Бизнис

Рудниците за злато се борат за одржлив раст на производството

10.06.2024

Производството на рудниците за злато во светот во 2023 година пораснало само за 0,3 отсто во споредба со претходната година. Во 2022 растот на производството на злато изнесувал 1,35 отсто на годишно ниво, додека во 2020 година глобалното производство на овој благороден метал се намали за еден отсто за прв пат во последната деценија, пренесе „Сеебиз“.  

-       По десет години на брз раст, рударската индустрија се бори да оствари одржливо производството на злато. Имаме рекордно производство на рудниците во првото тромесечие од 2024 година со раст од 4 отсто на годишно ниво. Но, пошироката слика е дека е постигнат максимумот од 2016 и 2018 година и оттогаш не сме виделе никаков раст, изјави Џон Рид, главен пазарен стратег во компанијата ВГЦ.

Нови наоѓалишта на злато се потешко се откриваат ширум светот, бидејќи потенцијалните наоѓалишта на злато се веќе истражени. Истражувањата на нови наоѓалишта на злато се долги и траат  од 10 до 20 години, пред да биде подготвен рудникот за експлоатација.  Само 10 отсто од глобалните откриени рудни резерви кои содржат доволно количество на злато се исплатливи за рударење.

Досега се ископани околу 187.000 метрички тони злато, а најголемиот дел е од Кина, Јужна Африка и Австралија. Резервите на злато кои можат да се ископаат се проценуваат на околу 57.000 тони, покажуваат истражувањата на Геолошкиот институт на САД.

Цените на златото во последните месеци се на рекордно ниво, поради силната побарувачка од Кина. Златото моментално се тргува по цена од 2.294,3 долари за една унца.


фото freepic 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано