Финансии / Банкарство

КРСТОНОСНА ВОЈНА СО НЕПЛАЌАЊЕТО НА ДАНОЦИ

Павле Гацов

Се затвораат можностите за (не)легална евазија на даночните обврски

 

Се чини дека државата тргна во крстоносна војна со неплаќачите на јавни давачки. Покрај засиленото ловење на прекршителите на даночните закони и на неплаќачите, во тек е процес на донесување на редица прописи со кои се затвораат можностите за (не)легална евазија на даночните обврски. Веќе пишувавме за донесувањето на измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување со кои, покрај персоналниот данок на доход, од 2015 година се воведува обврска за плаќање на придонеси за ПИО и здравство на исплатените надоместоци по основ на договори на дело и авторски договори, без оглед на работно-правниот статус на лицата-приматели на надоместокот (вработено лице кај исплатувачот, лице вработено во друга фирма или невработено лице).
Со новото решение за оданочување на „приходите од страна“ ќе бидат погодени и голем број на државни службеници (деновиве бевме сведоци на учеството на еден наш министер во платени семинарски активности на една домашна компанија – во работно време) кои во работно време држат разни платени обуки преку приватни компании. Се работи за нова појава што треба да се запре додека не зела замав, пред сѐ, поради конфликтот на интереси. Државните службеници во описот и пописот на работното место и работните задачи што треба да ги извршуваат и за кои се платени од парите на даночните обврзници немаат можност да работат на страна и да заработуваат приватно во работното време. Тие работното време треба да го трошат само за државни интереси. Ако се толку способни, знаат и можат, нека ги напуштат местата што ги држат и нека влезат во приватниот бизнис. Само така ќе знаат дали вредат и на тој начин нема да земаат за една работа „плата од две места“. Едната, од државниот бунар (пари на граѓаните) и втората „од страна“. Премногу е. Усул.
Во меѓувреме беше донесен целосно нов Закон за данокот на добивка со кој ретроактивно се уредува оданочувањето на добивката што ќе биде остварена за 2014 година. Со новиот Закон се враќа стариот режим на оданочување на резултатот од работењето без да се чека моментот на исплата на дивидендата. Во даночната основа се додаваат и голем број на оданочиви (нефункционални) расходи, невратени заеми, превисоки камати по заеми од/на поврзани лица итн., сѐ во функција на зголемување на основата за оданочување. Само поради новите даночни решенија, поуспешните претпријатија ќе платат и за десетина и повеќепати поголеми износи на данок за оваа година. Но, тоа ќе го дознаат во февруари 2015 година.
Извршени се измени во Законот за ДДВ со кои за двојно се намалува прагот за регистрација за ДДВ и се вршат други измени во функција на подобрување на даночниот режим на постојните ДДВ обврзници.
Во поодмината фаза се подготовките за донесување на целосно нов Закон за персоналниот данок на доход, и овој пат во функција на зголемување на буџетските приходи по основ на овој данок. Во работните верзии на Законот се најавува зголемување на даночниот товар, но, како и порано, ова не се прави преку зголемување на даночната стапка, туку со проширување на даночната основа, односно преку намалување на нормираните трошоци што влијаат на висината на даночната основа. Предлог-законот ја подобрува содржината на Законот и во номотехничка смисла.
И на крајот да го обележиме Предлог-законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност со кој целосно се забранува вршењето на дејност што не е регистрирана во соодветен регистар. Со ова ќе отпаднат можностите за вршење на дејност од страна на физички лица без да имаат некаква форма на регистрација – слободни стрелци. Сметководителите што работат од дома и без фирма да заборават на таквата можност по донесувањето на овој Закон. Со ова решение ќе се влијае на намалувањето на сивата економија, но истовремено ќе има влијание и на заострување на социјалната положба на голем број на физички лица во секторот на услуги што сега вршат дејност без да имаат фирма. Законот оди до таму што ја остава несанкционирана само работата за сопствени потреби (поправки по дома) или семејната и соседската помош (помагање на роднините и/или соседите), продавањето на лични користени предмети и работата што се врши бесплатно под услов да не се врши континуирано.
Интересно е дека правните и физичките лица кои го овозможуваат вршењето на нерегистрирана дејност (ги ангажираат и ги плаќаат физичките лица) ќе се сметаат за соучесници во извршувањето на нерегистрираната дејност. Глобите за непочитување на законот се огромни, па неговото прекршување не се исплатува.
Овој Закон ќе ја промени судбината на илјадници македонски граѓани кои животната егзистенција ја обезбедуваат преку неформалниот сектор. Во иднина ќе мора да се вклучат во формалниот сектор со што ќе ги зголемат трошоците на работењето и ќе мора добар дел од досега неоданочените приходи да го издвојат за државата. Нека им е на здравје, сега и тие ќе учествуваат во градењето на својата држава.
Со сите претходни, но и други мерки, предвидено е зголемување на приходниот дел од Буџетот за 2015 година за 5%. Ако се продолжи со ваквото темпо на измени на даночните прописи, постои опасност планот за собирање на приходите во Буџетот сериозно да се натфрли.
На каков начин ќе се користат прибраните средства е веќе друга страна на процесот на прибирање и трошење на буџетските средства. Градењето на патиштата, како една од опциите, е најдобрата опција, но да не се заборави и на енергетиката што треба да биде национален приоритет за инвестирање во наредниот период.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано