Општество

НЕДЕЛЕН РАСТ НА ЗАБОЛЕНИТЕ ОД КОВИД, се препорачува до граѓаните да избегнуваат групирање во затворени простории

Комисијата за заразни заболувања на последниот состанок констатираше дека има зголемување на бројот позитивни случаи на Ковид-19, во однос од минатата недела, па по тој повод, ги потсетува граѓаните да ги почитуваат општите мерки за превенција од респираторни инфекции, соопштија  од Министерството за здравство. 

Од 12 до 18 август во државава регистриран е 271 нов случај на болни од Ковид-19 што претставува зголемување од 60,4 проценти во однос на претходната недела. Тестирани се вкупно 608 материјали во лабораториите каде се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 33,3 проценти.

- Во тековната недела, регистрирани се заболени лица во општините од 17 градови. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје - 152, Кавадарци - 25, Тетово - 23 и од Охрид - 22, a највисока инциденца е регистрирана во Кавадарци, пишува во извештајот на Институтот за јавно здравје објавен попладнево.

- Да се избегнува групирање и подолг престој во затворени простории, редовно проветрување на просториите, почесто миење раце и избегнување близок контакт со заболени лица, се наведува во соопштението. 

Од Министерството нагласија дека вакцинацијата е најефикасен начин за заштита од тежок облик на болеста. 

- На состанокот, Комисијата ја реафирмираше препораката дека тестирање за Ковид-19 не е услов за прием во здравствена установа. За Ковид-19 треба да се тестира исклучиво според индикација, одсносно, доколку пациентот има симптоми карактеристични за Ковид-19, се додава во соопштението.

Од Комисијата истакнале дека пациентите треба да се лекуваат од основната болест и во соодветната здравствена установа, дури и ако се позитивни на Ковид-19, „со тоа што, здравствената установа треба да обезбеди услови за минимизирање на опасноста од ширење на болеста на другите пациенти и на персоналот, со изолирање на позитивните пациенти“. 

- Комисијата за заразни болести внимателно ја следи состојбата и во зависност од промените, ќе донесе соодветни препораки, пишува во соопштението на Министерството. 

Во текот на месец јули, пријавени се вкупно 250 случаи на Ковид-19 низ државава. Во однос на претходниот месец јуни, се регистрира десеткратно зголемување на бројот на пријавени од Ковид-19, како и во однос на месец јули, 2023 година. Од заболените во јули 2024, најголем број - 148 се пријавени од Скопје, а највисока инциденца (43,0/100.000) се регистрира во Кавадарци, се наведува во месечниот билтен на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за движењето на акутните заразни заболувања за месец јули.


Извор МИА

фото freepic

 

ПРЕПОРАЧАНО