Општество

Сите зборуваат за Глобалниот Југ. Што значи тоа?

Љупчо Поповски | aвторот е новинар

Економија и бизнис | печатено издание | октомври 2023г.

Без оглед што означува географска одредница, самиот термин не е географски поим. Терминот Глобален Југ доби меѓународна идентификација со познатиот Извештај на Брант од 1980 година. Во него денес се сместуваат и огромните земји Кина и Индија, но и мали и сиромашни држави како Бенин, Вануату, Бутан.


Самитот на Групата 20 во Њу Делхи во септември му донесе максимална промоција на индискиот премиер Нарендра Моди за да се претстави како соговорник на кој треба да сметаат развиениот Запад и неговите демократии. Кинескиот претседател Ши Џинпинг, кој одбра да не дојде во индискиот главен град, таму го испрати премиерот Ли Чијанг. Во Њу Делхи, разбирливо, не беше и рускиот претседател Владимир Путин по кого Меѓународниот кривичен суд објави налог за апсење поврзан со војната во Украина.
Надвор од овие највпечатливи отстуства една работа беше јасно присутна – повторно почна нашироко да се зборува за Глобалниот Југ наспроти Глобалниот Север (или подобро речено богатиот север).
Во август, во Јужна Африка се одржа самитот на земјите на БРИКС − Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка. Претседавачот, јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоза, изјави дека целта на блокот е „да ја унапреди агендата на Глобалниот Југ“. И пред мајскиот самит на Групата седум богати демократии, во Хирошима, јапонскиот премиер Фумио Кишида истакна дека гостите кои ги покани ја одразуваат важноста на Глобалниот Југ.
Но, не само на овие самити, за Глобалниот Југ се зборува и во Обединетите нации, во Светска банка, тоа го споменува американскиот претседател Џо Бајден. Сите сѐ почесто ја слушаат оваа синтагма, а нема адекватно објаснување што, всушност, значи ова; кои земји го сочинуваат, по каков критериум би се нашле во него.



Лидерите на Брикс на самитот во Јоханесбург во август 2023 година: бразилскиот претседател Инасио Лула да Силва, кинескиот претседател Ши Џинпинг, претседателот на Јужна Африка Сирил Рамафоза, индискиот премиер Нарендра Моди и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров      фото: https://news.italy24.press/

Потеклото на Глобалниот Југ
Без оглед што означува географска одредница, самиот термин не е географски поим. Многу земји вклучени во Глобалниот Југ се наоѓаат на северната хемисфера, како што се Индија, Кина и сите оние во северната половина на Африка. Австралија и Нов Зеланд, и двете на јужната хемисфера, не се во Глобалниот Југ.
Според сите истражувања, терминот „Глобален Југ“ го измислил Карл Огелсби, американски писател и активист на Новата левица во 1969 година. Пишувајќи во католичкото списание „Комонвел“ (Commonweal) во екот на Виетнамската војна, тој забележал дека „доминацијата на Северот над Глобалниот Југ... (се) конвергираше... да произведе неподнослив општествен поредок“.
Тој термин беше споменат од Огелсби, но не беше прифатен. Тогаш владееше друга поделба на планетата која ја протежираа повеќето западни аналитичари според идејата на францускиот демограф Алфред Сови од 1952 година. Во оваа поделба постоеше „Прв Свет“, што го сочинува Соединетите Држави и нивните западни сојузници; „Втор Свет“ составен од Советскиот Сојуз и неговите сателити во Источниот блок; и „Трет Свет“ составен од „држави во развој“ и често неврзани земји, од кои многу штотуку се ослободија од нивните колонијални господари.
Во 70-тите години на минатиот век, Глобалниот Југ почна да се претставува како синоним за Третиот Свет. Пресвртната точка со која терминот Глобален Југ доби меѓународна идентификација дојде со познатиот Извештај на Брант од 1980 година. Извештајот е напишан од Независната комисија со која претседаваше поранешниот канцелар на Западна Германија Вили Брант. Независната комисија за меѓународни развојни прашања беше формирана во 1977 година со цел да ги разгледа прашањата за меѓународниот развој. Номинацијата на Брант дојде од Роберт Макнамара, тогашен претседател на Светска банка. Резултатот од овој извештај обезбеди разбирање за драстичните разлики во економскиот развој на Глобалниот Север и Глобалниот Југ.
Извештајот на Брант сугерира првенствено дека постои голема бездна меѓу животниот стандард по должината на јазот север − југ и затоа треба да има голем трансфер на ресурси од развиените во земјите во развој. Земјите северно од јазот се екстремно богати поради нивната успешна трговија со производни стоки, додека земјите јужно од јазот страдаат од сиромаштија поради нивната трговија со интермедијарни добра, каде што приходите од извоз се ниски.
Комисијата на Брант предвидуваше нов вид глобална безбедност. Таа ги изгради своите аргументи на плуралистичка перспектива која комбинира неколку социјални, економски и политички опасности заедно со класичните воени опасности.
Дваесет години подоцна, во 2001 година, Извештајот на Брант беше ажуриран од страна на Џејмс Квилиган кој беше директор за информации на Комисијата на Брант меѓу 1980 и 1987 година. Неговиот ажуриран извештај беше наречен „Равенката Брант“.
Линијата Брант е визуелен приказ на поделбата север − југ меѓу нивните економии, врз основа на БДП по глава на жител. Го опкружува светот на географска ширина од 30° северно. Таа замислена граница се протега од Рио Гранде во Мексиканскиот Залив, преку Атлантскиот Океан, Средоземното Море и преку огромните пространства на Централна Азија до Тихиот Океан. (Од чисто географска перспектива, мапата остави многу нелогичности бидејќи многу држави означени како „јужни“, меѓу нив и Индија и Кина, лежат целосно на северната хемисфера, додека други како што се „северната“ Австралија и Нов Зеланд се наоѓаат под екваторот.)
По завршувањето на Студената војна, терминот „Трет Свет“ постепено падна во немилост и поради тоа што самиот „Втор Свет“ престана да постои и затоа што се чинеше пејоративен, што означува група заостанати и нестабилни нации заглавени во сиромаштија. За споредба, „Глобалниот Југ“ понуди понеутрална и попривлечна етикета.
Како што минуваше времето, Глобалниот Југ стана синоним за Групата 77, збир на постколонијални држави и земји во развој кои се обединија во 1964 година за заеднички да ги застапуваат своите колективни економски интереси и да го подобрат својот преговарачки капацитет во ОН. Денес Г77 има 134 земји, редовно се нарекуваат Глобален Југ, а ОН започнаа повеќе тела и иницијативи за да одговорат на нивните потреби и аспирации, вклучително и Канцеларијата на ОН за соработка југ − југ.


Од Самитот на Г20 во Њу Делхи       фото: https://www.theguardian.com/

Кои земји се дел од Глобалниот Југ?
На ова прашање е комплицирано да се одговори. Најчесто поимот се однесува на земјите кои припаѓаат на Групата 77 на Обединетите нации, која денес е коалиција од 134 земји. Тие првенствено се сметаат за земји во развој, но ја вклучуваат и Кина и неколку богати земји од Персискиот Залив.
За Обединетите нации Глобалниот Југ е нешто како кратенка за упатување на земјите во развој воопшто. ОН во моментов наведува 181 јурисдикција како земји или територии во развој и 67 јурисдикции како развиени.
Во јануари, индискиот премиер Моди беше домаќин на уште еден самит, но виртуелен − „Глас на Глобалниот Југ“. На него беа присутни 125 земји, а регионалните ривали на Индија, Кина и Пакистан, беа забележливо отсутни.
Без оглед како го дефинирате, Глобалниот Југ опфаќа огромно мнозинство од светското население и широка територија, па некои тврдат дека е невозможно да се користи оваа ознака. На пример, како може земјите како Кина и Индија, секоја со 1,4 милијарди луѓе и БДП од околу 18 билиони (Кина) и 3,4 билиони долари (Индија), да се спојат заедно со островската држава Вануату во Тихиот Океан, со население нешто повеќе од 300 000 и БДП од 984 милиони долари?
Меѓу другите ограничувања, категоријата не го зема предвид импресивниот раст што многу од нејзините наводни членови го уживаа во последниве децении. Од економска перспектива се чини неоправдано да се спои Малезија, која има приход по глава на жител од 28 150 американски долари, со Замбија, која има приход по глава на жител од 3 250 долари. Ниту, пак, има многу економска логика во групирањето на државата како Костарика, која беше во првите редови за зачувување на животната средина и транзицијата на чиста енергија, со посветена нафтена држава како што е Нигерија. Неговите наводни членови се движат од Барбадос до Бутан, Малави до Малезија, Пакистан до Перу и Сенегал до Сирија. Категоријата ги опфаќа двете големи сили во подем, вклучително и аспиранти за места во Советот за безбедност на ОН, како што се Бразил, Индија и Нигерија, како и мали држави како Бенин, Фиџи и Оман.
Претходно имаше загрижености дека Кина, која се обидува да го прошири своето глобално влијание, би можела да го злоупотреби Глобалниот Југ за да ѝ даде нова сила на својата сопствена агенда, а притоа да се претставува како да зборува за поголемиот дел од светот. Тоа изгледаше така сѐ додека Индија на Моди не ја стави на маса својата амбициозна агенда.
На самитот на Г20 во Њу Делхи огромен успех за Моди беше што лидерите се согласија во групата да ја вклучат Африканската унија од 55 члена како нејзина 21. постојана членка и нејзина втора регионална организација − по Европската Унија. Со ова блокот на Г20 сѐ повеќе станува застапник на земјите во развој.

Линијата Брант е визуелен приказ на поделбата север − југ меѓу нивните економии, врз основа на БДП по глава на жител
фото: https://en.m.wikipedia.org/


Голем инфраструктурен проект и планови за проширување на капацитетот за заеми на развојните банки беа меѓу клучните резултати од овој самит, на кој земјата домаќин Индија се покажа како алтернатива на Кина, додека и двете се обидуваат да стекнат лидерство меѓу земјите во развој. За време на дводневниот собир групата, исто така, се согласи да ја вклучи Африканската унија од 55 члена како нејзина 21. постојана членка и нејзина втора регионална организација − по Европската Унија − во потег што го прави блокот повеќе претставник на земјите во развој.
Според повеќе политички научници, Ши Џинпинг го откажал учеството на самитот во Њу Делхи не само поради ривалството на неговата земја со Индија туку и поради тоа што кинескиот претседател не сака да оди на такви состаноци ако таму не може да доминира. А на самитите на БРИКС доминира економски супермоќната Кина. Во исто време, одлуката на Ши да не присуствува на настанот им користела на лидерите на Групата 7 да ѝ покажат на Индија „кои се нејзините вистински пријатели“.
Голем дел од влијанието на Кина е фокусирано на Африка поради што експертите ја сметаат одлуката на Индија да ѝ обезбеди место на Африканската унија на масата на Г20 како уште еден чекор за да се спротивстави на ширењето на Пекинг на континентот.
Друг показател за растечкото ривалство беше меморандумот за разбирање − објавен на маргините на самитот − за мултинационалниот железнички и бродски проект што ја поврзува Индија со Блискиот Исток и Европа, за кој експертите сметаат дека треба да ја предизвика кинеската иницијатива „Појас и пат“ за глобалната инфраструктура. Овој проект треба да помогне да се зајакне трговијата меѓу Индија, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Јордан, Израел и Европа преку железница и преку морски пат. Во рамките на проектот треба да се постават цевки за извоз на чист водород и кабли за електрична енергија и дигитално поврзување.
Иако Глобалниот Југ не е група со монолитен поглед или широкораспространета униформност, една од најважните работи е што групата се гледа себеси на некаков сличен начин и што сака учество во глобалните работи, прераспределба на богатството, на знаењето и на влијанието. Онолку колку што е возможно.

ПРЕПОРАЧАНО