Општество
Ќе успее ли Стармер да ја ресетира Британија?!
Ивор Мицковски | Авторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | 15 август 2024г.
Еден месец по освојувањето на власта, шефот на лабуристичката влада Кир Стармер се соочува со насилните антиимигрантски протести и немири во градовите и во помалите места откако три девојки беа убиени во напад со нож во градот Саутпорт на северозападот на Англија, а досега се уапсени 420 лица.
Довербата во новиот премиер нагло опадна од плус 19 % на само плус 3, но Стармер одлучно ѝ се обрати на нацијата ветувајќи дека антиимигрантските и исламофобичните насилници ќе зажалат за своите постапки: „Гарантирам дека ќе зажалите што учествувавте во овие немири“ или директно или „провоцирајќи на интернет“.
Хаосот во Британија беше засилен од запалувачките пораки и лажните вести на англиската ултра десница, но и од неодговорните изјави на луѓе како Елон Маск кој предвиде неизбежна граѓанска војна во Велика Британија. Сепак, по денови безредија на екстремните десничари во Велика Британија, илјадници луѓе излегоа на улиците во повеќе градови во земјата на своевидни антирасистички и антифашистички контрапротести покажувајќи дека општеството се залага за соживот.
Иако „медениот месец“ на Стармер и на неговата влада нагло беше прекинат од насилствата, сепак не изгледа дека тоа ќе го промени неговиот обид за големи реформи и „рестарт“ на односите со ЕУ, реформи кои веќе беа најавени од болежливиот крал Карло Трети и неговиот говор во Парламентот. Меѓу 40-те предлог-закони на новата влада се наоѓа и реформата на Домот на лордовите со што лабуристите ќе го укинат правото за наследување на позицијата од родителите и предвидено е старосно ограничување на 80 години.
Потоа тука е национализацијата на железницата, проект кој по приватизациите на Мејџор и на Тачер предвидува целосна контрола над националната железница во рок од 5 години. Стармер има намера да воведе и нови права за работниците, укинувајќи ги суперфлексибилните договори без работни часови (zero-hours contracts) кои дозволуваа лесно отпуштање и ново вработување на работната сила.
Предвидено е и креирање на ГБ Енерџи (Gb Energy), односно инвестициски фонд за зелена енергија каде што државата би вбризгала 8,3 милијарди фунти со цел да привлече и приватни инвестиции кон енергетската транзиција. Тука е и ветувањето за градење на нови 1,5 милиони социјални станови, притоа зајакнувајќи ја моќта на локалната власт. Понесен од мотото на Тони Блер „Образование, образование, образование “, Стармер планира да инвестира 1,5 милијарди фунти во зајакнување на јавното образование и генерално демонстрира опсесија со подобрување на јавните услуги.
Со други зборови, програмата на Стармер во првите 12 месеци е мошне амбициозна и дури полевичарска од што се очекуваше. Предизвикот со кој лабуристите ќе се соочат е што ова повеќе не е „одлична Британија“ на Блер, кој во 1997 година исто така ја освои власта по долгогодишна доминација на конзервативците. Денес е една поинаква ера, многу помрачна и попесимистичка, каде што ресурсите се ограничени и каде што химната на лабуристите „Работите можат само да се подобрат“ (Things can only get better) − денес изгледа како чиста меланхолија. Но, како што велеше Черчил: „Оптимистот ја гледа можноста во тешкотиите“ − така и Стармер нема друга опција освен „Бидете смирени и продолжете“ (Keep calm and carry on).
Се разбира, левичарските политики предвидуваат голема државна потрошувачка, но Стармер се покажува како повнимателен кон финансиите и кон мотото „Отстранување на сопирачките од Британија“ (Taking the brakes off Britain), особено откако новиот британски министер за јавни финансии Рејчел Ривс изјави дека трошењето на претходната влада, колку што можела да забележи во првите 72 часа на новата функција, ги потврдило нејзините очекувања дека економската состојба е лоша. Државната каса наследила дупка од речиси 25 милијарди евра од Ториевците!
