Општество
Тилев: Започна 2024 година - Што вели геополитичкиот компас?
Драган Тилев | Авторот е државен советник за европски прашања
Економија и бизнис | печатено издание | 01 февруари 2024г.
Сложената геополитичка ситуација, војната во Украина и неединството во ЕУ се показатели дека 2024 година ќе биде тешка година. Да се потсетиме, ја започнавме новата година со непресечен „Гордиев јазол“ дома, а тоа се уставните измени, со извесни претседателски избори во март во Русија, кои ја разгоруваат војната во Украина, со неизвесни избори за Европскиот парламент во јуни и комплетно нова лидерска гарнитура во институциите на ЕУ и на НАТО, а 2024 година ќе ја затвориме во ноември со претседателските избори во САД, веројатно најважните избори во поновата историја по Втората светска војна. Иднината е крајно неизвесна, а тоа значи дека економијата ќе биде нестабилна и непредвидлива. Кај нас дома функционирањето на Техничката влада ќе биде сериозен предизвик, а изборите, претседателски и парламентарни во април и мај, се чинат како „кинески ѕид“. Но, независно од тоа кој ќе формира нова влада по изборите, клучно ќе биде дали ќе продолжиме со евроинтегративниот процес или не. Патот е само еден и изборот е само наш.
Агресијата на Русија врз Украина во 2022 година ги помести геополитичките граници преку ноќ. Глобалната делинеација е во тек и таа во реалноста се отсликува преку економските политики на САД и на ЕУ кои драстично се менуваат при што нашиот единствено исправен избор е едноставен, а тоа е дека мора да ги следиме позициите на нашите евроатлантски стратешки партнери бидејќи тоа е нашиот државен интерес. Неизбежно пред нашите очи се поставува сцената за темелни и длабоки реформи во структурите и функционирањето на Европската Унија, во рамките на новите изменети геополитички односи во кои Македонија, како земја кандидатка, со започнати пристапни преговори, секако дека треба силно да биде заинтересирана и да следи во која насока ќе се менува ЕУ, а таа ќе се менува со забрзано темпо.
Дојден е моментот кога дилемите кои „тлеат“ во ЕУ наназад декади, особено за потребата од продлабочување на политиките на Унијата, што значи консолидирање на клучните политички и економски правци на движење на ЕУ, наспроти потребата за проширување, мора да се разрешат за да не станат непремостлив јаз при дефинирањето на иднината на Европската Унија. Европската Унија ќе се менува и би била историска грешка да ја пропуштиме можноста да се менуваме и ние заедно со Унијата.
Времето е важен фактор. Од нашиов демократски, политички и дипломатски капацитет зависи што ќе сториме во нашево време. Историјата ќе ги бележи одлуките, а генерациите по нас ќе ги чувствуваат последиците. Треба да се „фати“ моментот и да се разбере коректно бранот на проширување на ЕУ, кој сè поизвесно ќе се придвижи спрема Украина (и Молдавија), а од нашиов регион спрема Црна Гора и Албанија. Дали и Македонија ќе биде дел од таа група, останува да видиме. Во новата геополитичка констелација, чија динамика е крајно непредвидлива, грешки не се дозволени бидејќи може да бидат долгорочно штетни.
Убеден сум дека консензуално, како држава, покажавме и докажавме на која страна на историјата ѝ припаѓаме. Сега е време кога треба да продолжиме да чекориме заедно со стратешките партнери кон целосна интеграција. Членки сме на НАТО, мора да станеме членки и на Европската Унија. Дали нашите стравови за атакот над нашите идентитетски атрибути со тоа ќе исчезнат? НЕ! Ги имало и ќе ги има. Дали ќе станеме веднаш членка на ЕУ? НЕ! Пристапните преговори во најдобри околности ќе траат 5 до 6 години, а во оптимални услови би можеле да завршат до 2030 година. Дали ќе има и други услови до нашето членство во ЕУ? ДА! Тоа е дел од претпристапниот процес, како за сите пред нас така и за нас.
Уставни измени не треба да се прават поради партиски цели и интереси, туку исклучиво поради остварување на нашите државни стратешки интереси. Внесувањето на Бугарите, заедно со делови од други народи во Преамбулата на Уставот, не може да го разреши прашањето на македонскиот идентитет, но може да го отвори патот спрема европската иднина за Македонија и на сите македонски граѓани, и на Македонците. Идентитетските белези и нивната историска генеза несомнено се наше внатрешно прашање кое зависи од нашиот капацитет да се соочиме со историските дилеми, факти и вистини.
Затоа не е само до уставните измени, не е само до членството во НАТО, ниту само до членството во ЕУ, многу повеќе е до насушната потреба за продолжување на патот на реформите, и тоа пред сè изборни реформи поради репрезентативност на секој глас и развластување на политичките „елити“, мир, правда, еднаквост, казнивост, здравствен систем со достоинство и емпатија, квалитетно образование кое им го должиме на нашите деца, внуци и следните генерации и, пред сè, економија која ќе им даде еднаква можност на сите, за сите да си ја засакаат сопствената држава. Недозволиво е наутро да говориме за европски вредности, а попладне да влегуваме во коруптивни зделки под превезот на контрола на државните институции и уште полошо, под закрилата на „европското знаме“. Корупцијата и „европското знаме“ едноставно не одат едно со друго, туку меѓусебно се исклучуваат.
Добрососедските односи се дел од процесот за стабилизација и асоцијација. Како одговорна земја членка на меѓународната заедница, во ООН и во сите меѓународни организации, вклучително и членка на НАТО и земја со започнати пристапни преговори за членство во ЕУ, немаме друга опција освен почитување и имплементација на договорите и на обврските преземени со нив. Всушност, потемелното пречитување на договорите ќе нè донесе до заклучок дека, покрај отстапките направени од наша страна со намера за фер компромис и потребниот баланс во заемното разбирање на политичката и на правната дикција на договорите, во нив има и огромен потенцијал за позитивен развој на добрососедските односи и преку поблизок политички дијалог проширување на инфраструктурната мрежа, зголемена економско-трговска размена, продлабочени реалации меѓу граѓаните и бизнис-заедницата со потенцијал на инвестициски циклус кој може да ги втемели односите на долгорочна цврста основа. Тоа се приоритети од траен државен интерес.
Несомнено, за да се најдеме таму каде што посакуваме генерациски од осамостојувањето наваму, потребна е зрелост. Зрелоста на државата се мери со нивото на отпорност спрема деструктивните тенденции и моќта да се опстане и во најтешките времиња. Унитарноста на македонската држава и нејзината европска иднина е клучниот државен приоритет. Има ли поголема и поважна цел од тоа? Лично сметам дека нема бидејќи тоа е колективниот аманет оставен од нашите претходници кои се вградиле во темелот на кој стоиме ние денеска. Точно е дека историските наследства не смеат да нè оптоваруваат, ниту да нè ограничуваат, но исто така е точно дека не смееме да ги заборавиме историските лекции бидејќи тоа би била најголемата грешка која може да ја направи лидер или политичар од која било генерација.
Клучното прашање за 2024 година е дали сме способни да ги препознаеме границите преку кои компромисот го загрозува нашиот идентитетски алгоритам, историските корени и унитарноста на нашата единствена македонска држава. Колебањето остава простор за навлегување на трети страни кои, секако, ќе се обидат да го пополнат просторот преку лажни вести, искривени вистини и визии за конфликтни перспективи. Ние самите мора да обезбедиме, прво, опстанок на унитарноста на државата, второ, заштита од влијанија од трети страни и зачувување на јавниот ред и мир, трето, предвидлива перспектива за полоноправно членство во Европската Унија, и четврто, стабилна економија и значително подобрено образование, пред сè поради задржување на младите дома, за и тие да бидат дел од овој историски процес.