Општество
Најголем пад на цените на становите во Германија
22.03.2024г.
Цената на куќите и становите во Германија минатата година забележаа најголем пад од 2000 година. Во 2023 година објектите за живеење поевтинија во просек за 8,4 отсто во однос на 2022 година, соопшти Сојузниот завод за статистика.
Во четвртиот квартал лани цените беа за 7,1 отсто пониски споредено со истиот период од 2022 година, односно за два отсто пониски во однос на третиот квартал од 2023 година.
Становите во старите згради се продаваа со пониски цени за 7,8 отсто, додека во новоградбите намалувањето е за 3,2 отсто.
Цената на недвижностите за живеење се намалувале во градовите и во руралните средини. Во градските средини куќите за една или две семејства поевтиниле за 11 отсто.
Главната причина за падот на цените на недвижностите во Германија е брзиот раст на каматите, кои ги поскапеа банкарските кредити. Повеќето граѓани не можат да си дозволат сопствен стан. Истовремено, и инвестирањето во станбената изградба станува поскапо. Меѓутоа побарувачката за станови останува голема, посебно во големите градови, а новоградбата не може да ги задоволи потребите на граѓаните.
фото freepic