Општество
Пазарот за изнајмување недвижности во Германија е под висок притисок
29.04.2024г.
Слободен стан во Германија се бара подолго од една година
Секое второ лице кое престојува во Германија бара стан повеќе од една година. Речиси 55 отсто од луѓето бараат дом во кој би живееле подолго од една година, покажува истражувањето на германскиот портал за недвижности „Имоскаут24“.
Од 1.183 лица кои учествувале во анкетата, околу 22 отсто барале стан повеќе од две години. Две третини од анкетираните лица се убедени дека годинава ќе најдат соодветен стан, според нивните очекувања и потреби. Околу 16 отсто се целосно песимисти дека набргу ќе го решат проблемот со сопствен дом за живеење.
- Пазарот за изнајмување недвижности е под висок притисок. Кириите се во пораст, а тоа значи дека преселбата во недвижност со подобри услови за живот носи и повисоки трошоци, изјави Геса Крокфорд, извршна директорка во агенцијата „Имоскаут24“.
Мелани Вебер-Мориќ, директорка на Германското здружение на станари, смета дека обезбедувањето на прифатливи услови за домување може да се постигне само со поддршка од државата. Таа предлага и проширување на новиот модел на „непрофитно домување“.
- Создавање на голем непрофитен станбен сектор е гаранција за трајно и достапно домување, нагласува Вебер-Мориќ, пренесува „Тпортал“.
фото freepic