Општество

УБАВИОТ ЗБОР: Крстот и љубовта

Тихомир Јанчовски | Авторот е писател

Започна и новата година, дваесет и четврта во новиот милениум. Јануари е долг месец, зимава засега во Скопје е маглива и без снег, можеби е лична проекција, но луѓето ми изгледаат така... малку збунети и скиснати, секој со своето. Пред некој ден бев да се потстрижам и во берберницата гледам една врамена фотографија, и во неа под стаклото, неколку крстови. Мали метални крстиња. Пеце, што ти се крстовиве овде, му велам на мајсторот, а тој вели, така ми дојде, многу ме фасцинира крстот како симбол. Да, а? Мислам дека пишував нешто за тоа пред некое време. Да ми дадеш да прочитам!, вели тој. Добро, штом така, еве нека прочита овде, ама не му кажувам додека не излезе, нека биде изненадување.

Што е крстот? Тој е знак. Симбол. Крстот има хоризонтална и вертикална линија и го означува вкрстувањето на духот и материјата, на болеста и здравјето, на денот и ноќта, на доброто и лошото... сѐ во човекот и во светот. Има личен крст, и национален, и крст кој го носи човештвото. Тоа се сите работи што ни се дадени со раѓање, и добри и лоши: ние наследуваме од предците и имаме ограничувања – родени сме во машки или женски тела, во одредена земја, град или село, и од дадени родители, мајка и татко, во дадени време и простор, Македонија, 21 век. Од родителите и преку нив не наследуваме само добри нешта, туку и наследни болести на душата и на телото. Се разбира, и изгледот: височината, обликот на носот, бојата на очите, тенкоста или дебелината... сѐ. Го наследуваме и имотот, може да сме родени во богатство или немаштија. Тоа не го бираме, со тоа се раѓаме. И животот ни е даден не за да се приспособиме и да се помириме со сите дадености, туку да ги разбереме и да ги совладаме пречките што нѐ кочат. За тоа да се случи треба да бидеме распнати на својот крст, сите до еден. И државите, сите до една. И да не се жалиме дека е тешко, да не роптаме. Условите што ни се дадени, ограничувањата што ги имаме, се токму за нас и добри се зашто можеме да ги надминеме или да ги истрпиме. Никому не се дава повеќе одошто може да носи. Помалиот крст, помалите тешкотии се даваат на луѓе кои не можат повеќе да носат. Кој во животот поминал низ многу страдања, може и многу да поднесува, голема му е мерата. Голем му е денот, и животот. Смислата му ја наоѓаме во мигот на сопственото распетие, кога ја согледуваме својата мера, според личноста која сме.

Крстот не е двете дрвени греди на кои бил распнат Исус, тоа е историскиот крст што Тој го носел на Голгота. Му помогнал Симон, и тој е од Киринеја, исто како Јуда. Само што Симон бил маж, а Јуда несреќник. Тие се истиот човек, само што се развиле различно. Треба да ги познаеме своите Симон и Јуда, и да не мислиме дека ние сме Исус оти отидовме лудница. Бог е љубов и треба да се сака љубовта во себе, во другите и во светот, а не само конкретниот Исус, конкретната личност која живеела во римската провинција Јудеја на преминот од стариот во новиот век. Или конкретниот Алах, Јехова... Бога го гледаме во очите на децата, во пупките на цвеќињата, во очите на саканата личност, во погледот на пријателите, во лаењето на кучињата. Кој чека да го види Исус со трновиот венец лице в лице во овој живот – не му е арно. Па љубовта е насекаде околу нас и ако неа не ја гледаме, ако не можеме да ја видиме, како ќе го видиме Господ кој е невидлив? Него никој никогаш не го видел. Така вели и евенгелието. Бог е светлината што го осветлува секој човек кој доаѓа на овој свет. Да преведам, љубовта го осветува и го советува секој човек. Ние се раѓаме од љубов, живееме со љубов и од љубов и само оној кој навистина нема ни трошка љубов за никого, вклучително и за себе, е вистински антитеист. Атеистот верува дека човекот е мера на сѐ и дека нема Бог и не знае дека го вели истото она што и верниците зашто и тој верува: дека не постои Бог, туку дека човекот е сѐ. А човекот станува човек кога има љубов, со неа се обожува и ја добива мерата. Дури тогаш тој е во љубовта и љубовта е во него, и јасно му е дека таа постои и жива е, и сака да ја задржи по секоја цена, дури и да умре за неа. Ако љубов немаме, залудни ни се сите знаења и дипломи, попусто секое богатство и талент... зашто однатре сме празни и постојано нешто бараме, нешто ни фали.

Кога има љубов на човек му е сеедно дали живее во подрум или палата, тој е благословен. А кога нема, тој е на патот од подрумот до палатата, па дури и да ја освои ќе му биде малку, ќе сака две... три, илјада... ќе ги сака сите палати и ќе ги освојува со сите алати. Човек без мера, без мир во себе, сака да го освои сиот свет. Како што е случајот со големите војсководци во историјата што не знеле да запрат: Александар, Цезар, Наполеон, Хитлер, Сталин... и секој човек кој животот го троши на стекнување без да сфати дека пропуштил вистински да живее. Душевните болници се полни со луѓе што мислат дека се еден од овие, горенаведениве.

На крстот исчезнуваат спротивностите. На вкрстувањето тие постојат во рамнотежа и ја одредуваат мерата на нормалноста од која обете се дел. Екстремите се болни и се непотребни, а сепак ги има. Тие служат како лекови ако спротивната страна отишла предалеку. Во нашево материјалистичко време ни треба повеќе дух. Потребна ни е повеќе љубов, а помалку секс. Иако и физичката љубов е дел од вистинската, тие не може да се двојат: не може да љубиш некоја зашто ти е убава и добра за „онаа работа“, а инаку ти личи инфериорна или супериорна, глупа или препаметна и не ја љубиш како човек. Тоа е шизофрена врска – и ти и таа сте луди ако терате така. И ако останете заедно по секоја цена – таа заедница ќе заврши во лудница. Или оставете се или вистински засакајте се, инаку маф ви е работата. Може и да се испозаколете меѓу себе. Вака, и да се оставите, гледајте да сте пријатели и да се разбирате. Што ќе ти некој кој од далеку те мрази? А ако сфатите дека сте навистина еден за друг и дека заедно ќе си помагате во носењето на крстот, тогаш љубовта ќе ви е богата, мирот ќе ви биде како зрнца песок во пустината. Само ќе наголемува од ден за ден.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано