Општество

Приоритетите на новата Европска комисија за периодот 2024 − 2029 година

Практиката е новиот претседател на Европската комисија, кандидатот за оваа функција, да ги претстави приоритетите за работењето на оваа значајна европска институција за време на петгодишниот мандат. За да се имплементираат приоритетите од програмата на Европската комисија неопходно е да биде донесена легислатива од Европскиот совет кој го сочинуваат државите членки на ЕУ и од Европскиот парламент. Улогата на Европскиот парламент постојано се зголемува и затоа неопходно е Европската комисија да обезбеди партнерство со оваа институција. 


Претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која се кандидира за нејзиниот втор мандат за оваа функција, ја презентираше програмата „Европски избор: Политички насоки за следната Европска комисија 2024 − 2029 година“ пред Европскиот парламент на 18 јули оваа година. Таа успеа да добие 401 глас од потребните 361, што е 50 повеќе, што воедно претставува обврска и за исполнување на ветеното и за следење на реализацијата на програмата. Значи Политичките насоки 2024 − 2029 година се основа за мандатот на идната комисија.
Иако овие стратешки програми се однесуваат за 5 години, колку што трае мандатот на Европската комисија, тие покрај новите стратегии содржат елемент на континуитет со претходните програми. При подготовката се земаат предвид актуелните состојби како на глобално така и на регионално ниво во општеството и во економијата. Исто така се има превид буџетот на ЕУ, кој се донесува во форма на повеќегодишна финансиска рамка, односно тековниот буџет се однесува за периодот 2021 − 2027 година.
Програмата за првиот мандат на претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која се однесуваше на периодот 2019 − 2024 година, беше насловена „Унија која се стреми кон повеќе: Мојата агенда за Европа“ и се состоеше од шест главни области: справување со климатските промени, креирање економија по мерка на европските граѓани, дигитална трансформација на европската економија, заштита на европскиот начин на живеење, посилна Европа во светот и нов поттик за европската демократија. Приоритетите во оваа програма беа заемно поврзани, а централно место имаше Зелената агенда. Во текот на мандатот настанаа одредени екстерни промени кои сериозно влијаеја врз ЕУ и нејзините земји членки, како што беше пандемијата со ковид и војната во Украина, што бараа одредени прилагодувања во приоритетите на работењето на Комисијата. Исто така, во овој период за прв пат во историјата на ЕУ, пред сè, за справување со предизвиците од пандемијата, буџетот на ЕУ предвидуваше финансирање преку задолжување кај финансиските институции. Делот од буџетот кој е финансиран на овој начин е наречен „Следната генерација на ЕУ“.

Актуелната програма на Европската комисија, што ја презентираше претседателот Фон дер Лајен „Европски избор: Политички насоки за следната Европска комисија за периодот 2024 − 2029 година“, исто така содржи шест столба: 1. Нов план за одржлив просперитет и конкурентност на Европа; 2. Нова ера за европската одбрана и безбедност; 3. Поддршка на граѓаните, зајакнување на европскиот општествен модел; 4. Одржување на квалитетот на живот: безбедност на храна, вода и природа; 5. Заштита на европските демократски вредности и 6. Глобална Европа: Искористување на европската моќ и партнерства. Ако се анализира претходната и оваа петгодишна програма на Комисијата ќе се забележи континуитет со тоа што за прв пат се дава посебно и издвоено место на одбраната и безбедноста, што не е за изненадување со оглед на тоа што Европа со соочува со најголемата безбедносна закана по Втората светска војна и иманентна е потребата од заеднички европски одговор.

Европскиот зелен план, заедно со дигиталната трансформација, остануваат да бидат клучни столбови за зајакнување на конкурентноста на европската економија. Поставените цели за намалување на емисијата на стакленички гасови остануваат. Европскиот зелен план треба да биде основа за Планот за чиста индустрија кој треба да го презентира Европската комисија до Советот и до Европскиот парламент во рок од 100 дена, значи до октомври оваа година. Покрај постојната, се планира да се донесе дополнителна регулатива, меѓу која клучно место ќе има Актот за забрзување на декарбонизацијата на индустријата. Циркуларната економија останува во приоритетите на ЕУ и во овој мадат се планира да се усвои нов законски акт за циркуларна економија. Европската комисија ќе продолжи да ги користи зелената и енергетската транзиција како инструменти за зајакнување на конкурентноста на европските економии на светските пазари.

Со цел да се намали цената на енергентите и зависноста од увозот од енергенти, кои влијаат врз конкурентноста на ЕУ, ЕУ планира да го зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, ќе продолжи силно да инвестира во нови технологии и ќе го намали користењето на фосилните горива. За да ја зајакне преговарачката позиција и за да постигне подобри услови ќе ги користи заедничките набавки за горива. Значајна улога ќе има воспоставување на вистинска енергетска унија.

Дигиталната трансформација останува еден од столбовите за постигнување на поголема продуктивност и конкурентност на националните економии на земјите членки. Покрај имплементација на веќе усвоената регулатива во оваа област ќе се продолжи во поддршка на ИТ-индустријата, пред сè на прекуграничните истражувања и развој. Се предвидува формирање европски совет за истражување на вештачката интелигенција. Покрај вештачката интелигенција, посебно внимание ќе биде посветено на донесување на стратегија на Европската Унија за податоци.

Европската комисија ќе предложи нов инструмент − европски фонд за конкурентност со цел да се поддржат проектите од заеднички интерес, пред сè за финансирање на Планот за чиста индустрија, развој на стратешките технологии, ВИ, индустријата итн. Овој фонд ќе започне да функционира од 2028 година, односно со новата буџетска финансиска рамка 2028 − 2035 г. Не е прецизирана неговата големина и начин на финансирање, но не треба да се биде изненаден ако се финансира на сличен начин како буџетскиот инструмент „Следната генерација на ЕУ“, односно преку задолжување на ЕУ на финансиските пазари.
За зголемување на конкурентноста на европската економија ќе се работи на продлабочување на единствениот пазар. Паралелно со ова ќе бидат преземени мерки за намалување на негативните екстерналии од преголемото регулирање на економијата, за кое Европската комисија е свесна и кое претставува пречка за посилен економски раст, особено за развој на малите и на средните претпријатија. За подобрување на бизнис-климата, според Политичките насоки 2024 − 2029 година, секој комесар во областа за која е надлежен ќе има задача преку дијалог со приватниот сектор да ги намали непотребните административни процедури, да ја поедностави имплементацијата на европската регулатива, да ги намали бирократските пречки и побрзо да ги издава неопходните дозволи. Ќе се именува потпретседател на Комисијата кој ќе го следи овој процес на олеснување на бизнисот и еднаш годишно ќе поднесува извештај до Европскиот парламент.

Европската комисија планира да ги мобилизира расположливите приватни финансиски средства за неопходните инвестиции за зголемување на конкурентноста на европската економија. За постигнување на ова се планира да се комплетира Унијата на пазари на капитал. Дополнително се предвидува создавање Европска Унија за штедење и инвестиции за да се обезбедат поголеми финансиски средства за инвестиции во иновации, за транзицијата во чисти индустрии и за дигиталната трансформација. Поради фрагментираноста на европскиот пазар на капитал, секоја година се одлеваат околу 300 милијарди евра заштеди на европските семејства на странските пазари. Сето ова треба да придонесе европските стартапи да можат полесно да обезбедат капитал за развој од европски извори, а не да бараат финансии од САД или од Азија.

Покрај клучните економски политики, Политичките насоки за 2024 − 2029 г. содржат иницијатива за основање европска одбранбена унија, што е новина и е резултат на војната во Украина, како и сè поголемите предизвици што произлегуваат од организираниот и транснационалниот криминал, криумчарењето на наркотици, трговијата со луѓе, зголемените миграции, како и новите закани, хибридните и сајбер напади. Но, треба да се истакне дека во Политичките насоки е експлицитно наведено дека одговорноста за националната безбедност ќе остане во надлежност на земјите членки на Унијата и дека НАТО ќе продолжи да биде столб на заедничката европска одбрана. Целта на оваа мерка е да се направи поефикасно трошењето на одбранбените буџети, особено што значаен дел од набавките во овој сектор се од странство. Затоа се предлага да се формира заеднички пазар во одбраната. Со ова ќе се овозможи поефикасна имплементација на одредбите од Версајската декларација од март 2022 година. За прв пат ќе биде именуван комесар за одбрана кој треба да ги координира напорите за зајакнување на европската одбранбена индустрија. Воедно во првите 100 дена ќе се подготви бела книга (white paper) за иднината на европската одбрана.

Во областа на безбедноста се предвидува Европол да стане навистина оперативна полиција и да се се удвои персоналот. За заштита на надворешните граници од миграции се планира да се зајакне Фронтекс и за да биде поефективен тројно ќе се зголеми бројот на персоналот, односно да ја достигне бројката од 30 000.

Во делот на Политичките насоки за 2024 − 2029 година, кој се однесува на глобалната улога на Европа, се даваат насоки за искористување на моќта и на партнерствата на ЕУ, се наведува дека проширувањето на ЕУ е геополитички императив, се говори за стратешкиот пристап кон соседството и за определбата на ЕУ да се преобликува на мултилатерализмот. Проширувањето на ЕУ има геостратешко значење за ЕУ. Земјите кандидатки ќе бидат оценувани според напредокот кон исполнување на сите критериуми за членство. Комисијата ќе им помогне на овие земји да се интегрираат во делови на единствениот пазар и да имплементираат делови на ЕУ аквис. За исполнување на овие политики, претседателот Урсула фон дер Лајен најави поставување комесар за проширување.

Во документот е истакнато дека економската дипломатија треба да зазема посебно место во надворешната политика која треба да биде насочена кон економска безбедност, зајакнување и предвидливост во меѓународната трговија и да обезбеди партнерства со кои ќе обезбеди снабдување со критични минерали и со суровини.

ПРЕПОРАЧАНО