Тоа значи дека контроверзниот тунел кој требаше да проаѓа под Стоунхенџ нема да се гради. Ќе се укинат и некои од бенефициите против поскапувањата, но најмногу од сè, ќе се откаже реформата на велферот, долго протежирана од левото крило на партијата. Ништо од субвенциите за родителите со повеќе од две деца, одлука која минатата недела во Парламентот го предизвика првиот внатрепартиски бунт за Стармер.
Стармер судирот со левото крило го изигра безмилосно како Магбет, кога по гласањето на седум парламентарци заедно со шкотските независници ги суспендираше на 6 месеци од партијата, вклучувајќи го и поранешниот заменик на Корбин, Џон Мекдонел. Со други зборови, Стармер го поминува својот тест на вирилитет, посочувајќи му на левото крило дека доколку изостане послушноста ќе следуваат поголеми казни.
Но, Стармер ветува дека неговото мото е „Прва државата, партијата втора“ (country first, party second), односно најавува дека сериозно ќе се соочи со даночната евазија и програмира најголем раст на Британија од земјите во Г7. Се разбира, токму поради дупката во финансиите Стармер најави зголемување на даноците, особено кај финансиските профити, за наследствата, па дури е возможна и интервенција кај пензиите. Пораката до „бумерите“ е испратена, кои и онака традиционално гласаат за Ториевците.
Меѓу поважните, ако не и најважните политики на Стармер, спаѓаат и европската безбедност и одбрана. Лично, британскиот премиер стравува од можноста САД под водство на Трамп да се дистанцираат од НАТО и од Европа. Токму од тие причини Стармер смета дека е неопходно приближувањето меѓу Британија и ЕУ. За таа цел, Стармер е подготвен да ја сподели со Европската Унија и британската нуклеарна сила.
Емисарите на Стармер, неговите министри за надворешни работи и одбрана, Дејвид Леми и Џон Хили, веќе со недели се во дипломатска турнеја низ ЕУ, задолжени за затоплување на односите по Брегзитот и несреќниот излез на Лондон од Унијата. Стармер отсекогаш посакувал поблиски односи со ЕУ, но и понатаму е скептичен за втор референдум кој само дополнително би ја поделил земјата. Таа Пандорина кутија нема да се отвора! Оттука за враќање во ЕУ и во единствениот пазар не станува ни збор, но премиерот секако ќе бара подобар договор и ќе бара начини како да се приближи до европските стандарди со цел да се елиминираат колку што е можно повеќе трговските бариери меѓу Британија и ЕУ. Тој процес е мошне флуиден и во рок од неколку години може да доведе до влез на Лондон во царинскиот сојуз, особено доколку економијата продолжи да тоне.
Сепак, вистинскиот предизвик на Стармер ќе биде соочувањето со политичката нестабилност и десничарскиот популистички бран. И тука неговата прогресивна задача не е само британска туку и континентална. Истражувањето „Оштетена политика?“ (Damaged Politics?) на Националниот центар за општествено истражување потенцираше дека „довербата во Владата никогаш не била пониска“ и дека 45 % од Британците изјавиле дека никогаш повеќе не сакаат да веруваат во сопствената извршна власт. Педесет и осум проценти тврдат дека никогаш нема да им веруваат на ветувањата на политичарите. Во исто време, додека во 2004 година 18 % од Британците сметаа дека демократијата функционира многу лошо, денеска тој процент изнесува 32 %.
Успехот на Најџел Фараж кој на последните избори освои 15 % од гласовите, но само 5 пратенички места поради изборниот систем, можеби е само почетокот на бурата.
Оттука предизвикот за Стармер во овој мандат нема да биде само да владее добро, туку и да ги врати кредибилитетот и довербата во политиката. Во спротивно, конвенционалната политика ќе потоне и голем дел од електоратот ќе се префрли кон популистите и демагозите. Со актуелните протести и немири гледаме дека тој процес веќе е започнат како што е започнат и предизвикот за Стармер.
„Во Кир веруваме“ (In Keir we trust) е охрабрувачката порака на лабуристите!