Општество
Јовановски: Луѓето во Македонија треба повеќе да читаат
Зоран Јовановски
Авторот е економист
Зошто почнуваш списание сега кога треба да почнеш да уживаш во спокојството на пензионерските денови? Ова беше прашањето што му го поставив на татко ми, професорот Тихомир Јовановски, основачот на списанието „Економија и бизнис“, непосредно пред да излезе првиот број. Одговорот беше убиствено едноставен: луѓето во Македонија треба повеќе да читаат!
Почетокот беше скромен, со сопствени финансиски средства, без грантови од меѓународната заедница од стотици илјадници долари, но со помош на луѓе од бизнисот кои ги знаеја ентузијазмот и благородните мотиви на професорот. Содржински најголем дел отпаѓаше на текстови на постдипломци и докторанти. За да продолжат со подготовката на своите магистратури и докторати, од нив се бараше да објават неколку истражувачки трудови во некое списание. „Економија и бизнис“ им излезе во пресрет, се стекнаа со медиум каде што можат да го направат тоа. Професорот Тихомир Јовановски, иако веќе соочен со пензионерските денови, пронајде начин како да продолжи и понатаму да им помага на студентите.
Кога тој почина во 2011 година немав оставен аманет што да правам и се најдов пред предизвикот како да продолжам, дали да го прекинам или да го продолжам излегувањето на списанието. Донесов две принципиелни одлуки. Првата беше дека понатамошниот живот на списанието ќе зависи од тоа дали тоа ќе го положи тестот на пазарот, но за таа цел мора да стане модерно бизнис-списание, комплетен пазарен продукт. Втората одлука беше дека таа цел ќе мора да се оствари без какво било вмешување на дневната политика и политичките агенди. Тоа значеше дека „Економија и бизнис“ го одбра потешкиот пат, патот на цврсти принципи, автентичност, професионалности и независност. Пат на целосна посветеност кон врвен квалитет во секој поглед, единствениот што обезбедува здрава основа за успех на долг рок. Еве сме, влегуваме во 25тата години од излегувањето на првиот број, и не само што тоа е еден убав јубилеј, туку овој јубилеј го означува „Економија и бизнис“ како најстар бизнис-магазин во земјава.
Посебна вредност
Што и да се случи во земјава или светот, секој може да дознае за тоа само со неколку клика на компјутерот или на смартфонот. Тоа е лесно. Она што е поважно е да се разберат причините за тоа што се случило и да се предвиди што значи тоа за иднината. Токму тука, на таа точка се фокусира „Економија и бизнис“. Објаснувајќи ги случувањата и последиците за иднината, „Економија и бизнис“, всушност, станува платформа на која можат да се најдат важни, релевантни погледи кои овозможуваат полесно да се разбере контекстот, а со тоа и полесно да се носат одлуки за иднината.
Посебна вредност на списанието е квалитетот на содржините. Тој произлегува од квалитетот на пишувачите. Во „Економија и бизнис“ нема преведени текстови преземени од интернет. Не, секој текст има свој автор кој е претставен со име и презиме и фотографија. Притоа, наместо класична редакција, „Економија и бизнис“ соработува со врвни експерти од различни области. Меѓу оние кои се редовни пишувачи се, на пример, Гордан Георгиев кој пишува за случувањата во македонското општество, наједуцираниот политиколог во земјава, колега со Емануел Макрон од студентски денови на истиот факултет во Париз, потоа Драган Тилев кој е „сива еминенција“ во Секретаријатот за европски прашања и врвен долгогодишен познавач на состојбите и движењата во таа област. Професорот Горан Петревски е еден од водечките во земјава според бројот на објавени академски трудови во меѓународни списанија со импакт фактор. Маја Кадиевска Војновиќ е поранешен вицегувернер во Народна банка, Павле Гацов е еден од водечките експерти за даночна проблематика во земјава. Љупчо Поповски е еден од најдобрите познавачи на состојбите во надворешната политика, а Дејан Азески во регионот во кој се наоѓаме. Лидија Георгиева е врвно дизајнерско име во земјава, вистински бренд, со повеќе од 20 години професионален ангажман за врвни модни куќи во Париз (да, точно е, Мадона има купено нејзина креација). Сузана Камберова е доктор по медицина, дерматолог, но истовремено има извонредна дарба за пишување проза, неодамна објави книга во Србија. Дел од редовните пишувачи се и Мирослав Саздовски за бизнис-комуникации, Дарко Булдиоски за дигитални комуникации, за движењата на девизните курсеви пишуваат членови на Здружението на девизни дилери кои доаѓаат од финансискиот сектор. Простор им се отстапува и на млади пишувачи пред кои е блескава иднина како што е Димитар Фуна, моментно во Лондон, идно големо име во светот на финансиите. За претставување на убавините на земјава со интересни патеписни репортажи се грижи Александар Матески. Покрај автори од земјава, повремено објавуваме и текстови на пишувачи од странство. Просторот не дозволува да ги споменеме сите. Може да се согледа дека и покрај тоа што магазинот се вика „Економија и бизнис“, тој не покрива само такви теми, туку нуди широк дијапазон на текстови кои се интересни и за читателската публика која не произлегува од светот на бизнисот. Исто така квалитетот не е заслуга само на пишувачите. Големи заслуги за успехот има и Ќирко Бошкоски кој се грижи за тоа сите активности во рамките на списанието и фирмата што го издава да се реализираат навремено и квалитетно.

Во оваа прилика сакам да истакнам дека „Економија и бизнис“ создава текстови со трајни вредности. Показател за тоа е фактот дека во изминативе неколку години издадени се дури три книги во кои се содржани текстови објавени во списанието. Такви се книгата „Лево – Десно“, заедничко дело на професорите Никола Поповски и Трајко Славески, книгата „Македонски економски приказни“ на професорот Александар Стојков и книгата „Скршнувања“ на авторот Емануел Рембер, доскорешен директор на Францускиот културен центар во Скопје. Водејќи се од својот длабок, суштински приод, „Економија и бизнис“ ги следи актуелните теми и светските трендови. Така, веќе пет години во списанието ја има рубриката „Здрава животна средина – здрав живот“. Таа се реализира на тој начин што познати уметници, сликари, фотографи, дизајнери итн. даваат свој придонес за темата на рубриката. Тоа го прават така што дизајнираат содржина на една страница за потребите на рубриката. На тој начин сите заедно го даваме својот скромен придонес за постојано да го држиме во фокусот значењето да имаме здрава животна средина. Ова е идеја на Лидија Георгиева која се грижи за обезбедување содржина за секој месец. Особено сме горди што во досегашниот период свој придонес дадоа бројни познати имиња, меѓу кои и графичкиот дизајнер на лондонски Гардијан.
Се разбира, ништо од сето ова немаше да се случи без довербата на нашите читатели. Затоа во изминативе години во два наврати ја намаливме цената на годишната претплата на списанието, од 4 200 денари на 2 950 денари, а потоа на 1 500 денари (за студенти е 1 000 денари) со бесплатна испорака на адреса посочена од претплатникот. Со тоа „Економија и бизнис“ стана многу подостапна за поширок круг на читатели. Очекувано, бројот на претплатници повеќекратно се зголеми.
Сите овие години ја имаме и поддршката на компаниите спонзори. Тие знаат дека постоењето на еден ваков бизнис-магазин придонесува за јакнење на перцепцијата за македонската економија во очите на нивните партнери од странство и странските инвеститори во земјава. Затоа од пред извесно време континуирано постои голем интерес кај бизнис-секторот да се биде присутен во „Економија и бизнис“ со интервју. За илустрација, во моментов, првото наредно слободно мега интервју кое би одело со фотографија на насловната страница е слободно дури за половина година отсега натаму, во бројот за јуни 2022 година. Сè дотогаш е веќе договорено.
Особено сме горди и на фактот дека во последниве две години учествувавме во реализација на проект финансиран преку швајцарската Агенција за развој. Се работи за проектот „Мојата општина“ во чии рамки во овој број се вклучени општините Аеродром и Ранковце. Понатаму, сведоци сме на сè поголем интерес за соработка со „Економија и бизнис“ кој доаѓа од странство така што објавуваме интервјуа со компании од други земји. Започнуваме соработка и со светски познат бизнис-бренд.
На крајот, да се вратиме на мислата на професорот Тихомир Јовановски, основачот на „Економија и бизнис“, дека луѓето во Македонија треба повеќе да читаат. Јас на тоа само би додал дека никогаш не знаеме каде и што можеме да прочитаме што ќе ни ја смени комплетно сликата за некоја работа и ќе ни даде идеја што целосно ќе ни го промени животот. Читајте „Економија и бизнис“, обезбедете си годишна претплата и подарете годишна претплата некому за кого сакате да изгради високи стандарди на квалитет. Ние ќе продолжиме да правиме сè за да ја оправдаме вашата доверба.
Среќна Нова 2022 година!