Општество

Љубов е љубов?

Тихомир Јанчовски | Авторот е писател

Кај нас има една поговорка, мошне симпатична: „Нејќе мачка риба“. Се употребува кога некој се прави дека не сака нешто, а душата ќе ја даде само да го добие тоа нешто. Еве, на пример „љубов“.
Не постои човек кој не сака љубов, ни маж ни жена. Ни дете ни старец. Секој што барем еднаш ја сетил допрел до совршенството, до вечноста и до убавината. Јазикот ни е ужасно сиромашен кога се работи за љубовта, и не само нашиот, еве и англискиот, на пример. Наместо да си имаме над сто зборови за различните видови љубов, ние само љубов та љубов. Затоа најубавото, најдоброто и највистинитото нешто може лесно да стане банално и да зазвучи тривијално оти тој збор се употребува за сѐ и сешто. За работите да се оправат во тој поглед, ќе ни требаат зборови за сите овие љубовни ситуации и односи. Еве, да приложам еден список на зборови што ги нема:

Љубов
1. од маж кон жена/од жена кон маж
2. од родител за дете
а) од мајка за ќерка
б) од мајка за син
ѓ) од син за татко
е) од татко за син
3. од дете за родител
а) од син за мајка
б) од татко за ќерка
в) од ќерка за татко
г) од мајка за син
5. од дедо за внук/од внук за дедо
6. од баба за внука/од внука за баба
7. од баба за внук/од внук за баба
8. од дедо за внука/од внука за дедо
9. од вујко за внук/внука
10. од вујна за внук/внука
11. од чичко за внук/внука
12. од човек за човек
13. од човек за животно
14. од животно за животно (од ист вид)
15. од човек за кукла?
16. од човек за уметност
17. од човек за книга
18. од човек за музика
19. од човек за слика
20. од човек за филм
21. од човек за работа
22. од човек за труд
23. од човек за цел свет...

па

24. од пријател за пријател
25. од дете пријател за дете пријател
26. од пријател за пријателка
27. од пријателка за пријателка
28. од животно за животно (од различен вид, на пример мачка и куче).

И така натаму...

Овие се првите видови љубов на кои ми текна, ќе можев да терам до стотка, не се сомневам во тоа.
Е, од сите тие видови љубов, само првата, заемната љубов меѓу маж и жена, вклучува еротски набој и физичко спојување. И тоа како последен, врвен чин на љубовниците што се познаваат, а не рипање в кревет уште првата вечер или првите часови од познанството. Во сите други љубови, кои и да се, тоа го нема и не може да го има. Тука се јавуваат големи недоразбирања, па и различни толкувања од типот „љубов е љубов“. Ако е така, нормалната љубов на родителите кон децата би вклучувала инцест и љубовта на кој било човек или жена кон децата воопшто би била еднаква со педофилија. Не дека нема и такви тенденции и ова некако eден ден да се озакони и да се легализира, ама таквите стремежи се болни. И тоа сериозно болни. Еве, ако човек сака животни тоа е убаво, ама ако некој маж се вљуби во кобила или жена во магаре, тоа е нетокму. А можеби доаѓа време кога и тие нешта ќе ги претставуваат како „напредни“ и „либерални“. Најцрн пример би бил и канибализмот да се смета за љубов од човек кон друг човек. Љубов си е љубов, како не? Ако се работи за телесна љубов, само првата горенаведена може да се нарече љубов, а сите други и поинакви љубовни односи, и наведени и ненаведени на листата, ако вклучуваат желба и потреба за физичко спојување, се тешко искривоколчување. Еве, ако човек сака животни, ако има љубов за животните, тоа е убаво. Ги храни, ги гали, се грижи за нив. Ама ако маж сака телесно да се спојува со кучка или со кобила или жена со пес – тие се умоболни. Тоа е изопаченост. Името ѝ е „содомија“. И едно е да сакаш деца (кој не сака деца?), ама друго е да си педофил. И да не наведувам повеќе примери оти може да ви се згади. Љубов си е љубов, да, ама и телесна љубов си е телесна љубов и ако се практикува надвор од односот жена/маж (и тоа такви што се блиски и се љубат, а не кои било маж и жена што се „запалиле“ еден за друг) се работи за груба телесност, забеганост, која може да се манифестира во најразлични облици: промискуитет, содомија, педофилија, герантофилија, инцест, некрофилија... и борбата за нивна најпрвин декриминализација, потоа легализација и слободно практикување не е борба за „човекови права“, туку борба за човечка изопаченост. Во некои земји во Европа постојат јавни куќи каде што одат мажи за да се спојуваат со крави, со овци и со кобили. Сѐ по закон, со наплата, со даноци и со уредно издадени сметки. И некој ќе ми каже дека тоа не е умоболно? Уште само еден „поблаг“ пример. Има и луѓе што практикуваат телесни односи со кукли за секс... си постои индустрија што ги произведува и ги продава. Еве, не знам, да не сум јас забеган и конзервативен, а тие нормални? И оние кои ги застапуваат ваквите „права и слободи“, ваква „демократизација“, според мене се мрачни личности. И тоа е тажно.
Има работи што одат и такви што не одат. Тоа не е само работа на сфаќање или личен избор, тоа е вистина. И во поглед на ова за што зборувам, тие не зависат од времето, од просторот, од религиските убедувања или од општествените норми. Едноставно, се работи за општочовечки морал, нешто за што не мора да се читаат книги или да се следат предавања. Има норми кои на луѓето им се запишани во битието. На сите луѓе, до еден.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано