Општество

Тоа е Бајденомика, глупаци! (It’s the „Bidenomics“, stupid!)

Ивор Мицковски | Авторот е политиколог

Американските претседателски избори и целата предизборна кампања како никогаш порано ќе зависат од пропагандата и од перцепциите на избирачите. Влогот е огромен затоа што ноемврискиот дуел повеќе ќе биде судир меѓу две слабости отколку меѓу две политички сили. Понудата реално не им се допаѓа ниту на самите Американци каде што се потврдува инерцијата на политичкиот систем неспособен да направи генерациска промена, оставајќи нѐ со сериозни и отворени непознаници. Шеесет проценти од испитаниците се сомневаат во менталното здравје на обата кандидати.
Сепак, најголемиот парадокс на оваа предизборна кампања е дека економијата цути, а Бајден не ги добива заслужените пофалби за фантастичните перформанси на американската економија. И додека економијата цути, политиката тоне, се поларизира и се парализира. Можноста Трамп да се врати на власт ја претвора настинката на американската демократија во многу посериозна патологија. Америка е суштински во војна со сама себе, поделена како никогаш порано на прашања за нејзиниот културен и вредносен идентитет.
Оттука клучното прашање кое се поставува е дали Американците навреме ќе ги осетат ефектите од економското заздравување за тие да влијаат на изборите во ноември.
Што се однесува до самиот Бајден и неговата предизборна кампања која фактички започна со говорот за состојбата на нацијата, тој не заборави да се потпре на старата формула која му обезбеди победа на Клинтон: „Тоа е економијата, глупаци!“ Бајден со право инсистира на економските аспекти и успеси, особено затоа што Трамп одлучи да презентира една сива и депресивна слика за американската економија која воопшто не одговара на реалноста.
Спротивно на реториката на Трамп, американската економија плови со широко раширени едра. Бруто-домашниот производ расте со побрз ритам од целиот Запад, каде што само во 2023 година економијата порасна за 2,5 %, дупло повеќе од стагнирачката Европа, инфлацијата од 9 % е падната на 3 %, додека пазарот на трудот е во одлична форма и невработеноста е стабилизирана на историскиот минимум од 3,9 %. Воедно, огромното количество на јавни пари, околу 370 милијарди долари, кои ќе бидат вбризгани во економскиот систем во рок од една деценија, веќе го ревитализираат американското индустриско ткиво и повлекуваат сè поголеми квоти од пазарот на Кина.
Довербата на американските потрошувачи е порасната за 13 %, што е најголем скок од 2021 година. Од ноември до денес е порасната за 29 %, што пак е најголем пораст во последните 30 години. Во меѓувреме, индексите на Вол стрит бележат рекорд за рекорд, додека Насдак непрестано расте. Цената на бензинот е намалена за 40 % од јуни 2022 година до денес, а барањата за субвенции за невработеност се паднати на најниско ниво во последната година. Одличните перформанси навестуваат дека Централната банка во скоро време ќе почне да ги намалува каматните стапки, најверојатно до крајот на 2024 година.
Трамп е толку загрижен од овие бројки што дури изјави дека се надева во колапс на Берзата. Ваквиот неодговорен став го оправда со тврдењето дека не сака да стане новиот Херберт Хувер, претседателот кој стапи на власт на почетокот на Големата депресија, а за волја на вистината Трамп намерно баксузира затоа што знае дека „бумот“ на Вол стрит оди против неговата дефетистичка и песимистичка логика и наратив. Трамп отиде до таму што дури изјави дека Берзата расте затоа што е убедена во неговото враќање, па оттука веќе слави.
Всушност, на економски план малку што зависи од реториката на Трамп и крајната пресуда ќе биде одлучена од тоа како ќе се одвиваат работите во следните неколку месеци. Доколку економијата продолжи да оди во добра насока, а ФЕД ги скрати каматните стапки и порано од предвиденото, и доколку евентуално перцепцијата за инфлацијата престане негативно да влијае врз расположението на Американците, тогаш мошне веројатно е дека сите овие фактори ќе имаат време да се почувствуваат пред 5 ноември и да влијаат на исходот од изборите.
Во тој случај ќе се покаже дека слоганот Бајденомика (Bidenomic) не е обична демагогија, туку реален успех на економските политики на претседателот Бајден. Успех кој не е ограничен само на благото слетување на американската економија по ковид кризата, туку и на исполнување на ветувањето дадено во 2020 година дека вработувањата ќе се вратат дома. Мануфактурниот сектор се врати дома со преку милион нови работни места, додека Америка го спроведува тешкиот процес на економско одвојување од Кина.
Единствениот проблем на Бајден е во тоа што перцепцијата за инфлацијата негативно натежнува и влијае на расположението на американскиот електорат повеќе од која било статистика. Добро е што економијата расте или што невработеноста опаѓа, но ако јајцата чинат трипати повеќе од пред две години или пак семејствата за викенд не можат да си дозволат скара, тогаш вината секогаш ќе падне врз грбот на Владата. Цените на автомобилите, на недвижнините, па и потрошувачката корпа се драматично пораснати од пред четири години, нешто што им прави огромни потешкотии на среднониските класи да врзат крај со крај во месецот, па дури и предизвикува одреден прекаријат и кај средновисоките категории.
Бајден го плаќа политичкиот цех поради три нешта: инфлацијата предизвикана од ковид кризата (конјуктурен фактор), незадоволството кон пазарот на трудот во услужната економија (структурален фактор), како и фактот дека инвестициите во мануфактурата, во инфраструктурата и во технолошкиот сектор доколку произведат ефекти, тоа ќе случи за неколку години (перспективен фактор).
Со цел да ги олесни овие негативни фактори, Бајден мораше делумно да ја промени стратегијата, односно помалку да зборува за бројки и статистики, а повеќе да апелира и да се повикува на конкретни цени, на конкретни и реални подобрувања. Бескорисно е да им се повторува на Американците за заздравувањето на економијата во услови кога перцепцијата на земјата е дека е на пат или пак дека веќе е влезена во рецесија. Подобро е да се повторува дека цената на бензинот секојдневно опаѓа, во надеж дека во меѓувреме подобрувањето на економијата навистина ќе се почувствува во секојдневието.
Во спротивно би било вистински апсурд доколку Трамп, наместо како Хувер, биде реизбран благодарение на незадоволството од една економија која цвета и лета, на тој начин незаслужено подарувајќи му ја заслугата дека тој, всушност, ја воскреснал американската економија.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано