Финансии / Банкарство

ЕКОНОМСКИ МОДЕЛ?

Марјан Петрески

Деновиве, а и во еден подолг период наназад, владиниот економски модел за развој, што се базира на привлекување странски инвеститори во технолошко-индустриски развојни зони во кои тие добиваат големи финансиски олеснувања, се најде изложен на сериозни критики како во политичката, така и во експертската фела. Бранот критики беше поттикнат од најавата за повлекување на фабриката порано позната како „Џонсон контролс“, која беше и првата позначајна странска (гринфилд) инвестиција во земјава. Ваквата одлука – без разлика дали се заснова на тоа дека финансиските олеснувања истекуваат или е чисто поврзана со преструктурирањето во таа компанија – наметнува потреба за преоценување на потенцијалот и на ефектите од овој развоен модел. 

Всушност, се наоѓаме во уште еден предизборен период како последица на политичката криза што започна порано годинава. Ова е период во кој политичките партии, претпоставувам, ги скицираат своите политички програми. Клучно за живеачката ќе биде економскиот модел за развој што ќе го понудат програмите. Економските модели што ќе ги понудат левицата и десницата засега не се целосно познати, иако можат да се формираат одредени очекувања во согласност со нивното досегашно дејствување.

Мојот став е дека сегашниот концепт на развој – преку странски инвестиции со серија повластици – ги покажува првите знаци на слабост и треба сериозно да се преиспита, додека концептот на развој што би се потпирал на прогресивно оданочување и алиментирање на социјалата до ниво до кое нејзината неактивност може да стане најсериозната закана за растот е целосно погубен и неодржлив.

Оттука економскиот модел во постизборниот период, што е најреален и веројатно најлесно и најевтино спроведлив, треба да се базира на модификација на постојниот модел на привлекување странски инвестиции. Основната слабост на постојниот модел е што фабриките што се населуваат во нашата економија бавно и тешко, а често и невозможно е да се поврзат со домашната економија. Тие се главно високотехнолошки фабрики што од нашава економија црпат само евтина работна сила и ништо друго. Поради природата на нивните производни процеси, тие тешко наоѓаат добавувачи во домашната економија. Во услови на таква слаба поврзаност со домашната економија, за нив е релативно лесно и да си заминат. Притоа не е за изненадување тоа да го сторат во моментот кога финансиските олеснувања што ги добивале престануваат да важат.

Еве неколку правци на размислување за сериозно коригирање на овој економски модел.

Прво, совршено ми јасно дека она што го плаќаат фабриките, а што најчесто е близу минималната плата, не е доволно за живеачка, но нема економска логика тоа да биде поинаку. Добрите економисти знаат дека во услови на голема невработеност, односно голема понуда на работна сила, а недоволна побарувачка, цената на трудот ќе биде ниска. Но, плаќањето на работниците е едно прашање, а друго прашање се работничките права. Македонија мора да осигури подобро дефинирање на работничките права и, поважно, нивно агресивно и доследно имплементирање во практиката. Прекршувањето на работничките права да биде санкционирано без оглед дали станува збор за домашна или за странска фабрика и дали во сето тоа е вмешана некаква политичка заднина или не.

Второ, стратегијата за привлекување странски фабрики да се промени во насока на привлекување фабрики повеќе од средна технологија, барем во моменталнава фаза од нашиот развој. Тоа главно би биле фабрики од прехранбена, конзервна, млечна и другите сродни индустрии. Тие не само што полесно ќе ја вработат нашата работна сила без многу дополнителни тренинзи и преквалификации туку и полесно ќе се поврзат со домашната економија. Така ќе се решат и многу проблеми во земјоделското производство, а ќе се поттикне и производството на култури што порано се произведувале во нашата економија, а сега ги нема. Домашните фирми – добавувачи на странските фабрики – ќе станат дел од еден поголем синџир на снабдување, ќе ги подобрат своите карактеристики и стандарди на работење, а веројатно ќе изградат и пристап до меѓународниот пазар. Во такви околности, дури и да се случи странската фабрика да замине од економијата, врските што домашните фирми веќе ги изградиле ќе им останат како вредност што може да биде значајна за нивниот понатамошен развој.

Трето, не сум против субвенционирањето при влезот на странските фабрики. Но, на ова поле е потребна најсериозната корекција. Нема компромиси за транспарентноста во трошењето на јавните пари. Тоа се пари на даночните обврзници и тие мора да знаат за што е потрошен и најситниот денар, а не пак за баснословни износи дадени на субјекти надвор од националната економија. Оттука износот и намената на каква било субвенција во иднина треба да бидат јавни и лесно достапни за секој граѓанин и институција, како и листата на останатите директни и индиректни олеснувања и повластици дадени на секоја фирма. Поважно од ова е што треба да се создаде политички и експертски консензус, базиран на емпириски докази, дека трошоците што ги правиме како економија за субвенционирање се помали од користите што економијата ќе ги има од тоа субвенционирање. Тоа ќе имплицира и утврдување на максималниот износ на субвенции што сме спремни да го платиме како економија. Вакво нешто во моментов нема и сите износи се определени на ад хок основа, згора на тоа што им остануваат целосно непознати на даночните обврзници.

Четврто, вака редизајнираниот модел да се отвори целосно и кон домашните инвеститори, односно тој да не прави каква било нивна дискриминација. Дали ќе биде од нив искористен – не знам, но тие заслужуваат фер шанса.

Вака редизајнираниот модел ќе осигури отворање нови работни места што ќе доведат до намалување на сиромаштијата, како и до поголема куповна еднаквост меѓу граѓаните. На краток рок нема да ги подигне платите на ниво на европските, но ќе осигури солидна основа платите постепено да растат, односно да конвергираат кон тие од домицилните земји на странските инвеститори, а паралелно со зголемувањето на продуктивноста на нашите работници. Прогресивните даноци и високата незаработена социјална помош треба да бидат надвор од оваа листа – можат да уловат некој глас, но среднорочно се погубни за економијата.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано