Финансии / Банкарство
ЛЕТНОТО ЖОЛТО ЛУДИЛО ЦАРУВА НА ИНТЕРНЕТ
Дарко Булдиоски
@darko156 newmedia.mk
ШТО МОЖЕ ДА СЕ НАУЧИ ОД МАЛИТЕ СИМПАТИЧНИ СЛУГИ НА НЕГАТИВЦИТЕ?
Дали те зафати жолтото лудило и тебе? Не, не зборувам за Сонцето и за топлите летни денови, зборувам за едно жолто лудило што започна пред 5 години, а овој месец кулминира. Да, мислам на Минионите, тие мали слатки жолти сферични суштества кои не оставаат никого рамнодушен.
Оригинално требало да бидат поголеми, пострашни и да личат на орки, но како што се развивала нивната улога во креирањето на првиот цртан филм (Despicable Me), тие станувале помали, послатки и поедноставни за анимација. На крај креаторите одлучиле дека тие всушност треба да го направат негативецот Гру да биде подопадлив за публиката. И, очигледно намерата им успеала.
Дали сте знаеле дека малите жолти преслатки Миниони имаат само 5 различни фризури? Или дека еднооките Миниони ретко се високи? Или дека сите високи Миниони имаат иста фризура? Дали знаете дека нивниот оригинален јазик всушност е микс од шпански, од англиски, од француски со примеси на руски и на јапонски? Или можеби сте разбрале дека гласовите на овие слатки мали жолти ги позајмуваат самите режисери на цртаниот филм?
Сите овие детали еден по еден мистериозно се откриваа низ годините откако првпат се појавија Минионите на големото платно. Нема дискусија, тие си заслужија сопствен филм, на крајот на краиштата сите нивни фанови, а само на Facebook ги имаат над 30 милиони, заслужија да дознаат од каде доаѓаат и што правеле низ вековите наназад пред да го запознаат Гру.
Мене Минионите ме пленија уште од самиот почеток, но повторно почнав да им се воодушевувам пред речиси две години кога почнав да ги следам на социјалните медиуми. Тогаш уште немаше најава за нивниот нов филм, а тие си доминираа и си ја градеа својата доминација. И тука доаѓа до израз клучното прашање зошто тие и на интернет се толку многу успешни. Постојат многу одговори, но најлесниот е: оригинална содржина. Често им напомнувам на компаниите со кои работиме или општо на обуки, или други неформални ситуации дека социјалните медиуми се меч со две острици. Тие јадат содржина, а квалитетна содржина не е евтино да се креира. За да имате добра реализација на социјалните медиуми мора да имате квалитетна содржина, прилично е едноставно. Некогаш тоа ќе биде и добра понуда или добар производ, но тоа не може да биде долгорочно одржливо.
Потребно е секогаш да се дефинира приказната со која ќе се презентираат производите и таа да не се менува за секоја следна кампања или промоција, приказната треба всушност да биде долгорочна платформа што на маркетинг одделот ќе му даде доволно слободен простор да креира различна комуникација, различна порака, а повторно тоа сè да биде под иста капа и да води кон една иста генерална комуникациска цел.

И тука Минионите растураат. Нивната оригинална содржина со години, дури и кога нема нов филм, ги забавува и ги одржува будни своите фанови. Нормално, ни тие не креираа исклучително видео содржина, и ним таа им е скапа, ама затоа беа одлични со своите фотомонтажи, нови ситуации, стрипови и пораки.
Препорака: вратете се назад неколку години на нивната Facebook страница и рагледајте ги објавите, особено серијата со „office safety tips”, „minion milestones” или „little known minion facts”.
Кога самиот производ е содржина, факт е, далеку полесно е да креираш уште повеќе содржина со оригиналниот материјал или да додаваш нов, но тоа изгледа лесно само затоа што овие работи се планираат и се работат доволно долгорочно. Не секогаш ќе можете да влечете директни паралели со ваквите брендови, но не треба да се откажувате набрзина. Минионите, поточно маркетинг тимот кој комуницира на интернет со нив прави работи што се корисни лекции за секој бренд.
Погледнете ја соработката со останатите брендови. И не, не мислам на оние кои го користат брендот на Минионите за директно да ги продадат своите призводи, тоа секако е извесно, туку на оние кои придонесуваат во крирање на уште содржина. Минионите имаат соработка со модниот магазин Vogue каде што повторно фокусот е на содржината. Имено, тие прават интервју со познати модни дизајнери за влијанието на Минионите во нивната работа. Секако дека видеото е пародија, но тоа оди во линија на целата манија што го зафаќа светот и е во согласност со генералната комуникација. Дополнително бонбоните ТicTac креираа специјална серија на своите бонбончиња со жолта боја и очи како Минионите. Но, она што следува по тоа е мотивацијата фановите да креираат содржина со нив.
На официјалниот сајт на филмот има неколку различни акции каде што самите фанови под различни хаштази се мотивирани да споделуваат содржина на социјалните медиуми. Ова е уште една одлична лекција што може да се примени за вашиот бренд. Креирајте акција што ќе предизвика корисниците сами да креираат содржина.
И на крај, она што и иницијално ме инспирираше да пишувам за Минионите, е посебниот проект и вебсајт: behind the goggles, каде што всушност е претставен основниот чекор за креирање содржина: транспарентноста. Публиката ја интересира процесот, ја интересира како вашиот производ е направен, кои се одлуките што мора да се донесат за да го испорачате тоа што го нудите. Не мора секогаш да имаат хумористична компонента како што е тоа кај Минионите, но бидете подготвени од самиот старт дека ќе дојде време кога сета таа работа ако е добро содржински документирана ќе ви помогне во комуникацијата, во доближувањето до корисниците и до градење на појака врска. Ретко кој локален бренд во својата стратегија има предвидено дел за редовно производство на содржина, но дефинитивно тоа мора да биде дел од секоја следна стратегија. Тогаш нема да ви биде ноќна мора празниот (фугуративно зборувано) план за објави на социјалните медиуми, нема да се чудите што да споделите со медиумите и нема да мора да им се правдате на своите фанови.