Финансии / Банкарство

КРЕДИТИТЕ НА ДОМАЌИНСТВАТА ПРОДОЛЖУВААТ ДА РАСТАТ, НО ПОСТЕПЕНО РАСТАТ И РИЗИЦИТЕ

Игор Давков

Македонските банки во изминативе неколку години успeаjа да одржат солидно ниво на испорака на кредити во економијата. Стапката на раст на вкупните кредити во 2014 година беше некаде трипати повисока од стапката на раст на БДП, или 9,9%. Во согласност со последните расположливи податоци, банките и во текот на 2015 година одржуваат годишна стапка на раст што е над 9%. Доколку продолжат ваквите трендови, а имајќи предвид дека вообичаено има зголемена активност на кредитниот пазар во четвртиот квартал од годинава, може да се очекува стапката на раст на кредитите оваа година да достигне ниво и над 10%, што приближно би претставувало 2,5 пати од проектираниот раст на БДП за 2015 година (4,1%).

Во изминатиов период објавените податоци јасно покажуваат дека придвижувач на растот на кредитите се кредитите на домаќинствата. Веќе неколку години по ред стапките на раст на кредитите на домаќинствата се значајно повисоки во однос на растот на кредитите што завршуваат во стопанството. Ова несомнено значи дека перцепцијата на банките за ризиците во секторот население е значајно пониска од сликата што банките ја имаат за корпоративниот сектор. Ова емпириски е потврдено и преку разликата во стапките на деликвенција на кредитите во двата сектора. Имено, според последните расположливи податоци нефункционалните кредити учествуваат со 11,6% во вкупните кредити, што со мали флуктуации од квартал во квартал претставува некое стабилно ниво што го одржуваат банките во изминативе две години. Сепак постои голем јаз во нефункционалните кредити доколку се споредат остварувањата во корпоративните портфолија и во портфолијата на населението. Имено, стапката на учество на нефункционалните кредити кај првите е 15,9%, додека кај вторите изнесува 5,8% и бележи тенденција на континуирано намалување во изминативе две години. Како дополнување на сликата треба да се имаат предвид и реструктурираните кредити, чиј волумен не е за занемарување. На ниво на вкупното кредитно портфолио тие учествуваат со 3%, со изразена доминација на корпоративните кредити каде што реструктурираните кредити учествуваат со 5% во вкупните корпоративни кредити наспроти кредитите на домаќинства каде што учествуваат со само 0,3%.

ВЕЌЕ НЕКОЛКУ ГОДИНИ ПО РЕД СТАПКИТЕ НА РАСТ НА КРЕДИТИТЕ НА ДОМАЌИНСТВАТА СЕ ЗНАЧАЈНО ПОВИСОКИ ВО ОДНОС НА РАСТОТ НА КРЕДИТИТЕ ШТО ЗАВРШУВААТ ВО СТОПАНСТВОТО. ОВА НЕСОМНЕНО ЗНАЧИ ДЕКА ПЕРЦЕПЦИЈАТА НА БАНКИТЕ ЗА РИЗИЦИТЕ ВО СЕКТОРОТ НАСЕЛЕНИЕ Е ЗНАЧАЈНО ПОНИСКА ОД СЛИКАТА ШТО БАНКИТЕ ЈА ИМААТ ЗА КОРПОРАТИВНИОТ СЕКТОР

Податоците за првиот квартал од годинава укажуваат на зголемена динамика на раст на нефункционалните кредити во сите сегменти од портфолијата на банките во споредба со остварувањата во 2014 година. Така стапката на раст на нефункционалните кредити на годишна основа е на ниво од 13,6% (16,2% кај корпоративните кредити и 5% кај кредитите на домаќинствата).
Во услови на историски најниско ниво на каматните стапки, кога банките чувствуваат притисок врз профитните маргини, сосема е рационално што банките се фокусираат онаму каде што перцепцијата за ризиците е пониска, можностите за диверзификација на ризикот се повисоки, а пласманите носат повисоки каматни приходи. Сепак, она што се случува во последниве два квартала дава одредена индикација или сигнали за зголемена материјализација на ризиците кај кредитите на домаќинствата. Имено, во овој период за првпат во последниве две години банките бележат растечка годишна стапка на нефункционалните кредити (2,7% и 5% соодветно). Во услови на релативно стабилно макроекономско опкружување, на поволни движења на пазарот на работна сила, како и на стабилни инфлаторни движења, се чини дека не постојат рационално објасниви екстерни фактори што би влијаеле врз зголемувањето на деликвенцијата на кредитите на домаќинствата. Очигледно е дека промените во профилот на ризичност на овие кредити со одредено временско задоцнување имаат корелациски врски со она што се случува во корпоративните портфолија на банките каде што се забележуваат изразито повисоки ризици. Меѓутоа, постојат и други интерни фактори што имаат влијание на забележаните стапки на раст на нефункционалните кредити.

Во изминативе десет квартали, анкетите за кредитна активност што ги спроведува НБРМ покажуваат нето олеснување на условите за кредитирање во сегментот на кредитите на домаќинствата. Имено, изминатава година 26% од банките пријавиле нето олеснување на условите за кредитирање, додека во 2013 година оваа стапка изнесуваше 40%. Во првите два квартала од 2015 година, во просек 22% од банките пријавиле понатамошно олеснување на условите за кредитирање. Станбените кредити и потрошувачките кредити предничат во олеснетите услови, пред сè, во делот на каматните стапки и трошоците на кредитите, но исто така и во барањата за колатерал и другите услови поврзани со кредитниот капацитет на клиентите. Резултат на овие промени во кредитните услови, нормално, е зголемената пропустливост на кредитните барања. Стапката на пропустливост на кредитните барања на домаќинствата, во согласност со последниот Извештај за финансиска стабилност на НБРМ, е на историски највисоко ниво во последниве пет години и изнесува 84,2% или со едноставни зборови кажано банките одобруваат приближно 6 од секои 7 примени кредитни барања. Овој тренд е регистриран практично кај сите типови на кредитни продукти при што најголемо зголемување на пропустливоста, во последниве две години, е регистрирано кај кредитите што се главни двигатели на растот, односно станбените и потрошувачките кредити.
Кога се зборува за кредитите на домаќинствата и за нивниот профил на ризик не треба да се изостави аспектот на новите кредитокорисници кои првпат се задолжуваат кај банките. Недостатокот на кредитна историја, како и можните промени во капацитетот за отплата се главните фактори што ги чинат овие кредити за нијанса поризични. Иако учеството на новите кредитокорисници во вкупните активни кредитокорисници има тенденција на намалување како во бројот на кредитните партии така и во волуменот на новоодобрените кредити, сепак претставува значаен дел од кредитната активност на банките. Имено, во просек 6,5% од вкупните активни кредитокорисници, односно 9,5% од новите кредити во изминативе пет години биле одобрени на домаќинства што првпат се задолжуваат кај банките.
Остварените стапки на раст на кредитите исто така доведоа и до зголемување на показателите за задолженост на домаќинствата. Имено, показателот за учество на кредитите на домаќинствата во БДП на крајот на 2014 година беше на историски највисоко ниво од 21%. Овој показател, на пример, во земјите од еврозоната изнесува приближно 60%. Ова навидум упатува дека постои огромен простор за раст на кредитите на домаќинствата, но сепак треба да се има предвид дека по многу карактеристики меѓу двата пазара има длабоки разлики, па оттука и чистото нумеричко споредување на двете бројки не треба да нè однесе до погрешен заклучок. Она што можеби е најреален показател за капацитетот на секторот домаќинства за натамошно задолжување е учеството на долгот во расположливиот доход. Овој показател на крајот на 2014 година беше на историски највисоко ниво и изнесуваше 29,6%. Со оглед дека расположливиот доход во изминатиов период расте со двојно поспора динамика (2014: 5,9%) во однос на растот на кредитите на населението (2014: 12,1%) може да се очекува овој показател и понатаму да расте, односно постепено да се исцрпува просторот за прудентно кредитирање на домаќинствата. Дека во моментов на агрегирана основа нема посериозни проблеми со ранливоста на секторот домаќинства и дека задолженоста е условно кажано сè уште во т.н. прудентни рамки покажуваат и движењата за показателите за ранливост на секторот домаќинства, што НБРМ ги дава во последниот Извештај за финансиска стабилност. Меѓутоа, кога се анализираат овие показатели не треба да се изостави еден многу битен момент, а тоа е дистрибуцијата на расположливиот доход на населението и степенот на задолженост на подделните доходовни групи во рамките на оваа дистрибуција. Според податоците за првиот квартал од оваа година, 58,2% од вкупната кредитна изложеност или 87,5% од должниците се со нето месечни примања пониски од 30 илјади денари. Ова само по себе зборува за расположливиот доход на она што е доминантна категорија на кредитокорисници и за потенцијалот, односно дополнителниот простор за натамошно задолжување на овој доминантен сегмент од популацијата во рамките на т.н. прудентно ниво. Притоа над 70% од кредитните продукти што по своите продуктни карактеристики се сметаат за ризични (потрошувачките кредити и кредитните картички) се сконцентрирани токму кај овој сегмент од популацијата. Ова се потврдува и преку движењето на показателот за отплата на камата и на главница во вкупниот расположлив доход на населението. Имено, овој показател има континуиран тренд на пораст и во последниве шест години е зголемен за 2,2 п.п., од 6,9% на 9,1%.

СТАПКАТА НА ПРОПУСТЛИВОСТ НА КРЕДИТНИТЕ БАРАЊА НА ДОМАЌИНСТВАТА, ВО СОГЛАСНОСТ СО ПОСЛЕДНИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА ФИНАНСИСКА СТАБИЛНОСТ НА НБРМ, Е НА ИСТОРИСКИ НАЈВИСОКО НИВО ВО ПОСЛЕДНИВЕ ПЕТ ГОДИНИ И ИЗНЕСУВА 84,2% ИЛИ СО ЕДНОСТАВНИ ЗБОРОВИ КАЖАНО БАНКИТЕ ОДОБРУВААТ ПРИБЛИЖНО 6 ОД СЕКОИ 7 ПРИМЕНИ КРЕДИТНИ БАРАЊА

Структурно гледано, иако во последниве две години има промени во корист на станбените кредити, сепак доминација во портфолијата на банките сè уште имаат потрошувачките кредити, кредитните картички и негативните салда на трансакциските сметки. Овие форми на кредитна изложеност учествуваат со 73% во вкупната кредитна изложеност на крајот од првиот квартал од годината и креираат 27,5% од вкупниот годишен раст на кредитната изложеност на банките. Најголем дел, или повеќе од 2/3 од овие кредити се необезбедени. Нефункционалните кредити наменети за потрошувачка учествуваат со 6,5% во вкупните кредити за потрошувачка. Иако стапката на нефункционалните кредити бележи благ пад во изминативе две години, сепак постои нова продукција на лоши пласмани, што во моментов по својот обем можеби и не претставуваат загрижувачки фактор, но не треба да се занемарат. Инаку, како резултат на динамизираната активност во кредитирањето на домаќинствата, пресметките на НБРМ покажуваат дека веројатноста од неисполнување на обврските на домаќинствата кон банките во изминативе две години бележи тенденција на намалување. Така од 4% колку што изнесувала оваа стапка во 2012 година, таа на крајот од минатава година е намалена на 2,6% (мерена преку бројот на кредитни партии). Сепак оваа стапка, во согласност со најновите промени во стандардите за пресметка на исправка на вредноста, не треба да се гледа како вредност во дадена точка на времето, туку како просек во текот на цел еден кредитен циклус со оглед дека треба да ја отсликува просечната продукција на лоши кредити во даден временски хоризонт од неколку години.
Кога се зборува за ризиците поврзани со кредитите на домаќинствата мора да се имаат предвид и нелинеарните вградени кредитни ризици, односно ризиците што произлегуваат од прилагодливите каматни стапки и валутните ризици што произлегуваат од кредитите во девизи и во денари со валутна клаузула. Имено, 75% од кредитите се со прилагодлива каматна стапка, а 46,3% се кредити во денари со девизна клаузула и чисто девизни кредити. Овие индуцирани ризици во услови на значајни промени во каматното опкружување или промена на курсот можат да се материјализираат во идни кредитни загуби. Дополнително на ова, на контото на ризиците поврзани со кредитите на домаќинствата е и континуираното продолжување на нивната рочност. Во последниве пет години, просечната рочност на кредитите на домаќинствата е продолжена од осум години на девет години и три месеци. Другите индиректни ризици, што се обврзани да ги мерат банките и да ги анализираат на ниво на портфолио на кредити, се влијанието на макроекономските ризици, како и ризиците поврзани со работодавачите, односно изворите на приходи на секторот домаќинства од каде што произлегува основниот ризик за ненаплата на кредитите.
Простор за натамошен раст на кредитите на домаќинствата постои реално, но овој раст на долг рок не треба да биден воден од прекумерно и од континуирано олеснување на стандардите за преземање на кредитен ризик, пред се, воден од конкурентски побуди.

(септември 2015)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано