Општество

ТРИЕСЕТ И ТРИ ГОДИНИ НЕЗАВИСНОСТ, ПРОПУШТЕНИ МОЖНОСТИ, ПАРТИЗАЦИЈА И ПОЛИТИЗАЦИЈА, Македонија го слави Денот на независноста – 8 Септември

08.09.2024

Под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“ денеска со повеќе активности во организација на Владата, се одбележува Денот на независноста - 8 Септември.

Свечената академија ќе се одржи во Македонската филхармонија во Скопје. Свеченоста ќе започне со изведба на македонската химна од страна на детски хор, по што ќе биде прикажан видео спотот „Везилка“ која вклучува оригинална изведба на песната од Блаже Конески.  Програмата ќе продолжи со изведби на дела од македонски автори поврзани со оваа тематика од страна на државниот џез оркестар.

Во рамките на свеченоста ќе биде прикажан и специјално подготвен пригоден видео спот од прославата на независноста кое вклучува архивски материјали од Референдумот во 1991 година.

На крајот од свечената програма, со говор ќе се обрати Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

По повод одбележувањето на 8 Септември - Денот на независнота на Република Северна Македонија, собраниска делегација предводена од потпретседателката Весна Бендевска, составена од пратениците Каролина Насковска и Митко Трајчулевски, денеска ќе положи венци свежо цвеќе пред вечното почивалиште на првиот претседател на Републиката, Киро Глигоров, вечното почивалиште на поранешниот претседател на Републиката, Борис Трајковски, вечното почивалиште на првиот претседател на Владата, Никола Кљусев и пред Споменикот на паднатите борци на НОБ.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка до граѓаните по повод 8 Септември - Денот на независноста, во која посочува дека наша должност е да ги оставиме на страна поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес.

- Заокружувајќи го делото на илинденците и на асномците, ја превзедовме одговорноста да градиме модерна, европска, правна држава која ќе обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот. Триесет и три години подоцна, ентузијазмот и надежта се, за жал, засенети од бројните предизвици со кои се соочивме како држава, од надворешни притисоци и непринципиелни блокади, преку внатрешни поделби, па сè до политички и безбедносни кризи. Низ годините имавме и успеси и грешки, и подеми и падови. Пропуштените можности, сеприсутната партизација и политизација и хроничната корупција ги отуѓуваат граѓаните и ги иселуваат младите, нагласува Сиљановска Давкова во честитката.

Таа натаму посочува дека наша должност е да ги оставиме на страна поделбите и да се сплотиме околу општото добро и јавниот интерес.

- Мора да ги вложиме сите наши лични и институционални капацитети за да ја направиме македонската република пристојно место за живеење, што ќе им дава еднакви шанси за напредок на сите нејзини граѓани, република што ќе биде грижлива кон најдобрите, инклузивна кон различните, солидарна кон ранливите и праведна кон сите, наведува претседателката во честитката.

Истакнува дека само со европеизација на државата, со владеење на правото и со борба против корупцијата, со функционални институции и со компетитивна економија и систем на заслуги ќе им овозможиме на младите генерации, правото на потрага по среќа да го остварат дома, во заедничката татковина, во која ќе работат, ќе основаат семејства и ќе создаваат иднина.


Извор/фото МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО