Општество
Годишно присилната работа во светот генерира 236 милијарди долари
27.03.2024г.
Новото истражување за присилна работа во приватниот сектор во светот регистрира висок пораст на незаконската заработувачка од 37 отсто во однос на 2014 година и таа генерира 236 милијарди долари годишно. Според анализата на Меѓународната организација на трудот ИЛО вкупната добивка од присилната работа порасна за 64 милијарди американски долари, што е поттикнато од зголемениот број на работници, како и од зголемениот профит остварен со искористување на присилната работа. Секој ден во 2021 на присилна работа се ангажирани 27,6 милиони луѓе, покажуваат податоците на ИЛО.
Трговците со луѓе генерираат околу десет илјади долари од една жртва. Вкупниот годишен незаконски профит од присилна работа е најголем во Европа и централна Азија (84 милијарди долари), во Азија и Пацификот (62 милијарди долари), Америка (52 милијарди долари), Африка (20 милијарди долари) и во земјите од арапскиот регион (18 милијарди долари). Годишниот износ на незаконска заработка за едно лице на принудна работа е највисок во Европа и во централна Азија.
По присилното комерцијално сексуално искористување на жртвите, индустријата е вториот сектор со најголем годишен профит од присилна работа со 35 милијарди долари, следи услужниот сектор со 20,8 милијарди долари, земјоделството со пет милијарди долари и домашните работи со 2,6 милијарди долари, пренесува Лидер медиа.
фото freepic