Финансии / Банкарство

АНАЛИЗА НА МАКЕДОНСКИТЕ КОНСУЛТАНТИ И АНАЛИТИЧАРИ

Павле Гацов

Традиционално во лето се обидуваме да пишуваме за „летни теми“. Затоа и бегаме од класични економски наслови. За жал, во економијата нема летни и лесни теми. Впрочем, нашите јужни соседи токму ова лето го допреа дното. „Допирањето на дното“ е само дескрипција – дно во економијата не постои, секогаш може да биде полошо и пострашно.

Македонија ова лето допира едно друго дно – политичко, за економското ќе почекаме.
Со оглед на апсолвираноста на темите за буџетскиот дефицит (ММФ нè опоменува во својот најнов Извештај) и за задолженоста на земјава, во овој број ќе презентираме „лахка“ анализа за македонските аналитичари и консултанти. Тие се посебна сорта. Загризавме подлабоко и се обидовме да ги групираме во подвидови, опишувајќи ги нивните својства. Испадна интересно четиво.

Шегата е половина вистина: шеговита дефиниција за консултантите и за аналитичарите
Велат дека во секоја шега има доза на вистина. Затоа да го почнеме овој текст шеговито. За почеток да го дефинираме поимот „консултант / експерт/ аналитичар“ на шеговит начин: консултант / експерт / аналитичар е човек кој УТРЕ во детали ќе Ви објаснува зошто тоа што го тврдел ВЧЕРА НЕ се остварило ДЕНЕС.

Од ваквата концизна и многу јасна дефиниција да извлечеме „хронолошки“ поенти. Прво, да тргнеме од вчерашните тврдења на консултантот сфатени како факти за кои не се дискутира, второ, да преминеме на неговите денешни промашувања на темата (лоша прогноза) и трето, да стигнеме до утрешниот ден кога ќе ни биде испорачано детално објаснување за причинско - последичните врски поради кои не се исполниле вчерашните предвидувања.
Продолжувајќи на истиот начин, во почетната дефиниција за „итриот“ консултант, ќе сместиме и поширок круг на познавачи на темата. Такви има најмногу. Од нив секогаш ќе добивате многу информации, главно само факти и толкувања на фактите, но без заклучоци и препораки. Со нив го затвораме опфатот на првата група на консултанти и на аналитичари.

Да дефинираме и втора група која, за разлика од првата, ќе ги премолчи „вчера“ и „денес“ (поврзано со основната дефиниција за консултантот), ама УТРЕ надолго и нашироко ќе елаборираат што би направиле тие во минатото за да не дојде до „ова, денес“. Ако се работи за позитивно движење, односно состојба, ќе појаснуваат на кој начин би го зголемиле нивото и би го растегнале траењето на таквото позитивно движење. Ваквата состојба да ја дефинираме со народната изрека: „По војната – сите се генерали“.

Во третата група на консултанти и на аналитичари ќе ги сместиме оние кои и „вчера“ и „денес“ ќе ги „утнат“, ама потоа најгласно од сите ќе објаснуваат во детали дека всушност тие сè точно предвиделе. Ваквата состојба да ја наречеме по уште една народна: „Држете го крадецот“.

Во четвртата група има место за оние што ниту отвораат уста, ниту коментираат, не напаѓаат никого, ниту пак бранат некого. Но, ако ги прашате, ќе се изнаслушате одговори од типот „знаев“, „зборував уште многу порано“ или, пак, „има кој да мисли за тоа“, „не е моја работа“ и сл. За ваквите има повеќе народни поговорки, а ние ја избираме онаа што прва ни падна на ум „Ни лук јал – ни лук мирисал“.
Бидејќи нема малициозност во оваа наша шеговита градација на аналитичарите, да кажеме дека има и такви (група број пет) кои главно ќе ги предвидат настаните и состојбите, ќе го кажат тоа јавно или пак ќе премолчат пред јавноста. На нив да им „оддадеме признание“, а оние кои молчат да ги охрабриме да се произнесуваат јавно. Ете и за нив една од народот: „По утрото денот се познава“ и уште една како награда: „Те знам пушко кога пиштол беше“.

Вие, почитувани, имате шанса авторот на текстот да го рангирате (сместите) во една од петте групи на консултанти (аналитичари) за кои пишуваме погоре.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано