Општество

Циривири: Влијанието на теоретските аспекти за градење на конкурентска предност во филмската продукција врз формата на филмот „Галаксијата Андромеда“

Илија Циривири | авторот е филмски продуцент и доцент на Факултетот за драмски уметности - Скопје

Истражувачкиот дискурс во трудот е фокусиран на предизвиците кои произлегуваат од јазикот на новите медиуми, современата продукција и дистрибуција − наспроти новата матрица на однесување на публиката во сè поинтерактивниот и многу непредвидлив културен простор. Целта на истражувањето е анализа на теоретските пристапи и дефиниции за градењето конкурентска предност во дигиталната продукција. Врз основа на детална структурна анализа на емпириските податоци од продукцијата и експлоатацијата на филмот „Галаксијата Андромеда“, направен е обид да се дојде до сознанија, согледувања и констатации за ефектите и влијанието на принципите за градење конкурентска предност и дигиталната продукција врз обликувањето на современиот филмски израз во регионалната филмска индустрија.


Потребата од анализа на пазарните механизми и економскиот обем на сегментот од пазарот во овој труд произлегува од неопходноста (потребата, нужноста) од стратегиско планирање на продуцентските куќи, што им е неопходен предуслов за да наметнат сопствена конкурентска позиција врз останатите продуценти кои дејствуваат врз ист сегмент.

При примена на стратегија, односно кој било аспект на менаџментот во уметноста, поточно во уметничкиот процес, се манифестира еден своевиден парадокс. Практично, продуцентската работа наметнува спроведување систем од нормирани алатки во креативен процес кој има потреба токму од спротивното — да биде ослободен од сите формативни норми.

Всушност, целиот концепт на продукција подлежи на овој парадокс. Преземајќи знаења и вештини од корпоративната индустрија, продуцентите ги структурираат процесите во уметноста. Инхерентна е потребата да се вкалапат процесите преку кои се создава едно уметничко дело бидејќи само преку одредена структура може да се очекуваат конкретни резултати — како што е целосно завршена продукција на игран филм.

Притоа мора да се има предвид дека слободата потребна за практицирање креативност не смее да се задуши. Од тој аспект, системот што вообичаено го наметнуваат продуцентите врз овие процеси се состои од две фази. Првата фаза започнува со самата идеја за филмот, темата, содржината и сл. Карактеристично за оваа фаза е тоа дека (речиси) сѐ е возможно бидејќи, генерално, ги опфаќа процесите на претпродукција или планирање. Со самото тоа што оваа фаза го подразбира „светот на идеите“, можни се сите креативни методи за реализација на едно играно филмско дело. И истата фаза завршува кога креативниот тим, заедно со продуцентите, ќе го затворат овој процес така што ќе се дефинира начинот на кој ќе се одвива продукцијата (како филмска фаза). Поточно, според расположливите ресурси се носи конкретно решение преку кое ќе се изразат креативните дејствија. Во случајот со „Галаксијата Андромеда“ тоа подразбира дека во целиот процес на подгoтовки, од општи до непосредни, сите автори, а најмногу режисерот и директорот на фотографија, го поставуваат основниот наратив на филмот. Необременети од продукциските ограничувања, тие се насочени кон создавање филмски јазик кој најсоодветно ќе го претстави сценариото „на платно“. Паралелно се разработуваат сите останати филмски елементи (костим, шминка, сценографија, музика итн.) за да бидат во контекст на самата порака која треба да стигне до публиката. Тоа значи дека во овој момент на целата продукција (на филмот „Галаксијата Андромеда) ѝ е јасно која е конкретната публика на која ѝ се обраќаат. На почетокот на оваа фаза отворени се сите креативни методи и техники за снимање за на крај да се стигне до најпрецизниот сет филмски вештини и алатки со кои ќе се раскаже филмот. Секако, тој сет во голема мера е условен и од продукциските можности кои, покрај ограничување на финансиските ресурси, можат да бидат отежнати во однос на сите останати типични услови при реализацијата на една продукција.

Втората фаза вообичаено е пократка од првата и пoдразбира извршување на сето она кое што претходно е разработено и утврдено. Практично, втората фаза го подразбира процесот на снимање. За разлика од првата фаза, при егзекуцијата веќе не се анализираат креативните елементи, туку само се спроведуваат. Секое повторно навраќање кон нив има само негативен ефект врз продукцијата.

Типично, првата фаза ја симболизира креативноста, а втората менаџментот. Во првата фаза поголемо влијание имаат креативните процеси кои се важни за филмот, а во втората фаза обратно, како што се затвораат дефинитивните креативни методи, се зголемува влијанието на менаџментот.

Во тој контекст, целокупното влијание на теоретските аспекти за градење конкурентска предност врз формата на „Галаксијата Андромеда“ треба да се прифати како примарен двигател на целата продукција и синџирот на вредности. Сите креативни одлуки што се донесени во врска со естетската и наративна визура се во целост кохерентни со стратегијата. Имено, овој проект докажува дека теоретските аспекти придонесуваат креативните процеси да се формираат во контекст на крајната цел на филмот.

Во претходното поглавје е напоменато дека конкурентската стратегија зад филмот „Галаксијата Андромеда“ е т.н. фокусирана стратегија. Стратегиите на фокус се засноваат врз разликите меѓу сегментите, без разлика дали се работи за оптималниот синџир на вредности на продукцијата или за синџирот на вредности според кој публиката носи релевантни одлуки. Со оптимизирањето на својот синџир на вредности кој се приспособува кон еден сегмент, фокусираната продукција постигнува лидерство во намалување на трошоците или во диференцијацијата. Фокусираните стратегии го вклучуваат целиот синџир, а не само маркетиншките активности при сегментацијата на пазарот. Според ова, избраниот сегмент се однесува на публика со несекојдневни потреби, односно висока уметност. Синџирот на вредности на „Галаксијата Андромеда“ се темели врз модел кој се усогласува со синџирот на вредности на публиката.

