Општество

Шојбле и Делор − Jастребот и Федералистот

Ивор Мицковски | Авторот е политиколог

Неколку дена пред крајот на старата 2023 година си заминаа две историски личности, можеби дури и антиподите, но секако личности кои ги одбележаа Европа, европските институции и генерално економската, финансиската и монетарната политика на Стариот Континент.
Станува збор за јастребот и за федералистот на Европа, односно Волфганг Шојбле и Жак Делор. Од кој агол и да се гледа, во овие последни денови ЕУ и Европа изгубија две носечки личности на својата историја и на сопствената еволуција.
Делор беше татко на заедничкиот европски пазар и на заедничката валута, политичарот кој даде огромен придонес за обединувањето на Европа. Делор беше и татко на Западот сфатен како збир на вредности за слободата, за либерализмот, за социјалната правда и за солидарноста, односно сите оние карактеристики на прогресивното западно општество кои денес сè повеќе еродираат и се забораваат од краткогледите политичари и европски бирократи. Делор кога го создава заедничкиот пазар ги создава и кохезивните и структурните европски фондови затоа што бил свесен дека не може да постои пазар без борба против генерациските и географските нееднаквости. Делор беше на чело на Европската комисија од 1985 до 1995 година и неговите заслуги не се само во заокружување на заедничкиот европски пазар туку и за потпишувањето на Шенгенскиот договор, како и почетокот на остварување на економската и монетарна унија која доведе до воведување на еврото. Делор беше таткото на една солидарна и социјална Европа која прашање е дали воопшто денес постои повеќе?!
Шојбле, од друга страна, беше човекот институција, поим за теоретичар на економската строгост и чистата сметка, па нека чини колку ќе чини. Јастребот над јастребите кога станува збор за штедливи политики во Еврозоната, ексфинансискиот министер на Ангела Меркел, беше еден од џиновите на германската политика, подеднакво славен и омразен и дома и во странство. Судбината сакаше Шојбле да си замине токму во деновите кога Владата на Олаф Шолц мака мачи со буџетот во обид да ги испочитува кочниците поставени на германското задолжување, предвидени од Уставот, и во моментот кога министрите на финансии на членките на ЕУ постигнаа договор и усвоија нови правила за задолжувањето на место на стариот Пакт за стабилност и раст на ЕУ. Во годините на еврокризата, кога разликите меѓу референтните германски и ризичните грчки, италијански и шпански државни обврзници станаа драматични до степен на државен банкрот, Шојбле ќе стане лицето − симбол на германската строгост кон јужноевропските ЕУ-партнери, почнувајќи од Грција која беше на работ на амбисот, па сè до Италија.
Оттука влијанието на овие две личности врз историјата и еволуцијата на Европа не е само економска, ниту само политичка.
Волфганг Шојбле (роден 1942 година) беше нешто како во човечки лик инкарнирана политичка историја на Сојузна Република Германија − прво Западна, потоа цела Германија. Неговите први политички искуства се врзани со Хелмут Кол, кога новоизбраниот канцелар ќе го назначи во тогашната владина централа во Бон во 1984 година. Во 1989 година, Шојбле ќе стане министер за внатрешни работи и тој погоден момент го катапултираше во центарот на вниманието: по падот на Ѕидот, тој одигра голема улога во преговорите за спогодбата за обединување меѓу Сојузна Република Германија и ГДР. Секако, тоа што го одбележува карактерот на германскиот ексминистер и политичар се строгоста и штедливоста кои денеска тешко би биле применливи. Строгоста на Шојбле отсекогаш беше премногу догматична и денес дури и една Германија не би можела да си ја дозволи ригорозноста на Шојбле, нешто што веројатно го можеше до пред само десетина години.
Делор беше сосема поинаква приказна од Германецот. Иако Французин, Делор беше пред сè федералист, политичар кој воопшто немаше националистичка или суверенистичка визија за Европа. Од економски аспект, Делор беше визионер затоа што ја разбираше вредноста на пазарот, како навистина функционира економијата и што е неопходно за нејзина еволуција. Делор знаеше дека пазарот е важен и дека не е непходна преголема државна интервенција. Потоа ја имаше генијалната интуиција за неопходноста од заедничката валута, каде што на исто ниво ќе ја постави монетарната димензија со реалната димензија. За жал, денеска Европа е премногу далеку од неговата визија, нешто поради надворешни фактори, нешто поради промените во самите европски институции. Делор беше човек со широк поглед, политичар кој градеше политики на долги патеки, додека денес Европа живее од постојано тактизирање, водење преговори и правење спогодби.
Делор беше еден од последните големи Европјани на својата генерација која беше одбележана од ужасите на Втората светска војна од која црпеше сила за обликување на заедничката иднина. Од таквото искуство Делор пронајде волја да ги постави темелите на денешната, многу променета Европска Унија. До последен момент работеше и предупредуваше од враќањето на национализмот и подемот на суверенизмот во Европа.
Шојбле слично, до последно ќе ја коментира реформата на Пактот за стабилност. „Искрено не ми изгледа како квалитативен напредок“, ќе изјави Шојбле додавајќи еден последен суд за ЕУ: „Тоа што ме загрижува е што Комисијата даде еден предлог по година дена разгледување. Потоа доаѓаат Германија и Франција и се договараат за нешто сосема трето. Ми личи како институционален проблем.“
Ете, еден широк Французин и еден строг Германец сигурно на крајот би се сложиле за едно: На денешна Европа ѝ се потребни промени!

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано