Општество
Тилев: Скрининг извештај кој треба да се искористи за забрзување на реформите
Драган Тилев | авторот е државен советник за европски прашања
Економија и бизнис | печатено издание | октомври 2023г.
Во текстот од претходниот број најавив дека ќе направам осврт на, според мене, еден од најважните и најсеопфатни извештаи кој е подготвен од страна на стручните служби на Европската комисија, а се однесува на содржината и на текот на пристапните преговори за Кластерот Фундаментални или Темелни вредности, во рамките и за потребите на следната меѓувладина конференција меѓу Европската Унија и нејзините земји членки и Македонија.
Да потсетам, пристапните преговори меѓу Македонија и Европската Унија за наше полноправно членство во ЕУ официјално започнаа со отворањето на политичката Меѓувладина конференција на 19 јули 2022 година. Ако се прашуваме зошто е меѓувладина, тоа е затоа што преговорите се водат меѓу Владата на Република Северна Македонија и владите на сите 27 земји членки на ЕУ, формално претставувани од страна на земјата претседавач со Европската Унија (во моментов тоа е Шпанија), користејќи ги професионалните сервиси на Европската комисија како нивна стручна служба. Подготовките на преговорите и преговарачките позиции за ЕУ ги подготвува Комисијата, но одлуките за секој нареден чекор во преговорите ги донесуваат колективно и едногласно владите на сите 27 земји членки на ЕУ.
Извештајот за Кластерот Фундаментални вредности од страна на Европската комисија е подготвен врз основа на информациите добиени од Владата и од сите нејзини надлежни институции, но воедно паралелно се консултирани и низа други меѓународни извори на информации, користени се прилози од земјите членки, граѓански организации, бизнис-заедницата, академската заедница, па дури и поединци експерти во дадените области. Извештајот беше објавен на веб-страницата на Европската комисија кон крајот на јули оваа година, откако поминавме низ скрининг процедурата во сите елементи на Кластерот Фундаментални вредности, во периодот од септември до декември 2022 година, а иницијално во текот на 2018 и 2019 година. Во тој период се одржаа низа објаснувачки скрининг состаноци, кога се презентираше европскиот правен систем и огромниот број на правни акти од страна на експертите на Комисијата, а потоа се реализираа и билатерални скрининзи, кога експертите од наша страна ги презентираа состојбите во дадените области наспроти европските правни акти. Притоа се даде наше интерно видување за степенот на транспозиција и на имплементација, но и плановите за оние правни акти кои сè уште не се дел од нашиот правен систем, односно беа елаборирани и плановите за тоа кога Владата планира целосно да се хармонизира до 2030 година, која е наша политичка цел за целосна подготвеност за полноправно членство во ЕУ.
Оттука Извештајот на Комисијата за Кластерот Фундаментални вредности е структуриран врз основа на инпути од наша страна и од сите релевантни стручни служби на Комисијата, вклучително коментари и од земјите членки на ЕУ, но и инпути од страна на претставници на граѓанскиот сектор и на академската заедница. Од овие прилози, коментари и предлози, Комисијата прави пресек на состојбите, оценка на плановите и предлози за следните чекори, кои како стручен наод потоа детално се прегледуваат и се оценуваат официјално и од страна на сите земји членки низ помошните тела на Советот на ЕУ, кои на крајот и одлучуваат со едногласност за содржината на конечниот извештај и за тоа дали сме ги исполниле предусловите за отворање на преговорите за Кластерот Фундаментални вредности.
Извештајот на Комисијата е од извонредно политичко значење бидејќи дава јасна, објективна и аргументирана слика за тоа како нè гледаат или нè оценуваат Европската комисија и нејзините стручни служби во најважните области од кои зависи отворањето на преговорите по кластери, области и поглавја или, поедноставно кажано, отворање на преговорите во нивната политичка и стручно-техничка содржина. Да потсетиме дека Преговарачката рамка, односно условите кои треба да ги исполниме под кои ќе бидеме примени како полноправна членка, усвоени на 18 јули 2022 година од страна на сите 27 земји членки, предвидува Кластерот Фундаментални вредности да се отвори прв и да се затвори последен според принципот „ништо не е договорено, додека сè не е договорено“. Сметам дека одвреме-навреме ќе треба да се навраќаме на овој принцип за да не го изумиме или изгубиме од вид низ маглата на дневните внатреполитички случувања со краткорочен здив кој трае неколку дена или недели. Пристапните преговори бараат стратешки пристап, систематичност, конзистентност и континуитет заштитен од (зло)употребата за дневнополитичките потреби на партиите и на политичките лидери. Сметам дека одамна требаше да ги надминеме тие детски болести, а ако тоа не е случај, ова е последниот момент да покажеме барем доза на резистентност кон надворешните влијанија од која било страна да доаѓаат, како и разбирање на долгорочните последици од евентуално погрешните политички одлуки.
Но, да се вратиме на извештајот кој е предмет на овој текст, кој носи наслов „Скрининг извештај за Северна Македоинија за Кластерот 1 − Фундаментални вредности“, а кој опфаќа низа области и поглавја. Во извештајот се тргнува од областа „Функционирање на демократските институции“ без кои не може да го направиме ниту првиот чекор во пристапните преговори, следена со извештај за областа „Реформа на јавната администрација“ без која, пак, ниедна политичка одлука не може да се реализира коректно, на време и квалитетно, се разбира под услов администрацијата да е деполитизирана и професионална. Извештајот понатаму во детали се осврнува на состојбите во делот за „Владеење на правото“, односно Поглавјето 23 (Правосудство и фундаментални права) и Поглавјето 24 (Правда, слобода и безбедност). Многумина, со право, овој дел од извештајот го сметаат за темелот на реформите врз кој треба да се надградуваат сите останати елементи од политичкиот и од еконономско-социјалниот (европски) систем, односно како столб на сите реформи. Но, единствено за нас, кон делот за Владеење на правото е „закачен“ и Акцискиот план за заштита на правата на поединци кои им припаѓаат на малцинствата или на заедниците за кој искрено и со право се надеваме дека нема да биде третиран и како составен дел на Патоказот за владеење на правото, за пристапните преговори да не се претворат во инструмент за билатерален притисок врз нашите идентитетски атрибути. За непринципиелноста на билатералните барања и за односот на ЕУ, но и за нашиот однос кон нив, пишував и објавував во повеќе наврати и сметам дека е нерационално да се навраќаме наназад по сите донесени одлуки од двете страни. Причините може и треба да ги дискутираме, но одлуките се донесени со нивната тежина и на внатрешен и на меѓународен план. Во овој контекст потсетувам на „црвените линии“ дефинирани во јули 2021 година во Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, усвоена со големо мнозинство во нашето Собрание.
Областа „Економски критериуми“ е исто така дел од овој кластер, односно извештај, што се случува за прв пат од кога воопшто се водат пристапни преговори со кого било досега. Дилемите за тоа како ќе се одвиваат преговорите во оваа област, која во моментов е во длабоки реформи во самата ЕУ, додаваат дополнителен товар на комплексноста на целиот кластер.
За подготовките за пристапни преговори во овој кластер да бидат уште посложени и уште поголем политички и административен предизвик, не случајно токму во Фундаменталните вредности се додадени и поглавјето Јавни набавки (поглавје 5 од преговорите) кои се најподложни на коруптивни влијанија и дејствија, Статистика (поглавје 18) каде што мора да се запазат строгите европски стандарди и да се избегне каков било обид за политичко влијание и Финансиска контрола (поглавје 32) од што зависи довербата на граѓаните во тоа како се користат нивните пари, односно јавна контрола на трошењето на буџетските средства. Со оглед на широкораспространетата корупција низ нашиот државен систем на највисоко ниво, не е изненадување што токму овие поглавја се дел од клучниот кластер, Фундаментални вредности кој, повторувам, се отвора прв и се затвора последен на крајот од пристапните преговори, колку тие и да траат.
Понатаму, карактеристика на Кластерот Фундаментални вредности е и хоризонталниот пристап кон антикорупциските политики преку превентивна, ефикасна и ефективна контрола, праведна, соодветна репресија и брзо санкционирање на докажливите злоупотреби, односно целосна функционалност на Државната комисија за спречување на корупција и конфликт на интереси во нејзиниот полн капацитет, но и сите превентивни државни органи, како и органите со овластувања за гонење на ваков тип на криминал, вклучително и јавните обвинителства со нивните истражни органи, како и ефикасно судство со брз и праведен епилог за сите докажливи дела. Едноставниот заклучок е дека со корупција и организиран криминал на ниво кое го имаме во моментов во државава, членство во ЕУ не е можно. Недозволиво е наутро да говорите за европски вредности, а попладне да влегувате во коруптивни зделки под превезот на контрола на државните институции и уште полошо, под закрилата на „европското знаменце“. Корупцијата и „европското знаменце“ едноставно не одат едно со друго, туку треба меѓусебно да се исклучуваат.
За нагласување е дека во текот на билатералните скрининзи во сите области и поглавја од Кластерот Фундаментални вредности, кои завршија во декември 2022 година, официјалните претставници на Владата дадоа јасни и недвосмислени изјави дека во целост го прифаќаме целокупното европско право кое е составен дел на овој кластер и дека не очекуваме посебни потешкотии (?) во спроведувањето на правото и на европските стандарди од овој кластер до нашата целосна подготвеност за пристапување во полноправно членство во ЕУ, до 2030 година. Тоа е силна политичка изјава, односно ветување кое не смее да НЕ се исполни бидејќи во спротивно ќе бидат ставени под знак прашање нашиот државен кредибилитет, искрените намери за потребните реформи, капацитетот за нивно спроведување и посветеноста на процесот за кој со децении консензуално тврдиме дека ни е клучната стратешка и генерациска цел. Ветувањата се поврзани со политички одлуки, нивното исполнување или неисполнување носи политичка цена, а последиците ќе ги почувствуваме сите заедно и секој од нас поединечно, сакале или не.
Следниот чекор во пристапните преговори, кој се очекува деновиве, е усвојување на Извештајот на Европската комисија за Кластерот Фундаментални врености (кој е веќе објавен), дополнет со клучниот дел Заклучоци и препораки (кој сè уште не е објавен, барем не до пишувањето на овој текст) кој се усогласува меѓу сите 27 земји членки во процес координиран од страна на земјата претседавач со ЕУ (Шпанија). Потоа следува процедура во рамките на телата на Советот на ЕУ, односно прво целиот пакет се разгледува и се усвојува од страна на групата КОЕЛА (група на Советот на ЕУ со претставници од сите 27 земји членки), потоа од КОРЕПЕР (амбасадорите од сите 27 земји членки, постојаните претставници при ЕУ) и од СОР (Советот за општи работи, политички претставници, односно министри за европски прашања од сите 27 земји членки) за на крајот да се одобри и од страна на Европскиот совет (шефови на држави и влади од сите 27 земји членки). Во меѓувреме, ние самоиницијативно ги подготвуваме Патоказот за владеење на правото и Патоказот за реформа на јавната администрација, кои се задолжителни одредници за отворање на Кластерот Фундаментални вредности, како и непринципиелниот додаток Акцискиот план за заштита на правата на припадниците на малцинствата и/или заедниците. Дополнително имаме обврска да подготвиме и Патоказ за функционални демократски институции, кој не е одредница за отворање на кластерот, но сепак е задолжителен.
Пристапните преговори се (релативно) долг процес, кој во нормални политички околности не би требало да траат повеќе од 5 до 7 години, во зависност од внатрешните околности, регионалните влијанија, добрососедските односи и брзината на неопходните реформи кои треба да се спроведат во самата Европска Унија. Ништо не е запишано во камен, па така и новата геополитичка реалност креирана со руската инвазија на суверена Украина диктира нови правци за развој и на Европската Унија како политички епицентар кон кој природно гравитираме и ние и целиот наш регион.
Од сите изјави на политичките лидери на ЕУ (претседателот Макрон, канцеларот Шулц, ПЕС Мишел, ПЕК ВД Лејен) и поновите документи од клучните членки на ЕУ, како што е Извештајот на група од 12 експерти од Франција и од Германија, веќе се насетуваат правецот и динамиката на движењето на ЕУ (и оние кои се со ЕУ и ќе останат со ЕУ). Извештајот е објавен на 18 септември 2023 година и е посветен на продлабочувањето и на проширувањето на ЕУ за 21 век. Овој важен извештај на групата „12“ и важноста и Македонија да влезе во првата група ќе биде предмет и на мојот следен текст за Економија и бизнис.
Исклучително важен документ изготвен по барање на лидерите на Франција и на Германија, кој има цел да иницира поширока дебата за тоа во која насока, со која динамика, со каков опфат и опсег ќе се развива Европската Унија во наредниот период, прво до 2024 година или до следните избори за Европскиот парламент и новото политичко раководство на Унијата и особено за периодот од 2024 до 2029 за време на мандатот на следната Европска комисија. Целта е до 2030 година оние земји од Западен Балкан (не задолжително сите), како и Украина и Молдавија, да добијат можност да станат членки на реформираната Европска Унија. Предизвик за ЕУ, но уште поголем предизвик за сите земји од регионот, а особено за Македонија која не смее да ја пропушти можноста да биде дел од првата група за членство до 2030 година. На техничко и институционално ниво сме спремни, се подготвувавме две и пол децении, но останува да обезбедиме разбирање за моментумот и на политичко ниво. Тоа е, сепак ,потешкиот дел од равенката.