Во конкретниот случај со „Галаксијата Андромеда“, за ова говори и точно избраниот сегмент на т.н. „фестивалска публика“. Преку бројното учество на фестивали, филмот успешно допира до конкретната публика. Земајќи го предвид талентот на режисерот, нејзините афинитети и естетски предиспозиции, воопшто не е предмет на дискусија кој стратегиски пристап е најадекватен. Најголемиот филмски адут на Рача е токму во тоа точно да ги препознае потребите на публиката која посетува филмски фестивали, но и „сенсот“ на жиријата кои се дел од нив.

За да биде појасно, продуцентите ги препознаваат овие квалитети кај режисерот, згора на тоа − директорот на фотографија нуди визуелно-наративен јазик кој идеално ја пренесува визијата на Рача пред публиката. Стратегијата не е наметната врз делото, туку таа е интегрален дел од самата форма. Или обратно, формата на филмското дело „Галаксијата Андромеда“ е интегрален дел од теоретските аспекти за градење на конкурентска предност во филмската продукција.
Она што во реалноста постои како дел од подготовките за снимањето на овој филм е целосна дедукција на сите креативни аспекти за оптимално снимање на сценариото и раскажување на приказната. Менаџментот, пак, ги согледува потенцијалите за конкурентска предност и врз основа на тоа гради конкретна стратегија на фокус.

Задачата на продуцентите е да препознаат во кој правец се развива сценариото (во контекст на игран филм, а не на сценарио како драматуршко дело) и да овозможат адекватни услови за негова реализација. Пример, голем дел од филмските сцени се снимени во автомобил додека Шпетим вози сам или е со својата ќерка или сексуалната работничка. Креирањето и дефинирањето на овие целини или сегменти од сцени е дискутабилно во претпродукциската фаза поради опасноста да се претера со нивната застапеност. Сценаристичкиот концепт го потенцира автомобилот на Шпетим, сугерирајќи ја неговата важност како негов единствен „статусен симбол“ и материјално добро во негова сопственост. Ваквиот концепт е најсоодветен за да ги сугерира животот и безизлезноста на Шпетим, очајот, но и неговата исклучителна посветеност и упорност. Овие фрагменти од филмот кои наративно оставаат силен впечаток се решени токму на овој начин, со цел да предизвикаат емоција, сочувство кај публиката која припаѓа на точно одреден сегмент. Пристапот кон публиката го вклучува целиот синџир на вредности, а не само маркетиншките активности при сегментација на пазарот.

Понатаму, она што го подразбира стратегијата на фокусирање, меѓу останатите причини, е и поевтиното приспособување кон одреден сегмент. Покрај креативните тенденции на авторите на филмот, мора да се земе предвид и финансиската конструкција. Поради исклучително малиот буџет, продуцентите мора да изнајдат соодветен начин да обезбедат пласман на филмот. Иако според неговата пазарна вредност филмот „Галаксијата Андромеда“ не може да очекува заработувачка, сепак, целта на продуцентите е тој да стигне до публиката и да оствари дистрибуција.

Сите наоди од непосредното опкружување во регионот укажуваат на тоа дека филмско дело кое е со габарит на „Галаксијата Андродема“ не може да очекува значаен успех на киноблагајните. Едноставно, ниедна стратегија не е функционална во услови на анемична пазарна развиеност и закржлавени сегменти. Ова е особено изразено доколку филмовите се малцински продукции, односно зад нив стои само една држава како национален извор на финансии. Во тој контекст, драстично се зголемува можноста за успех на филмови кои се производ на вмрежување на повеќе земји од регионот. Мал е бројот на конкурентски стратегии кои се резистентни на недостатокот од економија на обем. Според теоријата, стратегијата на фокусирање може да биде најадекватна за сегменти со намалена стапка на раст на економија. Поради тој факт, кој се потврдува во практика, како и естетските, креативни стојалишта на авторите, токму таа стратегија е применета и во овој случај. Она што е многу важно да се извлече како заклучок е дека доколку се апстрахира финансиската ретрибуција, стратегиите, односно стратегиското планирање е исклучително важно за да се оствари притисок во дадените сегменти − во кои не може да се очекува финансиски просперитет, туку уметнички/занаетчиски. Ова е важно, особено за позицијата во која се наоѓа македонскиот филм во моментов, бидејќи е предуслов за прогрес на кинематографијата. Само филмови кои можат да допрат до целна публика, во сооодветни услови, може да очекуваат и заработка од продажба.

Таа тенденција се покажува како вистинита преку примерите кои доаѓаат од корпоративната, односно комерцијалната наменска продукција. Авторските филмски форми од регионот, повеќе или помалку, се соочуваат со идентичен финансиски успех од продажба, особено доколку најголемиот дистрибутивен канал им е насочен кон регионалниот пазар. Постојат примери кои се исклучок, но во најголема мера се и само тоа − исклучок.

Во практика, кога станува збор за други (пазарни) околности, стратегијата може да врши притисок на формата. Спротивно на тоа, во играно филмско дело стратегијата и формата подразбираат синергија која ќе доведе до конечно уметничко доживување на публиката. Во двата света разликуваме публика и потрошувачи.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано