Општество
Георгиев: За политичката култура и за исходот од изборите
13.08.2024г.
Најпрво малку терминологија. Кога ќе кажеме дека политичката култура во Македонија е на ниско или на високо ниво, всушност ништо не кажуваме. Од друга страна, кога ќе кажеме дека нивото на (домашна) култура во политичката комуникација е ниско или високо, тогаш велиме дека јавниот простор во кој комуницираме на политичко-општествени теми е непристоен или пристоен, токсичен или беневолентен. Политичка култура е политиколошка кованица, богат концепт кој содржи повеќеслојни аспекти и кој темелно го дефинира карактерот на нацијата или на луѓето кои живеат на одредена територија. Политичката култура ги опфаќа длабоко вкоренетите ставови на граѓаните спрема политиката и политичките процеси, дали и на кој начин граѓаните ги перципираат политичките институции за легитимни, но и долго кованите традиции на политичка пракса, т. е. како граѓаните се научени да се однесуваат во политичкиот простор. Обично кога ќе слушнете некој политичар или аналитичар на ТВ-дебата кога вели дека „катастрофално е нивото на политичка култура“, знајте дека тој не е политиколог и дека употребува сосема погрешен вокабулар.
Оттука предлогот е да зборуваме за политичката култура на граѓаните кои живеат во нашава држава. Долго размислувајќи на оваа тема, особено опседнат со „невидливите“ сили кои го детерминираат гласањето и однесувањето на гласачите и на граѓаните во нашава држава и поттикнат од последните претседателски и парламентарни избори како можна студија на случај, се обидувам да ги одгатнам големите магистрали на политичката култура во Република Северна Македонија. Таа, според мене, се прекршува низ три призми, формулирани и растени низ годините. Некои датираат од Југославија, некои се раѓаат и се оформуваат со независноста, од 1991 година до денес. Овие три вкоренети низи на вредности во голема мерка го дефинираат гласачот во нашава држава. Заради ограниченоста на просторот, ќе ги изложам само во начелни рамки кои овојпат мора да подразбираат и преголемо поедноставување и стереотипизација. Конечно, стереотипите се составен дел од секое општество и тие се моќен агенс кој ги обликува и ставовите на гласачите. Но, да почнеме.
Македонија на Македонците. Повикувајќи се на историската определба на (дел од) ВМРО за Македонија како независна држава, независноста во 1991 година дојде како мелем на длабоката историска рана на Македонците. Слоганот „Македонија на Македонците“ ја доби својата полнотија, а со тоа и опасноста еден ден, набрзо, овој слоган да биде толкуван како фабричка грешка. Првиот Устав, првото знаме, химната, политичкиот патос на Љубчо Георгиевски, интелектуално-поетскиот патос на Гане, на Анте, на Матеја... сиве овие го трасираа патот на едни длабоко вкоренети вредности кај голем дел од етничките Македонци. Тоа е идејата за суверенизмот и за апсолутната доминација на етничките Македонци врз парчето земја што се нарекува Република Македонија. ВМРО (денес веќе и ДПМНЕ) смета дека ние, Македонците, треба да ја водиме државата, дека таа е наша, татковина и дедовина, и дека Македонците, за разлика од останатите, немаат резервно парче земја. Во остварувањето на оваа идеја, далекусежна импликација е дека секој „странец“ кој има амбиција да го релативизира ваквото стојалиште или да се вмеша во „штипките“ на Македонците е крајно сомнителен, дури и непосакуван. „Странците“ обично се Албанците, Американците и целиот западен конгломерат, како и домашната петта колона.
Македонија не може сама. Комунистите ја направија државата Македонија во границите во кои живееме и денес, но комунистите на ја направија сами. Ја направија на фонот на борбата против фашизмот и со голема логистичка, идеолошка и технолошка помош од Југославија, Тито и пред сè Белград. Растена во пазувите на титоистичка Југославија, за прв пат почитувана на ист ранг како и другите републики, Македонија е сама и самостојна, ама само со поддршка на некој поголем и помоќен. Сето ова оди рака под рака со потполната свесност дека Македонија не е и не може да биде само на Македонците, туку и на Албанците, на Турците, на Ромите, на Србите, на Власите, на Бошњаците, а денес секако и на Бугарите. Но, и дека Македонија нема внатрешен капацитет да се справи сама со себе. Едно општество за сите, колку и да беше несмасно поставено како концепт, е водечка носилка на сегашната, но и на претходната СДСМ. Тешките породилни маки со независноста, постојаните внатрешни етнички тензии и недоразбирања, клучната помош од САД и од ЕУ за етаблирање на македонската држава, ја вкоренуваат идејата дека државата и граѓаните во неа се премногу мали и фрагилни за да можат да опстојат без некаков тутор. Ако туторот некогаш беа Белград и Тито, денес тоа се Брисел и Вашингтон. Денес оваа потреба за тутор многу често се слуша во колоквијалните разговори меѓу македонските граѓани. Не нè бива, не бива држава од нас, само влез во ЕУ е спас, мора некој друг да нè спастри итн. Импликацијата од ваквата вкоренета вредност е некритички однос спрема туторот, безмалку фаталистички, дека тој точно знае што ни треба и како треба да се направи тоа.
Овие две доминантни дивергентни линии кај етничките Македонци создаваат длабоки расцепи меѓу политичките партии и меѓу големи делови од населението. Но, уште поважно, и двете линии се прекршуваат низ призмата на меѓуетничките односи, т. е. односот на етничките Македонци спрема етничките Албанци во државава. Тоа е третата линија која ја одредува политичката култура на граѓаните во денешна Македонија.
Албанското прашање во Македонија. Растени во еден претходен систем (Југославија) кој не ги есапеше за граѓани од прв ред, Албанците генерално и историски имаат сомнеж спрема туѓи држави и туѓи владетели. Иако македонскиот модел на етничка дискриминација се покажа како помек од неговиот постар и посилен братучед, српскиот, политичката култура која се развива на ова географско подрачје е слична или идентична. Уште на почетокот, во деведесеттите години, кога се калеше челикот на македонската независна држава, Албанците беа и сè уште се претпазливи спрема Македонците и државата во која живеат. Тоа е чувството дека државата и власта во која живеат се нелегитимни или проблематично легитимни. Ваквата перцепција создава друг тип на реалност, стереотип или перцепција кај Македонците. А тоа е дека Албанците, без разлика што огромен дел од нив се родени и се растени во Македонија, не се лојални граѓани на државава. Овие два стереотипни ѕверови постојано се хранат меѓусебно на сметка на развојот и на просперитетот на државава во која сите заедно живееме. Денес Албанците на симболично, но во голема мерка и на институционално ниво ја живеат својата ренесанса. Но, ДУИ, како долгогодишен и ексклузивен претставник на Албанците во државава, долго ја игнорираа новата растечка негативна динамика кај македонскиот гласач, живеејќи ја сопствената ренесанса преку унапредување на правата и на статусот на Албанците, но и преку унапредување на имотниот статус на многу нивни првенци. Резултатот од ова можеше да се претпостави: растечка фрустрација кај Македонците која се прелеа во голем број гласови за суверенистите!
Сите три стереотипи кои ја креираат реалноста во нашава држава во себе содржат сериозни замки. Кај првата („Македонија на Македонците“) е упорното и длабоко вкоренетото неприфаќање дека во една либерална демократија која се обидува да пркне во едно крајно поделено општество нема место за неприфаќање на „другиот“. Таквата позиција е едноставно неодржлива и е точка на постојани конфликти и тензии во општеството. Втората („Македонија не може сама“) е поврзана со прикладната синтагма „држава под кирија“ во која ние живееме како кираџии кои јадат, пијат, уживаат, повремено зачистуваат по дома, додека сопственикот/туторот (ЕУ, САД, странците) ги поправа водоводот, струјата, скршените прозорци, ги бојадисува ѕидовите и поставува аларм за крадци. Третата, пак, „Албанците во Македонија“, создава чувство на постојано преиспитување и проблематизирање на легитимитетот на државата во која живеат овие граѓани.
Ставете ги трите во коктел, ќе ги добиете главните наративи на овие три светови. Контекстуализирајте го овој коктел во денешно време, ќе ги добиете главните причини за резултатот од овие избори. Бидејќи е јасно дека овие длабоко вкоренети вредносни системи кои ги негуваат граѓаните се обилно хранети од страна на политичарите и на политичките партии.
Постои и четврта група граѓани, еве да ги наречеме неидеолошки либерали, кои ја гледаат Македонија како место во кое функционираат институциите, корупцијата нема етничка ни идеолошка боја и таа е навремено и ефикасно санкционирана, граѓаните се лојални на уставот и на законите, а образованието и здравството создаваат квалитет. Последниве се веројатно најбројни, иако се тивки и се фрустрирани. Многумина од нив одат и гласаат на избори, главно против, ретко за. Политичката култура бавно се менува, речиси неприметливо во текот на повеќе генерации. Ние немаме време за чекање, а не верувам дека луксузот наречен време ќе го имаат и нашите деца.