Финансии / Банкарство
КОГА НАЈВАЖНАТА РАБОТА НА СВЕТОТ ВЕЌЕ НЕ Е СПОРЕДНА
Мирослав Саздовски
Уште на почеток од дваесеттиот век фудбалот стана доминантна форма на културен натпревар меѓу народите. Популарноста на спортот, особено сѐ поголемиот притисок на европските држави за меѓународни натпревари доведе до формирање на тело чија главна задача e организирање, управување и грижа за меѓународните натпревари во фудбал. Предводени од Франција, неколку европски држави во 1904 година ја формираa ФИФА и може да се каже дека денес ја претставува најмоќната споредна меѓународна групација во светот. На почеток главната преокупација на организацијата беше организација на фудбалот во рамките на олимписките игри, а од 1930 година ФИФА за првпат го организираше Светското првенство во фудбал во Монтевидео, Уругвај. Ова претставува пресвртна точка во развојот на организацијата бидејќи светскиот куп набргу прерасна во најважен спортски настан во светот и еден од главните фактори за моќта на оваа организација. Иако делумно во децентрализирана форма, преку регионалните групации-членки на ФИФА како што се УЕФА, КОНМЕБОЛ итн., оваа организација практично има целосен монопол во организацијата на сите видови меѓународни натпревари во фудбал. Со тоа ФИФА претставува единствена организирана структура што и формално, одобрено од националните федерации што се нејзини членки, има ексклузивно право да ги раководи условите, правилата, формите и сите други аспекти поврзани со меѓународните натпревари во фудбал меѓу кои спаѓа и оној што нас најмногу нè интересира – финансискиот аспект.
Во почетокот финансирањето на оваа организација претставуваше тежок проблем и основниот прилив на средства доаѓаше од доделувањето на правата за организирање на натпреварите, како и од членарината на националните федерации. По Втората светска војна, светот влезе во новата економска ренесанса на чија површина постепено се појави глобализацијата како клучен феномен за брзиот економски развој на светот. Ширењето на медиумите, телевизиите, појавата на организираниот маркетинг, добија своја употребна вредност и во рамките на спортските натпревари, а ФИФА, како носител на правата за организација на сите меѓународни натпревари во фудбал, за многу кратко време се стекна со огромни извори за финансирање на своето работење. Заедно со оваа финансиска моќ почнаа и контроверзиите што ја следат оваа организација низ целиот тек на нејзиното работење, а што изминатава година добија еден вид своја кулминација. Имено, сувереното право што го има ФИФА за организирање на сите меѓународни натпревари ѝ даваат право на организацијата да ги контролира сите финансиски текови. Така организацијата има ексклузивно право на приходите од правата за организирање на натпреварите, од правата за телевизиски пренос, од продажба на билетите, од рекламирање, од склучување на генерални спонзорства итн. Имајќи предвид дека популарноста на спортот достигнува неверојатни бројки, а посветеноста на навивачите и на публиката религиозен карактер, овие ексклузивни привилегии ја издигнаа организацијата во моќна економска и финансиска институција. Според буџетот на ФИФА 2010–2014 година, што поради четиригодишниот временски распоред на светските првенства е четиригодишен, приходите за овој период изнесуваат 5,7 милијарди долари и за разлика од минатиот период (2006–2010), тие се за преку 1,5 милијарди долари поголеми, што претставува фантастичен раст од преку 30%. Кога ќе се погледне внатре во структурата на приливите, најголемиот дел, преку 40%, доаѓаат од продажба на телевизиските права за меѓународните натпревари каде што доминантна улога имаат правата за пренос на светското првенство. Вториот сегмент претставува маркетинг продажбата, што во вкупниот прилив учествува со безмалку 30% или преку 1,5 милијарди долари што, исто така, во најголем дел доаѓаат од продажбата на маркетинг правата за светското првенство. Сите останати приходи, како што се продажбата на права за организирање на настани, членарини, продажба на карти итн., имаат учество под 30% од приходите. Трошењето на овие средства е структурирано и подлежи на голем број ревизии како внатре во рамките на ФИФА, така и од надворешни ревизорски агенции. Иако постојат критики дека челните луѓе на организацијата имаат пречесто преголеми бонуси и годишни хонорари, сепак трошењето на средствата за развој на спортот, промоција на спортските вредности, помош на земјите што немаат доволно средства за развој итн. се смета за квалитетно распределено. Најголемите контроверзии што ја следат организацијата се на страна на нејзините приходи, т.е. произлегуваат од нејзиното право на ексклузивитет.

Една од главните афери поврзани со ФИФА во блиското минато излезе на виделина при пропаѓањето на компанијата ISL (International Sport and Leisure) што во минатото често од ФИФА ги добиваше ексклузивните права за телевизиски пренос на натпреварите, вклучувајќи го тука и светското првенство што претставува најголем извор на приходи за организацијата. Во 2001 година оваа компанија банкротираше, а од ревизиите на нејзиното работење произлегоа голем број сомнителни зделки и трансакции што укажуваат на корупција во рамките на распределбата на правата за пренос на натпреварите. Никогаш не се докажа вмешаноста на првите луѓе на ФИФА во овие скандали, но заклучокот од истрагата беше дека тие се однесувале несовесно и тромо, оставајќи можност за корупција во рамките на телата на организацијата. Иако и порано постоеја слични вакви афери, пропаѓањето на ISL и ревизиските извештаи за оваа компанија претставуваат пресвртница што значително го насочи вниманието на јавноста кон работењето на ФИФА. Оттогаш до денес постојано излегуваат нови случаи на корупциски скандали што ја тресат ФИФА и нејзините регионални единици, а чија големина и контроверзност почна значајно да го подрива угледот на оваа престижна организација.
Продажбата на телевизиските, но и на ексклузивните права за маркетинг и спонзорство се покажаа како значаен извор на корупција и кај соодветните регионални единици на ФИФА како што се северноамериканскиот КОНКАКАФ и јужноамериканскиот КОНМЕБОЛ. Истрагите на американското ФБИ, а особено на даночната управа ИРС, покажаа бројни злоупотреби на челните луѓе на овие федерации при распределба на носечките права за пренос и маркетинг, но и на правата за продажба на билетите за натпреварите. Џек Ворнер до 2011 година ги држеше функциите претседател на регионалната единица КОНКАКАФ и воедно потпретседател на ФИФА. По бројните обвинувања за корупција, тој ги напушти овие функции, а истрагите против него во рамките на американското и на швајцарското законодавство сѐ уште траат. Обвиненијата против него го товарат дека преку разни малверзации, во подолг период, се стекнувал со противправна корист од преку еден милион долари годишно преку манипулации со телевизиските права, препродажба на билетите, како и правата за ексклузивен маркетинг на натпреварите во Северна и Јужна Америка. Еден од главните соработници на Ворнер е Чак Блејзер, кој во својата кариера извршувал бројни спортски функции во рамките на националните спортски федерации на САД, бил претседател на голем број американски фудбалски клубови и претставува еден од најконтроверзните спортски работници во Америка. Всушност, на негова иницијатива Џек Ворнер во 1989 година се кандидираше и стана претседател на КОНКАКАФ, а Блејзер поради заслугите во кампањата стана генерален секретар. Блејзер и Ворнер успеаја да издејствуваат договор за нивната компанија да добива 10% од продажбата на најголемиот дел од правата за телевизиски преноси, продажба на карти и други права што се ексклузивитет на КОНКАКАФ. Според истрагата на правосудните органи, во периодот од 1996 година до 2011 година, овие компании заработиле преку 16 милиони долари од овие провизии, а Блејзер се стекна со прекар господин десет проценти. Овој случај, иако финансиски не е толку значаен, претставува пресвртница во откривањето на корупциските скандали што ја следат целата организација бидејќи во 2011 година Блејзер прифати да биде таен информатор за американското ФБИ од каде што произлегуваат голем број материјали и снимени докази за големите корупциски афери што ја тресат денес ФИФА.
Покрај продажбата на телевизиските, маркетинг и правата за продажба на билети, ФИФА во рамките на својот ексклузивитет го држи и правото на избор на земја во која ќе се организира најзначајниот спортски настан на светот – светското првенство во фудбал. Економските анализи покажуваат дека при организација на овие натпревари се трошат десетици милијарди долари, често поврзани и со инфраструктурни зафати иницирани поради самиот настан, што имаат значајни економски последици за земјата-домаќинка. Иако некои земји неславно ги искористија овие можности и ги воведоа своите земји во неразумни трошења, голем број земји ја сметаат можноста да го организираат овој настан како огромен економски потенцијал не само како директна финансиска придобивка од туризмот, туку и како долгорочна придобивка за угледот и за имиџот на земјата во подоцнежниот период. Оттука ова право на ФИФА прерасна во алатка со огромна моќ, што секако со себе го носи и товарот за можни злоупотреби и корупција. При својата истрага ФБИ, во најголем дел преку информаторот Блејзер, но и преку информации за финансиските трансакции што ги прибира даночната служба ИРС, формираше случаи за корупција при изборот на земја што ќе ги биде домаќинка на светските првенства, поточно изборот на Русија за Светското првенство во 2018 година, како и изборот на Катар за 2022 година. Иако овие случаи не се завршени и целосните докази сѐ уште не ѝ се дадени на увид на јавноста, оваа афера се смета за најголема во историјата на ФИФА. Во акцијата што започна во мај оваа година веќе се уапсени 14 лица во Америка и во Швајцарија од кои седум се високи претставници на ФИФА, меѓу кои се наоѓа и Џек Ворнер. Истрагата сѐ повеќе се шири и на други спортски работници, претставници на клубови, компании за препродажба на телевизиски и маркетинг права итн. Претседателот на ФИФА Сеп Блатер, иако успеа и покрај корупциските скандали повторно да обезбеди мнозинство за реизбор на функцијата, неколку недели подоцна под притисок на јавноста мораше да најави напуштање на оваа функција и да најави Вонреден конгрес за декември оваа година. Големината на скандалот се шири и на голем број угледни компании како што е примерот со компанијата за спортска опрема Најк што, според истрагата, е вовлечена во овие скандали. За Најк се смета дека обезбедила коруптивни средства во висина од 40 милиони долари за да го добие правото на ексклузивна опрема за бразилскиот фудбалски тим за Светското првенство во Бразил. Додека го пишувам овој текст, аферата добива сѐ поголеми димензии и сѐ повеќе земји се вклучуваат преку своите правосудни органи во расчистување на коруптивните краци што допираат до нивните национални федерации. Тука предничи Австралија, што „за влакно“ го изгуби правото за организирање на Светското првенство во фудбал 2022 година од Катар, а што според нејзините истраги и анализи била оштетена преку масовна корупција на поединечни високи претставници на ФИФА преку кои е обезбедена победата на Катар.

Фудбалот веќе одамна не е само спорт, а најважната работа веќе не може да се третира само како споредна. ФИФА веќе еден век покрај спортот го негува и спортскиот дух, фер-плејот и развојот на светското општество низ големите цивилизациски предизвици како што се расната дискриминација, еднаквоста, правдата, правичноста итн. Кога се анализира ФИФА и нејзиното работење не можеме да се апстрахираме од значајните успеси што се последица токму на упорноста и на посветеноста на нејзините раководства, вклучувајќи го тука и речиси дваесетгодишното раководење на Сеп Блатер кој, иако заврши неславно, зад себе остави големо наследство во смисла на развој на фудбалот и на спортските вредности. Светското првенство во фудбал претставува неспоредливо најголем промотор на прогресивните цивилизациски придобивки каде што на најпластичен начин може да се идентификува полето за културен натпревар меѓу народите. Фудбалот стана преважен за неговата работа да се остави само на фудбалските работници. Последните контроверзии претставуваат кулминација на еден процес на закржлавеност, претерана комоција и метастазирана корупција што се заканува да го урне најважниот промотор на човечките вредности. Веројатно тоа е причината зошто светските политички елити вложуваат несразмерно големи напори во разоткривањето на овие скандали од кои се очекува да произлезе една нова, реформирана, реструктурирана организација што повторно ќе го врати угледот и ќе ги освои симпатиите на светската јавност. Без разлика на исходот, фудбалот за многумина останува најважната работа на светот.