Општество
Биоетика
Светлана Поп-Дучева | Авторот е доктор на Филозофски науки
Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2023г.
Папата Јован (Иван) Павле II, за време на патувањата во обиколка на светот со порака за мир, а го обиколил 30 пати, преживеал неколку атентати, еден на 13 мај 1981 год. на плоштадот Св. Петар во Рим кога од непосредна близина Мехмет Али Агџа, турски екстремист, стрелал во него при што го ранил. Две години подоцна, папата го посетил во затвор. Разговарале тивко, срдечно, но не е позната содржината на разговорот, освен дека папата му простил. Али Агџа е осуден на доживотен затвор, а од страна на тогашниот италијански претседател е помилуван во 2000 г. и од Италија е пренесен во Турција. Папата умира 2 децении по атентатот од природна смрт. Во 2014 г., Римокатоличката црква го прогласува за светец. Во поновата историјата ќе биде запаметен како првиот неиталијански папа по повеќе од 4,5 века, често нарекуван „словенски папа“, „полски папа“, кој се залагал за единство на христијанскиот свет, но и за меѓурелигиска соработка. Извонредно продуктивен, мудар, активен, опишан е како харизматична личност, со топлина, непосредност и разбирање, отворен за широките народни маси. За време на 27 г. ангажман во Ватикан, прогласил за светци точно 483 лица, а за блажени над 1 340 или вкупно бројка поголема од сите негови претходници во изминатите 5 века. Бил претставник на христијанскиот персонализам, теолог, мистик, историчар на филозофија, полиглот, преведувач и биоетичар. Во енцикликата Евангелие на животот (Evangelium Vitae) се занимава со клучни биоетички прашања кои се однесуваат на животот и на смртта како што се: смртна казна, абортус, експериментирање со човечки ембриони, евтаназија, самоубиство, како и со законодавство поврзано со овие прашања. Главното мото и апел во воведот на енцикликата гласи: „Почитувајте го животот, секој човечки живот, бранете го, сакајте го и служете му! Само на тој пат ќе најдете правда, развој, вистинска слобода, мир и среќа.“ Во продолжение накусо ќе пренесам неколку точки од енцикликата, а кои се во прилог на темата. Имено, директно и намерно убиство на невино човечко суштество е секогаш тежок неморален чин; во случај на војна и директна закана по животот, лицето има право на самоодбрана и не е виновен доколку во самоодбрана, бранејќи го својот живот од агресор, го убие агресорот. Абортусот е тешко злосторство против животот бидејќи се уништува човечко суштество кое е толку невино што не може да биде поневино. Човечкиот живот започнува при зачнувањето, а животот не е ниту на таткото ниту на мајката, туку живот на ново човечко суштество. Се забранува секакаво дело што води до уништување на човечки ембрион, вклучително и експерименти на човечки ембриони и фетуси се апсолутно неприфатливи доколку доведат до смрт на ембрионите и на фетусите, дури и ако овие експерименти се во корист на други луѓе. Во енцикликата се осудува и евтаназијата како тешко кршење на Божјиот закон и се смета за убиство на човечка личност. Самоубиството е убиство, морално неприфатливо отфрлање на самољубие, откажување од должноста кон семејството и заедницата на која припаѓа. Човекот со таквиот чин ја отфрла Божјата апсолутна сувереност над животот и смртта. Животот е светост, а светоста на животот произлегува од петтата Божја заповед „Не убивај“. „Не убивај невини, не убивај невини во војна, невини во мир, невини во утробата на мајката, невини во последната болест, не убивај ги невините никогаш и во никој случај.“ Во енцикликата се нагласува дека животот е свет затоа што доаѓа од Бога, останува во трајна врска со Бога и се враќа во Бога.
Истата деценија кога е роден идниот папа, во 1926 г., во написот „Наука за животот и науката за моралниот поредок“, Пол Макс Фриц Јар, германски филозоф и теолог, за првпат ќе го употреби поимот биоетика со што ќе си обезбеди место во историјата на идеите како прв биоетичар кој ги обликувал концептот и структурата на дисциплината, замајќи ја етичката максима на Кант за пример. Биоетиката се дефинира како ‘целосна етичка одговорност за животот (грч. bios − живот, ethos − однесување), филозофска дисциплина која го проучува човековото дејствување во низа аспекти од животот, вклучително и личниот’. Релативно млада етичка дисциплина, која опфаќа широк спектар на прашања, поконкретно се занимава со стари човечки дилеми во ново светло и уште поконкретно со примена на научни откритија и нови технологии за подобрување, за растеж и за заштита на животот. Биоетиката во 1970 г. ја проширува американскиот онколог Ван Ренселер Потер. Подоцна се јавуваат низа мислители кои придонеле за развој на биоетиката, меѓу нив е најпознатиот современ филозоф од австралиско потекло Питер Сингер кој добива значење со делото Ослободување на животните (Animal Liberation [1975]). Питер Сингер е познат по заложбата животните да имаат право на живот и да се третираат со почит. Сингер е претставник на етичкиот утилитаризам, се залага за утилитаристички морални решенија, што значи дека треба да се избере акција која ќе донесе најголема корист за најголем број луѓе (lat. utilis − корист). Во таа смисла употребата на марихуаната за медицински цели е типичен утилитаристички пример. Претставник на другата линија, конзервативната и теолошката, е папата Јован Павле II. Каде се доближуваат, а каде се оддалечуваат двете гледишта, иако обработуваат еднакви прашања? Разликата е во поимањето на животот; што е живот, кој го создал, што е почеток, а што крај на животот, кој е одговорен, како и во начините на справување со животните предизвици од морален аспект.
Во 21 век, биоетиката како интердисциплинарна област и натаму се развива, но и биоетичката легислатива која е придружен елемент на науката. Биоетиката се занимава со комплексни, специфични, гранични теми, како на пример со вредности и принципи, про- и контра аргументации/ставови/гледишта во однос на: евтаназија, вештачко оплодување, клонирање, контрацепција, стерилизација, абортус, пренатална дијагностика, експерименти врз ембриони, самоубиство, смртна казна, геном, заштита на матични клетки, донација на органи, трансплантација на органи, производство на ГМО храна, употреба на допинг во спорт, етички норми во воени услови − заштита на невино население, екологија, права и заштита на животни итн. Поради интердисциплинарниот приод, и биоетичките методи се разновидни и се комбинирани, па така при решавање на етички прашања учествуваат и цели научни и експертски тимови од повеќе области. Уметноста е исто така ангажирана во дефинирањето и прикажувањето на современите дилеми на биоетиката. Во таа смисла, режисерот Педро Алмодовар може да се земе за пример, во филмот (Морето однатре [The Sea Inside 2004]) го разгледува проблемот на евтаназијата. Македонскиот филм Медена земја на авторите Котевска и Стефанов кој на 92. церемонија на доделување на Оскари постигна највисок успех и беше номиниран во 2 престижни номинации, е биоетички ангажиран филм во кој е прикажан односот на човекот кон природата, природните ресурси и сл. Како ќе се движи развитокот на биоетиката во иднина, научниците се сосема согласни дека само едно е извесно. Со зголемувањето на примената на технологијата, на биотехнологијата, на нанотехнологијата и сл., како и напредокот на медицината, бројот на етички прашања ќе се зголемува правопропорционално. Со други зборови, колку пософистицирана технологија толку поголема веројатност од отворање на нови етички прашања, мултиплицирање на дилеми и можни одговори и решенија со една иста цел, подобар живот.