Општество
Директива на ЕУ: Постепено укинување на котлите на фосилини горива
13.03.2024г.
Европратениците во вторникот ги усвоија мерките за намалување на потрошувачката на енергија и емисија на стакленички гасови од станбениот сектор. Со предложената ревизија на Директивата за енергетски карактеристики на зградите се предвидува јавните објекти да се прилагодат на нулта емисија на штетни гасови до 2028 година, а од 2030 овие правила треба да се применуваат на сите нови згради.
За станбените згради, државите членки на ЕУ мораат до 2030 да применат мерки во најмалку 16 отсто од зградите да ја намалат просечната употреба на примарна енергија, а од 2035 нивното учество да се зголеми на најмалку 20-22 отсто од зградите.
Доколку постојат технички е еконономски можности, државите членки ќе треба до 2030 година постепено да воведат соларни уреди во јавните нестанбени згради, во зависност од нивната големина.
Државите во ЕУ мораат да пристапат кон целосна декарбонизација на системите за греење и за постепено укинување на котлите на фосилни горива за греење и за ладење, а во 2040 година тие целосно треба да бидат укинати. Од 2025 година е забрането субвенционирањето на самостојните котли на фосилни горива. Но може да продолжат финансиските поволности за хибридните системи за греење, како комбинација на котли со соларни термални уреди.
Според податоците на Европската комисија, зградите во Унијата користат 40 отсто од потрошувачката на енергија и учествуваат со 36 отсто од емисијата на стакленички гасови. Комисијата во 2021 година го донесе законскиот предлог за ревизија на Директивата за енергетски карактеристики на зградите, а со подоцнежните дополнувања, целите поставени до 2030 и до 2050 година станаа задолжителен дел на европското законодавство, пренесува Индекс.
фото freepic