Општество
Младите развија и презентираа идеја за ученичко вмрежување на национално ниво
21.03.2022г.
На 21 март 2022 година, учениците кои се дел од Центарот за фузија на идеи, поддржан од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, имплементиран од Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО), ја презентираа нивната идеја за ученичко вмрежување на национално ниво пред претставници од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука. Меѓу присутните беа и наставници, претставници од стручните служби и директори на вклучените училишта, како и претставници од Канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија.
Во текот на првото полугодие од учебната 2021/22 година, сите членови на Центарот за фузија на идеи учествуваа во развивање на заедничка идеја за решавање на предизвиците со кои се соочуваат младите ширум државата.
„Еден од поголемите предизвици на учениците е недостаток на можности за меѓусебна социјализација. Доколку се искористи правилно, технологијата би им овозможила на учениците да комуницираат и соработуваат без разлика каде се наоѓаат“, велат учениците.
Тие предлагаат користење на можностите на Националната платформа за учење на далечина, која беше развиена на почетокот на КОВИД-19 пандемијата. Со оглед на тоа дека секој ученик има свој профил на платформата, идејата е да се направат три поделби на платформата: простор за споделување на успешни приказни за препознавање на трудот на наставниците и учениците кои имаат постигнато одлични резултати во одредена област или имаат реализирано ученичка иницијатива која би служела како инспирација за другите; блогови креирани од страна на ученици на теми од нивен интерес и форуми во кои ќе можат да се вклучат учениците и да отворат дискусија на различни теми, заедно со нивните врсници.
Тие ја презентираа оваа идеја пред претставниците од образовните институции со цел да добијат повратна информација за нејзино успешно исполнување и можна реализација.
Во партнерство со локални организации, училишта и локални заедници, УСАИД во земјава ја унапредува социјалната инклузија, меѓуетничката хармонија и граѓанските вредности. Преку Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието се создаваат можности за интеракција помеѓу учениците и се поттикнува нивната креативност и младинско учество.