Општество

Тилев: Да се навратиме на заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година за да ги разбереме подобро пристапните преговори

Драган Тилев | Авторот е државен советник за европски прашања

Економија и бизнис | печатено издание | февруари 2023г.

(Северна) Македонија над 25 години, или веќе четврт век, е дел од пристапниот процес. Изминавме трнлив пат од нашата апликација за членство во 2004 година, стекнатиот статус на земја кандидатка во 2005 година, потпишаните договори со Грција и Бугарија во 2017 и 2018 година, одлуката за почеток на пристапните преговори во 2020 година, до отворањето на Меѓувладината конференција на 19 јули 2022 година и официјалниот почеток на пристапните преговори. За да стигнеме до тука мораше да се донесат многу важни одлуки и да се направат тешки компромиси. За да продолжиме натаму во процесот, исто така, ќе мора постојано да носиме одлуки и да правиме компромиси, сè додека членството во ЕУ ни е клучна стратешка цел и врвен државен интерес и сè додека од страна на Унијата постои интерес и желба за наше приклучување во неа.

До сега научивме дека има и такви одлуки кои не зависат од нас, туку исклучиво од членките на Европската Унија. Добро е познато дека сите почувствителни одлуки на ЕУ се предмет на едногласност, вклучително и оние што се поврзани со процесот на проширување на ЕУ. Во која било фаза од пристапниот процес, некоја членка на ЕУ може да каже „не“, што го осетивме и на наша „кожа“. Но, тоа е реалноста и такви се правилата на „игра“. Во текот на пристапните преговори, постојано на испит ќе бидат нашата општествена и политичка зрелост, дипломатска умешност, административна способност и економска издржливост, односно конкурентност. Правилата важат за нас исто како што важеа за сите други земји кои станаа членки или се во преговори да станат членки на Европската Унија. Тоа е начинот на кој е изградена и функционира Европската Унија, преку постојан дијалог и неопходни компромиси. Правилата не можеме од надвор да ги промениме, можеме само да се прилагодиме на нив.

Без да се навраќам на огромниот број акти на ЕУ кои се однесуваат на Македонија, а усвоени изминативе децении, само ќе нагласам дека сите тие имале своја улога и значење во дадениот момент и политичкиот контекст, во Унијата и кај нас. Ќе направам кус осврт само на актуелните клучни акти кои се однесуваат на нашиот почеток на пристапните преговори, и тоа: Заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година, Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија (ЗМК) меѓу Северна Македонија и Бугарија (потпишан на 17 јули 2022 година) и Преговарачката рамка (усвоена на 18 јули 2022 година). Овие за нас извонредно важни акти на Советот на ЕУ, Заклучоците и Преговарачката рамка, прифатени и потврдени и од Европскиот совет, реферираат и на билатералниот Протокол од 17 јули 2022 година и со тоа трите документи заедно ја исцртуваат политичката и правната рамка со која започнаа и натаму ќе се одвиваат пристапните преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија во рамките на Меѓувладината конференција.

Во овој текст ќе споделам лични коментари за Заклучоците на Советот, а Протоколот и Преговарачката рамка ќе ги елаборирам во наредните броеви на „Економија и бизнис“.
По правило заклучоците на ЕУ, кога се усвоени како заклучоци на Советот на ЕУ со едногласност, се со огромна политичка тежина и сите институции на ЕУ стриктно се придржуваат до нив и реферираат на нив. Заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година се усвоени под претседавањето на Чешка, а врз основа на преговорите и усогласувањето на релевантните документи за време на француското претседавање со Советот. Политички факт е дека Заклучоците и Преговарачката рамка нема да се донесеа доколку Бугарија не дадеше своја согласност со што се обезбеди едногласност, но дури откако се потпиша Протоколот од страна на Заедничката меѓувладина комисија (МК-БГ) на 17 јули 2022 година.

Овие Заклучоци на Советот, покрај нотирањето на нашиот напредок во реформите во клучните области и продолжувањето на скрининг процесот, речиси во целост се посветени на добрососедските односи и особено на Протоколот. Во нив посебно се нагласува дека клучно за нашиот напредок во процесот кон членство во ЕУ е постигнување на видливи резултати во имплементацијата со добра волја на билатералните договори, вклучително Договорот со Грција од Преспа и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. Треба постојано да имаме предвид дека во сите заклучоци на Советот на ЕУ секогаш се наведуваат двата билатерални договори, со Бугарија и со Грција, а во договорот со Грција е експлицитно направена директна врска во имплементацијата на Договорот од Преспа и пристапните преговори, каде што во член 1, точка 10, став 2 стои јасно дека покрај техничкиот период на транзиција, следува и политичкиот период на транзиција кога сите документи и материјали и за домашна употреба ќе мора целосно да ги респектираат одредбите од член 1, точка 3 од договорот (кој се однесува на името, државјанството, јазикот, употребата на придавката, меѓународниот код). Политичката транзиција е директно поврзана со процесот на пристапни преговори и ќе започне со отворањето на секое поглавје (кластер), а ќе треба целосно да се реализира во период од пет години од отворањето на соодветниот кластер, односно поглавје.

Ваков експлицитен услов, за целосна имплементација на билатералните договори со двете земји членки, до сега не е поставен за ниедна земја кандидатка или аспирант за членство, што не значи дека во иднина не може да биде случај. Иако добрососедството и регионалната соработка се претпоставуваат при исполнувањето на Копенхашките политички критериуми за членство во ЕУ, сепак впечаток е дека во сите документи на Унијата поврзани со Северна Македонија е пренагласена потребата за целосна имплементација на нашите билатерални договори со Грција и Бугарија како дел од политиката на добрососедски односи. Несомнено дека како сериозна земја која е дел од меѓународниот правен систем треба и ќе мора да ги почитуваме потпишаните билатерални договори (кога и да се потпишани) и соодветно да ги имплементираме. Но, исто така би требало да се креира и подлога за меѓусебно разбирање на нивните специфики, заедничко толкување на евентуалните разлики, по потреба и преку соодветна арбитража, во динамика која одговара на природата на темите и на процесите, особено оние поврзани со идентитетските и историските прашања, етногенезата, јазикот, образованието, културата и сл., кои бараат продлабочени научни методи и мултидисциплинарен пристап иманенетен на современата научна мисла.

Понатаму со Заклучоците на Советот се поздравува токму потпишувањето на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија (МК-БГ), со повикување на членот 12 од договорот, со уште една нагласка на тоа дека со овој чин (прифаќање на договорените услови во Протоколот) се придонесува кон добрососедството и регионалната соработка кои остануваат есенцијални елементи од Процесот на проширување и Процесот за стабилизација и асоцијација. До дефинирањето на новата генерација на преговарачки рамки за Северна Македонија (и Албанија), овие два процеси, прво, Процесот за стабилизација и асоцијација и второ, Процесот за проширување, беа два паралелни процеси. Од заклучоците на Советот на ЕУ и на Самитот во Загреб 2020 година, и сите последователни самити наваму, овие два процеси се испреплетени, и политички и формално правно.

Уште повеќе, со Заклучоците на Советот се навлегува подлабоко во содржината и обврските од Протоколот со нагласување дека со истиот и преку неговата имплементација ќе се зајакнат еднаквите права на лицата кои им припаѓаат на малцинствата и заедниците во Северна Македонија со што ќе придонесат кон исполнување на Копенхашките политички критериуми. Иако интенцијата е јасна, сепак во изминатиов период, од потпишувањето на Охридскиот договор во 2001 година, како и од добивањето на кандидатскиот статус во 2005 година, во ниеден извештај на Европската комисија за нашиот напредок во процесот за европска интеграција никогаш не беше ставено под знак прашање исполнувањето на политичките критериуми во делот на заштита на правата на малцинствата или заедниците.

Во контекст на правата на заедниците и малцинствата следува и заклучокот на Советот со кој експлицитно се бара или се очекува исполнување на ветувањето дадено од наша страна за намерата да започнеме и да реализираме, како приоритет, соодветни измени на Уставот, со намера за вклучување во Уставот на граѓаните кои живеат во границите на државава, а кои се дел од други народи, како што се Бугарите. Неспорно е дека постои политичка волја за дополнување на преамбулата од нашиот Устав со Бугарите, како и со Хрватите и со Црногорците, но исто така постојат и принципиелни разлики меѓу политичките чинители во пристапот и моментумот кога уставните измени би требало да се случат. Мора да напоменам дека во досегашната пракса на пристапните преговори не е забележан ваков пример на асиметричен политички притисок врз земја аспирант за членство во ЕУ, но факт и реалност е дека исполнувањето на оваа политичка одредница е услов за продолжување на пристапните преговори. Доколку не се случат уставните амандмани, нема да може да се случи втората меѓувладина конференција и автоматски ќе се блокираат натамошните пристапни преговори.
Сметам дека е политички целисходно да се напомене дека Албанија, со која во моментов се движиме паралелно во процесот, нема дополнителни услови и непречено ќе ги продолжи пристапните преговори, односно ќе се одвои од нас веднаш по завршувањето на скрининг процесот кон крајот на 2023 година.

Доколку се пресретнат очекувањата на ЕУ за дополнување и измени на нашиот Устав, со цел да се комплетира фазата на отворање на пристапните преговори, веднаш е најавена и втора меѓувладина конференција (МВК) на која формално правно ќе се презентираат Преговарачката рамка и напоредокот во подготовките на Европската комисија, вклучително и спроведениот скрининг, без потреба од дополнителна политичка одлука, или автоматски штом се констатира дека Северна Македонија ги исполнила сите предуслови за одржување на втората МВК со што би се комплетирал процесот на официјално отворање на пристапните преговори. Кога еднаш ќе се отвори Меѓувладината конференција таа останува отворена сè додека не се завршат пристапните преговори, независно колку тие ќе траат. Таа е во постојано заседание и има свој правилник за работа и свои механизми за водење на преговорите и донесување на соодветни одлуки. Целта е МВК да заврши со парафирање на пристапниот договор за членство на Северна Македонија во Европската Унија и со потпишување на пристапниот договор од двете страни.
Пристапните преговори се државен проект и поради тоа мора да се обезбеди активно учество и на опозицијата, широк консензус на евроатлантски ориентираните политички партии и сите други чинители во Собранието, но секако и широка општествена и граѓанска поддршка.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано