Финансии / Банкарство

ПАЗАРОТ НА ОСИГУРУВАЊЕ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Дарко Блажевски

На пазарот на осигурување во Република Македонија активно работат 15 друштва за осигурување, од кои 11 друштва вршат работи на неживотно осигурување, а 4 осигурување на живот. Друштвата за осигурување се во доминантна сопственост на странски правни лица од финансиски сектор (92,2%), што се делумно или целосно присутни во 14 друштва за осигурување. Притоа 11 друштва за осигурување се дел од осигурителни групации со седиште во земји-членки на ЕУ. Заклучно со вториот квартал на 2015 година, во 15-те друштва за осигурување се вработени 1.818 лица, што претставува пораст на вработените лица од 6,94% во однос на минатата година.  

Во 2014 година друштвата за осигурување остварија бруто полисирана премија (во понатамошниот текст БПП) во вкупен износ од 7,63 милијарди денари, што претставува пораст од 6,08% во однос на приходите остварени во 2013 година. Кај неживотно осигурување е остварена БПП во износ од 6,74 милијарди денари, односно пораст на приходите од 4,31% во однос на истиот период од минатата година. Кај осигурувањето на живот e остварена БПП во износ од 888 милиони денари, што претставува зголемување од 21,78% во однос на минатата година. Оваа висока стапка на пораст на осигурувањето на живот е една од највисоките стапки на пораст споредено со сите земји во Европа. Трендот на пораст на БПП во осигурителниот сектор е присутен повеќе години (Графикон бр. 1.), а очекувањата се дека овој тренд ќе продолжи и во тековната 2015 година. За тоа сведочат и полугодишните резултати со остварен пораст на БПП од 8,36% во однос на првата половина од минатата година.



Податоците за остварената БПП се особено значајни во осигурителниот сектор затоа што претставуваат основа за пресметка на основните показатели со кои се мери степенот на развиеноста на пазарот на осигурување, а тоа се степенот на густина и степенот на пенетрација. Податоците за нивото на пенетрација на осигурувањето во 2014 година покажуваат дека вкупната БПП во земјава учествува со 1,45% во БДП (2013: 1,44%), додека степенот на густина изнесува 3.694 денари по жител со што е постигнат пораст од 5,7% во однос на претходната година.
Во вкупната БПП најзначајно учество има осигурувањето кај моторните возила со 54,47% (2013: 57,02%) при што најголемо е учеството на задолжителното осигурување: одговорност од употреба на моторни возила учествува со 46,43% (2013: 46,99%), што претставува пораст на БПП од 4,82% во однос на 2013 година (Графикон бр. 2.). Потоа следува доброволното осигурување на моторни возила (каско) со 9,04% (2013: 10,03%) каде што е регистриран пад на БПП од 4,39% во однос на 2013 година при истовремено намалување на бројот на склучени договори за 5,38%. Овие трендови се должат на падот на продажбата на нови возила во 2014 година во споредба со претходните години. Вредно е да се истакне дека кај оваа класа на осигурување првпат по 5 години опаѓање се забележува мал пораст од 0,44% во првата половина на 2015 година со остварена БПП од 348,58 милиони денари (1H 2014: 347,06 милиони денари).
Следна значајна категорија во структурата на вкупната БПП е осигурувањето на имот (од пожар, од природни непогоди, од кражби и од други ризици) со 18,07% (2013: 18,29%). Кај оваа класа на осигурување се забележува пораст на БПП од 4,83% во споредба со 2013 година при едновремено зголемување на бројот на склучени договори од 12,19%. Оваа состојба се должи на сè поголемата активност на друштвата за неживотно осигурување во промоцијата на осигурувањето на имотот, во услови на изразена ценовна конкуренција. Сепак мерено според бројот на живеалишта на територијата на Р. Македонија, овој износ на премија се однесува само на 3,41% од домаќинствата од кои 0,14% се однесуваат на осигурување од поплава, а 0,24% на осигурување од земјотрес, што укажува на фактот дека постои недоволно развиена осигурителна култура кај населението за осигурување на имотот.
Посебно внимание заслужува порастот на осигурувањето на живот што изнесува 21,78% во споредба со 2013 година. Овој позитивен тренд во доменот на осигурување на живот е присутен повеќе години, што упатува на заклучок дека овој осигурителен производ е сè повеќе препознаен како инструмент што истовремено овозможува штедење и финансиска заштита на семјството.
Во доменот на посредувањето во осигурувањето, заклучно со втората половина на 2015 година, дејност вршат 30 осигурително-брокерски друштва, 11 друштвата за застапување, 3 деловни банки што дејствуваат како застапници во осигурувањето, како и и 950 лиценцирани застапници во осигурувањето.
Во структурата на каналите на продажба, најголемо учество зазема директната продажба остварена преку друштвата за осигурување со 48,82% од вкупната продажба, потоа следува продажбата преку осигурително-брокерските друштва со 22,77%, продажбата преку застапници (агенти) со 14,50%, продажбата преку друштвата за застапување во осигурувањето со 10,71% и 3,20% преку останати дистрибутивни канали.
Друштвата за осигурување на 31.12.2014 година располагале со средства во износ од 16,42 милијарди денари со што оствариле пораст од 18,25% во однос на минатата година. Овие средства учествуваат со 3,56% во вкупните средства на финансискиот систем од што можеме да заклучиме дека финансискиот систем во Република Македонија е изразено банкоцентричен. И покрај тоа, капиталната и управувачката поврзаност меѓу друштвата за осигурување и банките е незначителна така што и опасноста за прелевање на ризиците од банкарскиот сектор кон осигурителниот сектор е мала, но се издвојува значењето на стабилноста на банкарскиот систем за стабилноста на осигурителниот сектор како сегмент во кој осигурителните друштва чуваат една третина од својата актива во форма на депозити.
Вкупниот пресметан капитал на друштвата за осигурување забележува пораст од 11,19% во однос на 2013 година, односно на крајот на 2014 година изнесува 5,18 милијарди денари. Маргината на солвентност, пак, како главен индикатор за процена на стабилноста на осигурителниот сектор, изнесува 1,15 милијарди денари. Со тоа вкупно пресметаниот капитал на осигурителниот сектор е 4,5 пати над нивото на овој минимум, што претставува квалитетен показател за адекватна капитализираност на друштвата за осигурување.
Во текот на 2014 година, осигурителниот сектор оствари добивка по оданочување во износ од 342 милиони денари. Притоа во делот на неживотно осигурување беше прикажана добивка од 340 милиони денари, додека кај осигурувањето на живот е прикажана добивка во износ од 2 милиони денари. Позитивниот тренд на профитабилно работење се очекува и во 2015 година со оглед на тоа дека во првата половина на 2015 година е остварена добивка во износ од 183 милиони денари.
Во согласност со законските прописи и правилата на професијата, друштвата за осигурување се задолжени да ги утврдат обврските што произлегуваат од договорите за осигурување за спроведување на дејноста и за покривање на настанатите штети со пресметување и издвојување на технички резерви. Вкупниот износ на техничките резерви на друштвата за осигурување што вршат работи на неживотно осигурување на крајот на првото полугодие во 2015 година изнесува 7,45 милијарди денари, односно 14,2% пораст во однос на претходната година, додека вкупниот износ на технички резерви на друштвата за осигурување на живот изнесува 2,38 милијарди денари, што претставува пораст од 30,8% во однос на претходната година. Еден од факторите што придонесоа за зголемување на техничките резерви претставуваат спроведените супервизорски активности, како и примената на подзаконскиот акт за минималните стандарди за пресметка на техничките резерви со кој се овозможува примена на конзистентност во извршените актуарски пресметки на техничките резерви.
Исто така друштвата за осигурување имаат обврска да издвојат средства што ги покриваат техничките резерви во висина барем еднаква на вредноста на техничките резерви. Вложувањата на средствата се врши во инструменти предвидени со Законот за супервизија на осигурување и со соодветен подзаконски акт што подетално ги пропишува видовите и карактеристиките на дозволените вложувања. На 30.6.2015 година, друштвата за неживотно осигурување го исполнија законски предвиденото минимално потребно ниво на средства што ги покрива техничките резерви. Вложувањата на овие средства изнесуваа 6,08 милијарди денари и покриваа 104,09% од техничките резерви кај овие друштва. Во последниве неколку години се забележа значително подобрување во овој сегмент бидејќи пред 2011 година друштвата за неживотно осигурување не го исполнуваа потребниот минимум за покривање на техничките резерви (2011: 96,09%, 2010: 74,99%). Во структурата на вложувањата на овие средства најголемо учество имаат хартиите од вредност издадени од Република Македонија (46,85%), па потоа депозитите во банките (46,31%), уделите во инвестициски фондови (4,04%), акции (0,82%) и во други финансиски инструменти (2,19%). Кај друштвата за осигурување на живот, вкупните вложувања на средствата што ги покриваат техничките резерви и математичката резерва на 30.6.2015 година изнесуваа 2,40 милијарди денари, што претставува покриеност од 101,59%. Најголем дел од овие средства се пласирани во хартии од вредност издадени од Република Македонија (75,49%), банки (20,00%) и во други финансиски инструменти (0,25%).
Друштвата за осигурување во текот на 2014 година исплатиле износ на штети од 3,05 милијарди денари. Во споредба со 2013 година, износот на исплатени штети е поголем за 3,20% (Табела бр. 1.).

(октомври 2015)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано