Општество
Во Брисел се одржува првиот Самит за нуклеарна енергија
21.03.2024г
Дали новите нуклеарни централи се исплатливи?
Меѓународната агенција за атомска енергија денеска во Брисел ќе го одржи првиот самит за нуклеарна енергија, на кој ќе учествуваат делегации од 30 земји, претставници на индустрискиот сектор и истражувачки центри, како и претставници на цивилниот сектор. На самитот ќе се разговара за улогата на нуклеарната енергија во замената на употребата на фосилни горива, јакнење на енергетската сигурност и поттикнување на економскиот развој.
Во светот се активни 396 нуклеарни централи, а половината од нив се во Европа. Во тек на изградба се 30 нови електрани, а во план за реализација се многу повеќе. Романија со поддршка на САД одреди нова локација за изградба на прва модуларна нуклеарна електрана. Во оваа земја веќе има една нуклеарна централа, а романскиот министер за енергетика Себастијан Бурдуја изјави дека за новиот капацитет е избрана најсовремена нуклеарна технологија, пренесува РТС.
Пред почетокот на самитот, имаше и реакции од Германија, која минатата година ги затвори последните три нуклеарки. Никлас Хене, од Германскиот институт за нова клима, смета дека новите нуклеарни електрани кои се во изградба се „премногу скапи“.
- Тие не се исплатливи. Мислам дека тие што се фокусираат на нуклеарната енергија се на погрешен пат, затоа што таа не е решение и не е компатибилна со обновливите извори на енергија, нагласува Хене.
Првиот светски Самит за нуклеарна енергија се организира во соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија и владата на Белгија, која по катастрофата во Фукушима донесе одлука за гаснење на своите нуклерани капацитети. Но, во време на енергетската криза, официјален Брисел го одложи затворањето на нуклеарните електрани.
фото freepic