Општество
Исполнети барањата на германскиот железнички синдикат
26.03.2024г
Повисока плата и помало работно време за германските машиновозачи
Германската државна железница Дојче бан го прифати барањето на синдикатот ГДЛ за скратено работно време на машиновозачите, со можност за воведување на 35 часовна работна недела до 2029 година, а платите на вработените да останат исти. За машиновозачите кои ќе одлучат да работат 38 односно максимум до 40 часа неделно, надоместот за еден час работа ќе им се зголеми за 2,7 отсто, пренесеа агенцијата ДПА.
Договорот меѓу германскиот железнички оператор и синдикатот е постигнат по четиримесечниот спор и неколкуте прекини на работа на машиновозачите. Намалувањето на работната недела на 35 часа ќе се одвива постапно. Од 2027 година машиновозачите ќе работат 36 часа неделно, од 2028 година 35,5 часа, а од 2029 година ќе се работи 35 часа неделно. Тие што ќе сакаат да работат помалку ќе мора да се пријават кај работодавачот.
Со овој договор двете страни ја исклучиле можноста да се штрајкува во наредните две години. Во време кога Германија се соочува со недостиг од работна сила, договорот беше прогласен за модерно решение кое дава флексибилност во железничката професија.
На вработените во германската железница ќе им се зголеми платата за 420 евра месечно поради високата инфлација во земјата. Исто така, ќе им биде исплатена еднократна сума од 2.850 евра.
Минатата година Дојче бан забележа нето загуба од 2,35 милијарди евра, а само минатогодишните штрајкови на железничкиот оператор му донесоа штета од 200 милиони евра.
фото freepic