Општество

Зошто тракторите маршираат кон градовите?!

Ивор Мицковски | Авторот е политиколог

Изминатава недела земјоделците во повеќе европски држави излегоа на протест поради тоа што растат цените за производство, а цените за храната остануваат исти. Тие се жалат на зголемените цени за производство, на малите маржи и на климатските политики. Во различни држави различни се причините за протест. Во Германија, тоа е планот на Берлин да ги намали даночните олеснувања на земјоделците за дизел за да го балансира буџетот. Во Холандија, тоа е обврската да се намалат емисиите на азот. Земјоделците велат дека се соочуваат со опаѓање на цените на нивните производи, растечки цени за производство, строга регулатива, долг, климатски промени и евтин странски увоз.
Цените за производство на земјоделците во ЕУ, особено за енергија, за ѓубриво и за транспорт, се покачени во многу земји од ЕУ, особено откако Русија ја почна воената инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Во исто време владите ги ограничија, односно ги замрзнаа цените за да се погрижат за стандардот на купувачите. Екстремните временски услови поради климатските промени, исто така, имаат влијание на продуктивноста. Некои резервоари на вода во Јужна Шпанија имаат само 4 проценти капацитет, додека шумските пожари изгореа 20 проценти од грчките плодови минатата година.
Националните влади поради овие незадоволства веќе преземаа чекори. Германија отстапи од плановите да ги скрати надоместоците за дизел, Франција го намали данокот за дизел и ги одложи другите мерки и се обврза да овозможи 150 милиони евра во помош, барајќи од земјоделските синдикати да ги сопрат протестите. На ниво на ЕУ, Европската комисија предложи ограничување на увозот на земјоделски производи од Украина преку „итна кочница“ и ослободување на земјоделците за 2024 година од обврската да држат 4 проценти од нивната земја во отпад додека сè уште добиваат субвенции од ЕУ. Иако хетерогени и тешки за дефинирање, заедничко за протестите на тракторите е што незадоволството првично е насочено спрема Брисел и европските норми и регулативи.
Барањата и бурните реакции на европските земјоделци, модерните кулаци, ни говорат за реалните проблеми на нивната категорија, за еден реален општествено-економски немир кој ги повикува на одговор и европската суверенистичка десница и проамбиенталната левица − првите затоа што им ветуваа реални бенефиции во име на одбраната на националните интереси и корпоративната заштита на категоријата, право на субвенции и отфрлање на европските нормативни стеги, а на вторите им замеруваат за сигурните жртви на денешницата и секогаш потценетите на утрешнината, на цената за зелената транзиција, за растот на горивата и за заробеноста од бирократските должности.
Но, пред сè, земјоделците нè потсетуваат сите нас на две нешта, а тоа е дека зелената транзиција нема биде бесплатен ручек, уште помалку гала-вечера, и дека од тоа како ќе се изведе транзицијата ќе зависат идентитетските профили на политичките опции и нивните изборни хоризонти. Зелениот дел на ЕУ се претвори во главната битка за европските избори кои ќе се одржат на 9 јуни. Не судирот меѓу демократијата и авторитаризмот, меѓу фашизмот и антифашизмот, меѓу конзервативизмот и либерализмот, туку одлучувачки ќе биде судирот меѓу европските десници и левици за прашања поврзани со цените на горивата за земјоделците, цените на ѓубривото, етикетите на производите, органското производство, употребата на пестицидите.
Како што гледате, многу конкретни прашања се однесуваат на секојдневието и се поставуваат на антиподите „две човечности“: едната која стиска копчиња и издава наредби и другата која ги трпи последиците од нивните гестови и насоки. Тие светови се пренесуваат и на електоратот кој ќе одлучува утре. Постои „свет на тастатурата“ кој одлучува, кој живее во глобални и апстрактни системи и се идентификува со партиите и со политиките на естаблишментот како што постои и „светот на материјата“ кој дејствува во локален и конкретен контекст, ги трпи одлуките на естаблишментот и кој и денес и утре ќе ги претпочита струите и партиите кои се приклонуваат или дуваат во насока на протестот.
Но, какви и да бидат одговорите и компромисите, дали ќе надвладее здравиот разум или идеолошката непопустливост, земјоделците и тие што искрено или дволично ги поддржуваат треба да се потсетат дека Европа не им е виновна за проблемите како што Европа не ѝ е виновна ни на десницата, туку напротив, треба да престанат да се преправаат дека заборавиле, дека да не беше Европа во последниве 50 години да ги поддржува и да ги финансира земјоделците со парите на даночните обврзници веројатно повеќе не би ни постоеле. Но, како и сите големи проблеми, аргументите малку вредат кога еден проблем ќе стане политички, а уште повеќе кога ќе стане културолошки.
Сепак, да видиме одредени факти и бројки кои ќе ни го појаснат проблемот. До скоро време европската земјоделска политика (ПАК) апсорбираше 50 % од европскиот буџет. Денес тој процент е паднат на 25 %, но, во апсолутна бројка, издатоците во корист на земјоделството не се многу паднати и се движат околу 55 милијарди евра годишно. Но, бројките тука не ја кажуваат целата вистина. Заштитата која им ја нуди Европа на земјоделците се манифестира пред сè преку силните царински давачки со кои Брисел го оптоварува увозот од трети земји, кои се многу покомпетитивни, создавајќи така еден вештачки пазар кој ја одржува земјoдeлска Европа.
Значи, наспроти субвенциите кои извлекуваат 25 % од европскиот буџет, земјоделскиот сектор претставува само 1,4 % од европскиот БДП. Притоа произведува 10,5 % од штетните гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина. Во 2022 година, БДП на земјоделска Европа изнесуваше 220 милијарди, од кои една четвртина се европски фондови. Според бројките на ЕК, платата пер капита на вработените во земјоделството е порасната во 2022 година за 11 %. Во однос на 2015 година, зголемувањето иснесува 44 %.
Секако, постојат многу добри причини зошто земјоделците станаа високозаштитена категорија. Првата е одржување на територијата и на земјиштето. Втората е за да се избегне комплетното иселување од руралните средини и претераната урбанизација. Потоа тука е прехранбениот суверенитет, со цел прехраната на популацијата да не зависи од надворешни извори. Добрата страна на тој суверенитет е можноста да се обезбедат висококвалитетни производи, почитувајќи квалитативни, санитарни и хигенски мерки кои Европјаните слободно си ги поставија како цел: месо без хормони, пилиња кои не се мијат со детергент, ограничување на пестициди и на генетски модифицирани производи.
Но, главната причина зошто од почетокот на обединета Европа земјоделците се субвенционираат е, пред сè, политичка. Затоа што тие се преку 60 години главниот резервоар на умерените гласови, традиционално монополизирани од народните или од демохристијанските партии. Селата и полињата беа контратежа на урбаниот електорат кој бил отсекогаш општествено и социјално попрогресивен. Резултат на тоа беше долгата и успешна соработка меѓу луѓето од народот и социјалистите кои владееја со Европа, во најголем дел од националните држави, во последниве 50 години.
Меѓутоа, таквата политичка реалност денес забрзано се менува. Народот на тракторите ѝ замерува на Европа која со децении ги хранеше и ги одржуваше во живот затоа што земјоделците знаат дека една глобална реалност како ЕУ нема да може вечно да ги брани и да ги одржува сите привилегии кои ги уживаат актуелно. Така се создава идејата, лажна во својата суштина, дека само националните држави може да им обезбедат корпоративна заштита на земјоделците каква што бараат наспроти европските „наметнувања и наредби“. Од овие погрешни идеолошки претпоставки денес се раѓа сојузот меѓу руралниот свет и силите на суверенистичката десница. Во Полска, во Франција, во Италија, во Германија, во Шпанија, во Грција, во Холандија, денес гласачите од селата ја потхрануваат екстремната десница и нејзината антисистемска реторика која јава на нивното незадоволство. Тоа ги става традиционалните партиите пред тежок избор −да продолжат да се умилкуваат и да ветуваат нешто што знаат дека е станато неодржливо и пак да изгубат од екстремистите или, пак, да им го свртат грбот на земјоделците и да остават прогресот да одбере малкутемина кои се во состојба профитабилно да работат преку транзиција и квалитативен напредок. Што и да одберат, ќе биде тешка и болна одлука.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано