Општество
Годината 2023 беше тешка година, но се чини дека 2024 година ќе биде уште потешка
Драган Тилев | Авторот е државен советник за европски прашања
Економија и бизнис | печатено издание | декември 2023г.
Во потрага по оптимизам, во очекување на сигнали за подобра иднина, во желба за предвидливост, но на крајот, како и секогаш соочени со реалноста, со самите себе и со своите лични и колективни капацитети, демократска способност рефлектирана низ нашата политичка култура, помина уште една година. Некои ќе ја сметаат за неуспешна, некои пак за успешна, но лесно ќе се согласиме сите со заклучокот дека беше тешка година.
Дали прирастот на новородени е поголем од морталитетот, дали повеќе изградивме отколку што разрушивме, дали криминалците се во затвор или слободно уживаат во нелегално стекнатото? Резултатот од овие едноставни варијабли ја прави годината успешна или неуспешна. Проценете сами, другите веќе нè проценија и оценија. Нема да ги споменам поименично санкционираните личности и компании евидентирани на „црните листи“ од страна на најпрофесионалните служби на САД. Ако некој има храброст да се посомнева во нивната компетентност и исправност, баш би сакал да слушнам, го молам гласно нека се изјасни. Слушам молк, што значи дека сите едногласно, и јас секако се придружувам, освен именуваните, се согласуваме со нивните наоди. Нешто е „гнило“ во државата Македонија?
Годината 2023 ја започнавме со загриженост, во извонредно сложени геополитички односи, војна во Украина, на тлото на Европа, регионални триења, особено во нашето непосредно соседство, но и наши внатрешни изострени интер и интра етнички поделби, што неминовно ја усложнуваше политичката клима во земјава и го стеснуваше просторот за продолжување на реформите. Економските последици можевме секојдневно да ги почувствуваме, низ инфлацијата, цените и намалената куповна моќ, опасноста од недостаток прехранбени производи, на енергенти и на суровини, што ја зголемуваше неизвесноста во функционирањето на економските оператори и го прошируваше просторот за државен интервенционизам, за клиентелизам, за корупција и за пенетрирање на организираниот криминал во еродираниот државен апарат. Резултат на таквата политичка и економска клима е заминувањето на младите од татковината, во потрага по предвидливост, економска стабилност, сигурност и функционален систем. Ништо од претходно кажаното не е незабележано во извештаите на: Европската комисија, САД, ММФ, Светската банка, Советот на Европа, Венецијанската комисија, ГРЕКО, ОБСЕ, Транспаренси интернешанал, Хелсиншкиот комитет и низа други меѓународни релевантни фактори.
Нишката оптимизам која се обидувавме да ја најдеме низ евроинтегративниот процес, за жал, се изгуби во лавиринтот на сложената равенка со премногу непознати креирана во 2022 година, со потпишувањето на Протоколот бр. 2 (17 јули 2022) за имплементација на билатералниот договор со Бугарија, со усвојувањето на Заклучоците на Советот на ЕУ и на Преговарачката рамка (18 јули 2022) и со отворањето на Меѓувладината конференција меѓу ЕУ и Македонија (19 јули 2022). Сè ќе беше во ред доколку го немавме политичкиот услов за промена на нашиот Устав, прифатен со билатералниот Протокол и потврден со заклучоците на Советот на ЕУ. Всушност, целата 2023 година се „потроши“ во настојување да се најде излез од лавиринтот во кој упаднавме, користејќи ја и потпирајќи се на сесрдната помош и отворена поддршка од стратешките партнери, но без успех. Равенката е пресложена за да се најде прифатливо компромисно, а сепак безболно решение во толку краток временски период, и тоа непосредно пред изборите.
Според некои, постапката за уставните измени требаше да се случи веднаш по отворањето на Меѓувладината конференција со цел да се остави доволно простор за обезбедување на национален консензус, низ отворена здрава и зрела јавна дебата и соочување на сите аргументи за и против. Но, за жал, таа опција е веќе зад нас, иако, кога и повторно да се отвори процедурата за уставните измени, а тоа неминовно ќе мора да се случи порано или подоцна, соочувањето на аргументите ќе биде неизбежно. Верувам дека на сите разумни политичари им е сосема јасно дека подобар договор од постигнатиот (?) не е можен, односно дека друг договор од веќе постигнатиот не е можен.
Во текот на 2023 година, особено во втората половина, имавме сериозно згуснат број на посети на земјава на највисоко ниво од многу политички лидери од пријателски земји, со јасни и недвосмислени пораки. Но, евидентно е дека посетите и изјавите не беа доволни да обезбедат здрава подлога за консензус или обезбедување на двотретинско мнозинство потребно за уставните измени. Уставните амандмани, иако влегоа во собраниска процедура и иако во основа, според многумина на кои им се приклучувам, се бенигни по својата содржина, сепак се покажаа како „претежок“ товар во дадениот политички момент и се чини дека е невозможно да се случат пред одржувањето на парламентарните и претседателските избори во април и мај 2024 година. Сепак, верувам дека на секој здраворазумен политичар му е сосема јасно дека членството во ЕУ за нас е државен, а не партиски интерес, па оттука консензусот за оваа стратешка цел е неминовно потребен. Преземените меѓународни обврски се резултат на политичкиот капацитет во дадениот момент, но тоа не нè амнестира од нивната реализација, се разбира само на основа на реципроцитет и заемно разбирање и уважување на националните интереси. Не еднаш напишав дека во меѓународните односи заемното прифаќање на разликите по одредени прашања може да се смета за решение на отворените прашања.
Ако кон овие дилеми за тоа што нè очекува во 2024 година на национално ниво ја додадеме и неизвесноста од изборите за новиот Европски парламент во јуни следната година и наклонувањето на гласачкото тело кон ултранационалистичките идеологии, дополнето со времето потребно да се востоличи новата ЕУ-структура и новиот генерален секретар на НАТО, 2024 година станува уште понеизвесна и уште потешка. Европската Унија го допре моментот кога неминовно ќе мора да се реформира и да се менува, со нас или без нас.
Интензитетот на војната во Украина и агресивноста на Русија нема да стивнат, напротив, ќе има тенденција на заострување, кофронтациите на Западот со Кина на економски план ќе се заоструваат, а на крајот од 2024 година ќе се случат и најважните избори за нов претседател во САД во поновата историја.
Во моментов, на крајот на 2023 година се исцртуваат контурите на сложените политички односи во рамките на ЕУ со неусогласените ставови за Буџетот за наредната година, а со тоа и незивесноста за финансирањето на економските и воените потреби на Украина, а во рамките на САД со неможноста да се усогласат ставовите меѓу демократите и републиканците за новиот пакет за поддршка за Украина. Без поддршка од САД, од НАТО и од ЕУ, Украина не може сама да ја добие војната или барем да обезбеди рамнотежа на военото поле. Од исходот на војната во Украина зависи и иднината на ЕУ. Геополитиката ги детерминира контурите на идната ЕУ, а таа се прекршува на границите на Украина.
Европската Унија, дефинирајќи ги Стратешките рамки за периодот 2024-2029 г., го фундира патот кон сопствените реформи кои, пак, ја исцртуваат и политиката на проширување за која искрено се надеваме дека ќе ја отвори можноста за прием на нови членки до 2030 година, секако за оние кои ќе ги реализираат внатрешните реформи и кои ќе го заслужат членството, меѓу кои сите посакуваме да се најде и Македонија. Многу политички лидери на ЕУ јасно ни дадоа до знаење дека мора да се определиме, „или сте со нас или сте против нас“. Тоа се оние историски моменти за кои не сте свесни сè додека историчарите не почнат да пишуваат за нив.
Несомнено, за да се најдеме таму каде што генерациски од осамостојувањето наваму посакуваме, потребна е зрелост. Зрелоста на државата се мери со нивото на отпорност кон деструктивните тенденции и моќта да се опстане и во најтешките времиња. Стотици години наназад сме успеале да опстанеме, да останеме тоа што сме, свои на своето. Убеден сум дека сме доволно зрели да ги препознаеме предизвиците, аргументирано да им се спротивставиме и да се избориме за нашиот заслужен простор во ова време и на ова парче земја. Делот од историјата кој нè дефинира кои сме, од каде сме, што сме и колку вредиме, како и правото да одлучуваме за тоа каде се движиме, ни припаѓа нам и само нам, со подеднакво право за сопствени одлуки, како и на сите други околу нас, ниту повеќе ниту помалку.
„Реципроцитет“ е новиот збор на кој треба да му се посветиме. Ако изминативе децении зборот „компромис“ нè водеше напред и ја достигна својата кулминација со Договорот за добрососедство со Бугарија кој допира до интерпретацијата на нашите идентитетски корени и со Преспанскиот договор со Грција со кој се редефинираат делови од нашата подалечна историја, вклучително и промена на името на нашата држава, како и прифаќањето на компромисот за промена на нашиот Устав заради продолжување на пристапните преговори за полноправно членство во Европската Унија, сега е време за афирмација на зборот „реципроцитет“ во неговото меѓународно правно значење и духот на договорите со кои треба да градиме долгорочни добрососедски односи.
Без реципроцитет нема дигнитет за граѓаните, без дигнитет немаат интегритет процесите, без интегритет немаат авторитет институциите, без авторитетни институции нема доверба во институциите, а без доверба во институциите државата ја губи својата моќ да се справува со неминовните предизвици на нашето време. Во моментот кога моќта на државата и способноста на институциите, односно нивната компетентност ќе падне под нивото на моќта на криминалните групи, или уште поопасно, кога криминалните групи ќе пенетрираат во институциите и ќе воспостават контрола над нив, тоа е еднакво на термалната фаза кај заболен од канцер. Да не дозволиме да ја достигнеме фазата за која нема лек.
Не е Европа невина, таквото мислење би било наивно, инфантилно, но сепак Европа е нашата, во моментов единствена рационална опција, најдобра одлука, единствено исправна насока или лек за термалната фаза. Има ли надеж? Секако дека има. Но, нема дилема дека 2024 година ќе биде тешка, ѓаволски тешка.