Општество
Зошто повеќето Германци не живеат во сопствен стан?
14.03.2024г.
Германија има над 83 милиони жители, од нив помалку од половина живеат во сопствен стан. Во 2022 година 47 отсто од германските домаќинства поседуваат сопствен дом. Другите 53 отсто од граѓаните на оваа земја живеат како потстанари. Најголем процент на граѓани кои поседуваат сопствен простор за живеење има во Романија, Словачка, Хрватска, Унгарија и Црна Гора. Во овие земји повеќе од 90 отсто од граѓаните живеат во сопствен стан или куќа, пишува Дојче веле.
Нискиот процент на германски граѓани со сопствен стан се должи на економски но и на историски причини. По Втората светска војна притисокот на пазарот на недвижности се засили, поради уништeната инфраструктура. Речиси 21 милион луѓе барале нов дом по завршување на војната. Тогаш имало недостиг од 5,5 милиони станови.
- Четвртина од станбениот фонд беше уништен во војната, изјави Константин Колодин од Германскиот институт за економски истражувања, во разговор за Дојче веле.
Недостигот на станови имаше и во Источна Германија, а во времето на комунизмот се градат станови за изнајмување и се во сопственост на градежните задруги! Оттогаш, стапката на потстанари во Германија не е променета. Некои од зградите преминале во сопственост на компаниите за недвижности, а луѓето продолжуваат да живеат како потстанари.
Како причина за големиот број на германски домаќинства кои се без сопствен стан, Михаел Фојгтлендер од Германскиот економски институт, го споменува и фактот што „во Германија никогаш не било поттикнувано купувањето на сопствена недвижност“.
- Во другите земји тешко може да се изнајми семејна куќа или станови со добар квалитет и соодветна големина. Германското население не живее во големите градови како во Франција. Жителите во Германија се рамномерно распоредени на целата територија, вели тој.
Денеска, условите за стекнување на сопствен стан во Германија не се поволни. Поради строгите прописи за градба, трошоците за нови станови се релативно високи. Дополнително треба да се плати и данок на промет на недвижен имот во висина од 6,5 отсто. Експертите посочуваат дека само за почетните трошоци треба да се поседува заштеда од десет до дваесет осто од купородажната цена на станот. Повеќето граѓани немаат пристап на пазарот на недвижности, бидејќи само околу 15 отсто од потенцијалните сопственици на станови, располагаат со заштеда од околу 60 илјади евра. Поради високите банкарски трошоци,купувачите мораат да располагаат со доволен почетен капитал за купување на стан, пишува Дојче веле.
фото freepic