Општество

Од први март почнува месецот на Франкофонијата

27.02.2024г

Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје, како и амбасадите на Швајцарија, Романија, Грција и Албанија, денеска ја претставија културната програма и другите активности за одбележување на Франкофонијата во текот на март и почетокот на април годинава. Програмата насловена „Празник на Франкофонијата“ содржи повеќе настани во Скопје:  проекции на француски филмови, одржување на концерти, изложби, вечер на француската музика и виното, како и француска вечер на џез фестивал  во Битола.

Амбасадорите на земјите членки на Франкофонијата говореа за универзалните вредности на Франкофонијата, важечки не само за земјите членки на оваа меѓународната организација, туку и за сите земји кои го почитуваат францускиот јазик и јазичниот диверзитет, солидарноста, мирот, демократијата и човековите права како ултимативни општествени вредности.

- Францускиот јазик не е само Франција, тоа е јазикот што се говори во многу земји во светот. Тоа е јазикот на културата, уметноста, на политиката, економијата , на уметноста на живеењето, на гастрономијата. Денот на Франкофонијата се одбележува во многу земји и во тоа се  вклучува и Македонија, со што  го споделуваат истите вредности и заедништво, изјави францускиот амбасадор во Македонија, Сирил Бомгартнер,   

Швајцарската амбасадорка во Македонија Вероника Улман говореше за значењето на мултијазичноста во нејзината земја, каде се користат три службени јазици: германскиот францускиот и италијанскиот, а во подеднаква употреба е и романскиот јазик.

- Повеќејазичноста е дел од идентитетот и ДНК на Швајцарија. Околу 70 отсто од граѓаните, секојдневно, се користат со два јазика, изјави амбасадорката Улман. 

За програмата за одбележување на месецот на Франкофонијата во Македонија, говореше директорот на Францускиот институт во Скопе, Иго Бештел. Отворањето е на 1 март со проекцијата на филмот „Страста на Доден Буфан“ на режисерот Тран Ан  Хунг во киното Милениум. Меѓу настаните, се и одржување на Собрание на млади франкофони, концерт на швајцарскиот бенд „Хубрис“, Недела на франкофонски филм, финале на натпреварот по изразно читање, изложба во соработка со Националната галерија на Македонија, „Париски рефлекси 3“, музичка вечер „Вино и музика“. Во Битола на 4 април ќе има Француска вечер на џез фестивалот во Битола со триото на Никола Гардел.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано