ликвидност (LIKVIDNOST) пресметана како покриеност на обврските (депозитите и издадените должнички хартии од вредност и обрските по кредити) со паричните средства и салдата кај НБРМ, вложувањата во благајнички записи издадени од НБРМ, пласманите кај централната банка и пласманите во финансиски друштва. Теоријата не е усогласена во поглед на влијанието на ликвидноста врз вишокот на капитал, односно може да биде и негативно и позитивно. Имено, банките што се соочуваат со зголемена ликвидност (намален ризик од неликвидност) реално немаат потреба да го зголемуваат вишокот на капитал. Во друга околност, на банките кои паричните средства од наплатените кредити или новопримените депозити ги вложуваат во високоликвидни инструменти, кои вообичаено влегуваат во активата пондерирана според ризиците со низок, најчесто со нула пондер, при непроменето ниво на основен капитал, им се овозможува да имаат зголемено ниво на вишок на капитал.
• Реалниот бруто домашен производ (LNRBDP) се вклучува како мерка на економските циклуси. Негативниот коефициент пред оваа променлива би укажувал дека во услови на рецесија, кога веројатноста за материјализација на ризиците со кои е соочена банката е поголема, банките го зголемуваат капиталот при што можат да го ограничат кредитирањето со цел да ја одржат својата капитална стабилност, а на тој начин рецесијата може да се продлабочи.
За секоја група на банки (големи, средни и мали) се естимирани четири регресиски равенки со соодветна комбинација на независните променливи, а сè со основна цел да се утврди влијанието и да се утврди магнитудата на детерминантите врз вишокот на капитал, т.е. естимирање на коефициентите β1, β2, β3 и β4 во секоја од долуспецифицираните регресиски равенки. Периодот што е предмет на истражување се протега од 2004Q4 до 2014Q3 година на квартално ниво.

 

Од добиените резултати за естимираните коефициенти од регресиските равенки, генерално може да се каже дека вишокот на капитал на банките е детерминиран од нивната изложеност на ризици (кредитен и ликвидносен), нивната профитабилност и од БДП. Бидејќи резултатите за малите банки се многу нестабилни, акцентот ќе биде ставен на коментирањето на статистички значајните резултати за големите и за средните банки.
Коефициентите пред NEFUNKCIO­NALNI укажуваат дека големите (0,679) и средните банки (4,998) го зголемуваат вишокот на капитал кога им се зголемува нивото на кредитен ризик. Слични резултати се добиваат и пред променливата REZERVIRANOST, особено за средните банки (0,070; 0,418). Негативниот коефициент пред променливата REZERVIRANOST кај големите банки (-0,574) имплицира дека големите банки немаат потреба да го зголемуваат вишокот на капитал при зголемувањето на резервираноста, односно покриеноста на нефункционалните кредити со резервации. Објаснувањето би било дека големите банки се повеќе конзистентни во одржувањето на ниво на резервираност над 100% за разлика од средните банки. Тоа упатува на заклучок дека негативниот коефициент е очекуван затоа што резервациите се индиректна замена за основниот капитал.
Профитабилноста има позитивен ефект во три естимации за големите (0,311; 0,113 и 0,989) и за средните банки (0,524; 0,997 и 0,698). Позитивниот коефициент е очекуван поради фактот дека задржаната добивка е најзначаен интерен извор за зголемување на основниот капитал на банките во РМ.

Коефициентите пред KRVODEP и LIKVIDNOST кај големите банки (за KRVODEP -0,754 и -0,849; за LIKVIDNOST 0,427 и 2,473) укажуваат дека големите банки го зголемуваат вишокот на капитал со намалување на кредитите во однос на депозитите (зголемена ликвидност) и со зголемувањето на стапката на ликвидност. Добиените коефициенти пред KRVODEP и LIKVIDNOST кај средните банки (за KRVODEP 0,420 и 0,592; за LIKVIDNOST -1,450 и -0,723) сугерираат дека со зголемувањето на кредитите во депозити (намалена ликвидност), односно со намалување на стапката на ликвидност се зголемува нивниот вишок на капитал.
Коефициентот пред LNRBDP укажува дека големите банки (0,100 и 0,898) се однесуваат рационално, односно го зголемуваат вишокот на капитал при позитивен економски раст, но тоа не е случај со средните банки (-0,921; -1,673 и -0,850).

Препораките од овој труд ги посочуваат следниве мерки што треба да се преземат:
• дополнителни напори за развој на Македонската берза на хартии од вредност како алтернативен извор преку кој банките ќе можат да обезбедуваат капитал;
• покреативен пристап од банките за повисок пласман на кредити со цел зголемување на нивната профитабилност, што е важен фактор за зголемување на вишокот на капитал на банките и
• унапредување на техниките за управување со капиталот и ликвидноста и спроведување на соодветни супервизорски контроли од НБРМ.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано