Општество
Георгиев: Можевме ли да имаме историски избори во 2024 година?
Гордан Георгиев | Авторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | 01 февруари 2024г.
Кампањата тргна грдо, уште незапочната. Впрочем, кампањите секогаш се грди, насекаде. Најчест колоквијален разговор за време на предизборните кампањи е „ајде веќе нека заврши ова лудило, не можам веќе да ги гледам ни едните ни другите“. Сепак, секој од нас знае дека кампањата е и период кога емоциите зовриваат, кога возбудата расте, кога најмногу ги сакаме нашите и најмногу ги мразиме нивните, кога подготвуваме планови за одмазда, стискаме палци за победа или едноставно се ситиме на едните и веднаш почнуваме да ги критикуваме другите. Бидејќи нема начин да ја преспиеме целата предизборна кампања, ајде барем да ја анализираме и да се обидеме да го направиме пристоен ракурсот на гледање на нештата.
Да, да, се разбира, и ова се уште едни историски избори, како и сите пред нив. А можеа да бидат, не требаше многу. Па како можеше овие избори да бидат историски според мерната единица на евентуални демократски придобивки?
Претстојните избори ќе беа историски доколку сите политички партии се договореа да го сменат изборниот систем (изборен модел, по нашки) и да воведат една изборна единица, без цензус или со мал цензус, 2 % на пример. За очекување ќе беше да „експлодира“ демократијата во нашава држава, да ги видиме храбрите мали партии кои ќе имаа смелост да излезат сами на избори, во борба за по еден до двајца пратеници и со многу поголема специфична преговарачка тежина по изборите, кога ќе „врие“ владината коалиција. Паралелно со тоа ќе се прочистеа, и веројатно ќе исчезнеа, оние пајтон партии кои секој пат предизборно се врзуваат со големите партии и со тоа комплетно губејќи го сопствениот идентитет. Ќе имавме барем десетина пратеници од таканаречените мали партии, кои ќе ја имаа честа (повеќето за прв пат од кога излегуваат на избори!) да ги бранат боите на сопствената идеолошка опција, а не да се претопуваат во големите обезличени идеолошки наративи во мега предизборни коалиции. Овие мали партии, покрај неизбежниот клиентелистички нагон, ќе можеа и да внесат реални барања за подобрување на состојбите во општествово, па ако треба и да уценуваат со таквите барања. Сето ова ќе донесеше една нова динамика на партиската сцена, можеби и поголеми компликации при составување на владата, но дефинитивно ќе придонесеше кон зауздување на големите партии и поголема контрола и отчетност од нивна страна.
Ќе беа историски изборите во 2024 година и доколку се воведеше некаква варијанта на отворени листи, на кои гласачите ќе можеа да ја искажат својата преференција во однос на конкретен кандидат за пратеник или пратеничка од целокупната пратеничка листа. Ќе имаше тука и пискање-врискање во недостижните врвови на политичките партии кога големците ќе сфатеа дека не се толку популарни колку што секое утро им вели утринското огледалце, туку дека има и други добри, квалитетни и популарни кандидати кои, ете, гласачите сакале да ги наградат. Отворените листи имаат свои (сериозни) предизвици, но можеше барем да се отиде со една пилот-изборна единица од постоечките шест. Но, ете, локалните избори се веќе во 2025 година, а локалните избори се идеална можност за отворени листи за советници.
Ќе беа историски овие избори и доколку кампањата се базираше на програмските определби на партиите, а не на љубовта или омразата кон едниот или другиот лидер. Предизборната програма е важна одредница во секоја развиена демократија и партиите многу внимаваат предизборните ветувања да не бидат напумпани и нереални бидејќи граѓаните и медиумите знаат да го препознаат тоа и соодветно да го казнат или да го наградат на следните избори. Кај нас само пензионерите, во недостаток на дневни весници, се единствената категорија која ги чита предизборните програми на партиите, кога партиските активисти ќе им ги донесат пред врата. Владеење базирано на програма и на развиени политики кои таквата програма ги содржи се стандард од кој не треба да се отстапува.
Ќе беа историски доколку партиите смогнеа сили предизборно да се заложат за некакви тектонски поместувања кои би ги направила идната влада, каква и да биде, со поддршка и гласови од опозициските пратеници. Не, не мислам на потпишување на предизборни хартии за фер и достоинствена кампања, тие одамна немаат никаква смисла. Но, замислете на пример да се договореа најголемите политички партии и да усвоеја платформа за реформи во јавната администрација, платформа за борба против корупцијата, национален договор за тоа како ќе ги продолжиме ЕУ-интеграциите, платформа за реформи во образованието, платформа за економијата и одржлив економски раст... За ваков транспартиски и трансгенерациски договор зборувам одамна, а читателите на Економија и бизнис сведочат дека и други автори во рамките на списанието го имаат овој став како единствен правилен и возможен став кој на државава може да ѝ донесе прогрес и предвидливост.
Се разбира, ќе беа историски овие избори и доколку немаше техничка влада, т. е. доколку партиите заеднички одлучеа да го укинат овој грд реликт од нашето блиско минато. Со укинувањето на техничката влада ќе потврдевме дека сме зрела изборна демократија и дека општеството и политичките елити ја научија важноста за мирно примопредавање на власта по хаваријата што ја доживеавме во времето на Никола Груевски. Мислам дека во овој момент можеме слободно и самоуверено да кажеме дека на темата „мирни и релативно фер и слободни“ Македонија има добар изоден пат и се вбројува како најдобра во регионот на Западен Балкан. Но, ете, поради ситни партиски комбинаторики и според мене бесмислени етнички симболики, и на овие избори ќе гледаме техничка влада и закрвени министри кои постојано ќе си подметнуваат кукавички јајца под нивните краткотрајни министерски фотелји.
Конечно, иако ова може да биде контроверзно, ќе имавме историски избори и доколку ги укиневме претседателските избори топтан. Директен избор за претседател, на непосредни избори, е исто така реликт од минатото и е поврзан со важната улога на првиот татко на нацијата, претседателот Киро Глигоров. Во исклучително комплицирани политички и историски времиња, уставотворецот проценил дека Македонија треба да има еден чуден тип на мешовит политички систем, со неприкосновена улога на владата и со прилично редуцирани ингеренции на шефот на државата. Сепак, фигурата и важноста на Киро Глигоров во тој даден историски момент изискуваа поголем легитимитет за претседателот. Таквиот легитимитет е овозможен токму преку директни избори за претседателската функција. По заминувањето на Глигоров се правеа обиди да се спушти цензусот за избор на претседател, но на секои избори мака мачиме со постигнување на цензус. Ова е отежнувачка околност и за граѓаните и за партиите и за стабилноста на политичкиот систем. Претседател биран во Собрание, со двотретинско мнозинство, по предлог на најголемата партија или коалиција, би било интересно решение. Примерите со Германија и со Грција се слични и можат да ни помогнат во конципирање на оваа идеја. Таквиот избор драстично ќе го намали притисокот врз политичките партии, ќе ги спушти тензиите и трошоците кои неминовно доаѓаат со изборната кампања, а партиите во Собранието ќе бидат принудени да соработуваат и да изберат што подобри кандидати. И за мене најважното: таков безмалку консензуален претседател ќе може да биде вистински морален чувар на Уставот, а притоа ќе има доволен легитимитет да биде ефикасен коректор на власта.
На здравје и поздрав до следните историски избори.