Општество
Разрешувањето на билатералните недоразбирања како предуслов за регионалната соработка (и идното членство во ЕУ)
Драган Тилев | Авторот е државен советник за европски прашања
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јули 2024г.
Пред неколку дена, во Скопје, имав посебна чест да бидам дел од панел-дискусијата иницирана од страна на Советот на инклузивно владеење (Council for Inclusive Governance-CIG), со седиште во САД, кој години наназад е фокусиран на интензивни дебати во нашиов регион, „без ракавици“, на највисоко политичко ниво. Учесници беа поранешни и актуелни министри, членови на парламентите, аналитичари и експерти. Советот организира ваков тип на дискусии редовно (често сум и лично учесник), во соработка со МНР на Германија, со цел да се воспостави не само дијалог меѓу политичките претставници на земјите од Западен Балкан туку и да се отворат за расправа политички осетливи теми во неформална атмосфера, без оптоварување од страна на јавноста, но со издржани лични ставови на сите учесници со аргументи и вкрстување на различни мислења. Сум бил и сведок и учесник во жестоки дебати, но никогаш на ниво на непочитување и на омаловажување, секогаш со респект и со почитување на другиот. Едноставно се случуваат (и треба) дебати кои ни се неопходни за да може да го најдеме нивото на компромис, да ги почитуваме аргументите на другиот и да научиме да ги прифаќаме различностите како дел од нашето европско културно историско наследство.
Темата за која ги спротивставивме аргументите беше „Да ја забрзаме регионалната соработка“. Елаборирав и лесно се согласивме дека тоа е актуелна тема веќе повеќе од 25 години, а уште поверојатно ќе биде тема и уште толку долго доколку не ја постигнеме нашата заедничка цел за полноправно членство во Европската Унија, што е можно побрзо. Ние, и јас во таа група, кои сме подолго активни во процесот, се сеќаваме на Пактот за стабилност (1999) како прв обид за смирување на зовриените националистички страсти кои резултираа со војни, со крвопролевање и со уништена инфраструктура и економии. Подоцна, во Процесот за стабилизација и асоцијација (2000), регионалната соработка беше дефинирана како основен и најважен предуслов за која било земја од регионот да продолжи на патот на евроинтеграција. Тој предуслов важи и денес.
Нагласив дека Македонија никогаш немаше проблем со исполнување на овој услов и секогаш беше и останува подготвена за продлабочување на сите форми на регионална соработка, што го покажува секојдневно години наназад и во пракса. Спогодбата за стабилизација и асоцијација (2024) е правната рамка за секоја земја од Западен Балкан. Сите земји имаат потпишано и во сила ваков тип на спогодби, а регионалната соработка е дел од секоја од спогодбите. Берлинскиот процес (2014) даде и дава свој посебен печат и придонес во развој и во продлабочување на регионалната соработка, како и во развивање на механизми за разрешување на билатералните спорови. Успехот во делот на економските реформи и единствениот регионален пазар е евидентен (иако недоволно брз), но неуспехот во разрешувањето на клучните политички прашања исто така е евидентен, тргнувајќи од дијалогот меѓу Србија и Косово, вклучително и статусот на Косово, функционалноста на Босна и Херцеговина и ранливоста на нејзиниот територијален интегритет, како и нерешените територијални (и етнички) прашања на Албанија со Грција, како и разликите во читањето/толкувањето, односно имплементацијата на билатералните договори на Македонија со Бугарија (2017) и со Грција (2018). Потенцирав во повеќе наврати и натаму нагласувам дека билатеризацијата на пристапниот процес преку вметнување на билатерални барања од страна на земји членки на ЕУ во преговарачките рамки за пристапните преговори е погрешен пристап и на некој начин е отворање на Пандорината кутија. Историските и идентитетски прашања не смеат да станат дел од пристапните преговори и не смеат да бидат предуслов за интегрирање на која било земја во Европската Унија. Тоа, секако, не придонесува кон продлабочување на регионалната соработка, туку напротив, само кон продлабочување на јазот и на разликите меѓу земјите од регионот.
Во тој контекст, дури и површен преглед на отворените билатерални прашања кои го оптоваруваат потенцијалот за продлабочена регионална соработка и напредок во интеграцијата во ЕУ веднаш нè доведува до заклучок дека соработката во сите области, на сите нивоа, меѓу сите земји од Западниот Балкан (географски), е можна само доколку се затворат крупните, осетливи теми, територијални, политички и историски. Треба искрено и гласно да си кажеме дека без нивно разрешување веројатно ќе потрошиме уште 25 години и повеќе на другите теми кои не се неважни, далеку од тоа, но немаат потенцијал да креираат регион со европска иднина. Нам не ни е целта само регионална интеграција и соработка, туку повеќе од тоа, односно полноправно членство во ЕУ, а тоа не се постигнува со нерешени билатерални проблеми.
Да беше лесно и едноставно немаше сè уште да говоревме за регионалната соработка како предуслов за членство во ЕУ, туку веројатно веќе ќе бевме и членки на ЕУ и внатре ќе ја продлабочувавме регионалната соработка преку фондовите на ЕУ. Значи не е лесно, а уште помалку едноставно. Имено, билатерални спорови во регионот има (сè уште) многу, дел се од територијален карактер, дел од политички, дел од историски, дел од идентитетски карактер. Некои од прашањата се решени, дел мислевме дека се решени, но голем дел се сè уште отворени и на нив мора неуморно и упорно да се работи, сè до нивното затворање. Тоа е и треба да се третира како дел од заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Земјите членки на ЕУ и самата ЕУ во целина не може да се амнестираат од одговороста за функционалноста на регионот и неговата безбедност и неговиот просперитет, едноставно бидејќи и тие се дел од истиот регион, а дел од нив и како земји членки на ЕУ (и на НАТО) носат дополнителна одговорност за регионалната и колективната безбедност на ЕУ и на Евроатлантскиот сојуз. Војната на територијата на Европа, односно агресијата на Русија врз независна Украина е само уште една потврда дека регионот на Западен Балкан треба и мора брзо да се консолидира и да се интегрира во сите структури на Европската Унија за да не остане надвор од сигурносните политики на ЕУ, а со тоа и да остане потенцијална безбедносна опасност за регионот и за ЕУ/НАТО.
Недостаток на дебатата на Советот за инклузивно владеење во Скопје беше, иако таа ги исполни сите мои очекувања, што учесниците беа само од земјите од западен Балкан (како политичка кованица), а не и од географскиот поим за Западен Балкан. Дебатата требаше да ги вклучи и претставниците од Грција, од Бугарија, од Романија, од Словенија и од Хрватска, кои веќе се членки на Европската Унија и се дел од институциите на ЕУ кои, всушност, одлучуваат за тоа како ќе се динамизира пристапниот процес и каква ќе биде регионалната соработка во тој контекст. Со други зборови, регионалната соработка не може да биде ограничена само на земјите кои не се членки на ЕУ, без да ги вклучи и земјите членки на ЕУ. Регионот е заеднички и треба да се третира и од безбедносен, и од економски, и од трговски, и од транспортен, и од демографски, и од културолошки аспект. Оттука регионалната соработка претпоставува разрешување на низа комплексни отворени прашања кои бараат повеќеслоен пристап.
Доколку сакаме вистинска регионална соработка по сите линии, неопходно е да започнеме со адресирање на внатрешните бариери за соработка и тоа, пред сè, владеењето на правото и антикорупциските мерки. Имено, ендемската корупција и слабостите во институциите претставуваат значителна пречка за соработка во сите земји. Зајакнувањето на судската автономија, заштитата на слободата на медиумите и борбата против организираниот криминал се најважните реформи кои треба да се спроведат хоризонтално во целиот регион. Притоа ЕУ може да ги користи претпристапните фондови за да ги зајакне овие напори и да воспостави јасни одредници за напредок.
Следна тема од круцијален интерес се етнополитичките поделби и историските тензии. Нерешените историски незадоволства, националистичките чувства и историската недоверба остануваат извор на регионална нестабилност. Поттикнувањето на дијалогот, иницијативите за помирување и силната заштита на правата на малцинствата се од суштинско значење. Мешовитите комисии за помирување, со вклученост на ЕУ, програмите за културна размена и заедничките економски проекти можат да поттикнат доверба и да ги надминат историските оптоварувања. Не помалку важни се и економските разлики. Регионот се бори со разликите во економскиот развој, со квалитетот на инфраструктурата и со конкурентноста. Инвестициите во инфраструктурни проекти, промовирањето на регионалната трговска интеграција и привлекувањето странски директни инвестиции се клучни за надминување на регионалните економски диспаритети.
Секако дека сме свесни за евидентниот и сè поизострен замор од проширувањето. Некои земји членки на ЕУ покажуваат намален ентузијазам за проширување. Оттука истакнувањето на стратешката важност на стабилен и на интегриран Западен Балкан, на зајакнувањето на регионалната безбедност и на спротивставувањето на надворешното влијание, може да ја поттикне поддршката. Дополнително, нагласувањето на економските придобивки од поголем пазар и за ЕУ и за Западен Балкан може повторно да го разгори ентузијазмот. Додека секоја нација го следи својот индивидуален пат за пристапување во ЕУ, регионалната соработка е од витално значење за колективниот напредок. Тука предизвиците и решенијата се испреплетуваат.
Патот кон членство во ЕУ и посилната регионална соработка во Западен Балкан бараат заеднички напори. ЕУ може да дејствува како катализатор нудејќи техничка поддршка, финансиска помош и јасен патоказ за пристапување. Ние, земјите од Западен Балкан, пак, мора да покажеме непоколеблива посветеност на демократските реформи, на регионалната соработка и на добрососедските односи. Со справување со овие предизвици и со имплементирање ефективни решенија, регионот може да го отклучи својот целосен потенцијал и да придонесе за постабилна и за попросперитетна Европа.