Општество

Убавиот збор: Обид за живот

Тихомир Јанчовски | Авторот е писател

Од каде и зошто се болестите по светов? Не можеше ли животот да го тераме и без нив? Старост, болести, немоќ... Зошто ги има? Можеби зашто без нив здравјето и силата ќе беа бесмислени, можеби затоа? Ајде, постар човек да се разболи, замор на материјал, истрошеност, ајде некако. Ама зошто, еве, ова мачево е болно? Зошто има болни деца? Тие не згрешиле ништо, тие немаат грешка, немаат грев. Болеста не им е казна за нешто. Ако болестите доаѓаат тукутака, ако несреќите се произволни, тогаш и сиот живот е бесмислен. Глупости. Случајна средба на машка семка и женска јајце клетка зачнува човек, еден од милион можни, со веројатност еден спрема милијарда... Ако е така, а за многумина е, нашиов живот е случајна подбишега на природата, и не е ништо посебно, и нема душа, нема љубов, нема смисла, нема цел... Животот е од денес за утре, денес сме тука, утре не, цветот во ливадата пред два дена беше, жолтееше, сега таму нема ништо... празно е. Ако нема вечност, сѐ е бесмислено.
Кој ме прашал дали сакам да се родам? Што барам на овој свет? Вреди ли воопшто да се мачам, да трпам, да страдам...? Пуст е и пуст да би останал животот кучешки... и мачешки... и човечки. Не е така! Убав е животот, ама од што сме мали не ја гледаме целата слика. Не ни дошло времето за такво нешто. Уште се мачиме да пораснеме, да се кренеме повисоко над тревата, над дрвјата од кои не се гледа шумата, да ја видиме одозгора целата ливада ако сме повисок цвет или да ја видиме и шумата од некој облак над планината. Болестите и умирачките се тешки искушенија. Не само нашите, сопствените, туку и оние на блиските. Ќе ни умре татко, мајка, брат... сакаме и ние да умреме. Ќе ни се разболи дете, не знаеме каде да се сокриеме за да плачеме. Толку сме беспомошни некогаш, толку за жалење.
Не ги разбирам овие работи до крај. Како што не ги разбирам ни луѓето. Јас себеси не можам да се сфатам, камоли промислата со плановите. Чудни се божјите патишта. Чуден е животот, несфатлив. Еве, сега сме во очај, во бессознание, не ни се мрда, не ни се постои, не ни се живее, си велиме, само ова да помине... и ако дочекаме и поминува... и потоа забораваме... Во периодите на среќа се забораваме, забораваме сѐ лошо и црно низ што сме поминале, се мислиме поарни и поубави од другите, кој им е крив што се такви, гледај ме мене. Суета, сѐ е суета. Празна самобендисаност и празно дуење. Среќата ни е балон што секој час може да пукне. Нема трајна среќа, ни трајно страдање.
Сѐ е минливо, сѐ што постои во времето има крај. И среќата, и страдањето, и болеста... Особено таа е лесна за читање. Завршува, суштеството што боледува или ќе оздрави или ќе умре – трето нема. И страдањето или ќе помине или ќе го умре човека... и ако смртта е прекин на постоењето, ако е небиднина, тогаш зошто воопшто сме се раѓале, што сме се мачеле, што ни требало, поарно ќе беше никогаш да не сме се ни роделе... да не сме дошле на овој свет. И никогаш не би го виделе сонцето како изгрева на исток, реката како тече и некаде брза, гората како зеленее, дете како се смее, мајка со бебе во недрата како со очите го грее... Колку сме малодушни. Од најмала работа, дури и од едно болно маче, спремен сум да хулам и да го проколнувам животот. Зошто баш мене тоа да ме снајде? Зошто баш јас? Зошто не оној? Зошто баш мене? А кога ќе те опфати љубов за сѐ и сила и радост, тогаш молчиш... Убаво ти е? Биди благодарен што си жив. Секогаш. И кога ти се живее и кога тропаш зелени дека не ти се живее. Не ти се живее така, сакаш да помине, и ќе помине. Само чекај, не силувај, не е до тебе... не можеш самиот да си помогнеш; научи да трпиш, да поднесуваш и да издржуваш болка, и душевна и телесна, и таа боли... и еднаш кога ќе оздравиш не скокај до таван веднаш, не скокај никогаш, и тоа, тоа што е убаво и лесно, тоа широкото во тебе, и тоа ќе помине. Бескрајното е миг. Вечноста е миг. Тие се состојби, не се во време и во простор. Не можеш да ги фатиш, не можеш да ги најдеш и таму да се населиш. Ако дојдат и те посетат, гледај угости ги, понуди им се и понуди им сѐ што имаш – тоа ќе ти остане.
Сѐ во животов, ова сѐ околу мене, зеленилото, планината и облаците, ти што читаш, па дури и лисјата на терасата, сето тоа се метафори за духовното, за она што е во мене. И тие за мене, и јас за нив, и ти за мене, и јас... само, не прогледуваме сите во исто време. Само на мигови и само по некој. Или по некоја, сеедно. Тука нема ни пол ни возраст. Во тие мигови откинати од некаде далеку, од нешто незамисливо што на човека никогаш на ум не би му паднало, ниту некогаш знаел тоа да го посака и да изрази низ што било, една таква желба... Кога на гости доаѓа вечноста, тоа е поголема убавина од што било дотогаш, зборовите стануваат недоволни, дури и музиката. Само шарите во окото, нивното ширење и собирање, и сјајот што блеска, може да се споредат со допирот на вечноста и она што таа тогаш ни дава да го сетиме. Тоа за повеќето луѓе се непознати чувства. Може и за тебе, не знам. Ама кој отишол длабоко во тежината и таму многу го притискало, тој од таа тежина е проширен и може во себе да собере повеќе од некој кој се плашел да се соочи со тоа и нашол излез по кратенка: пресекол со апчиња, дроги, работа по 16 часа на ден или си го одзел животот... оти и тоа е излез од притисокот на небиднината што го мори овој свет.
Сега ветерот шуми во гранките на дрвјата, во нивните лисја, тие шушкаат и живи се, уште не се пожолтени и суви... Не сум подготвен за ништо, не чекам, не очекувам, само се обидувам да живеам.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано