Општество
Инфлација на образованието
Гордан Георгиев | Авторот е политиколог
Економија и бизнис | печатено издание | 15 септември 2024г.
Во печатеното издание на Економија и бизнис (15 август 2024 година), професорот Горан Петревски, редовен професор на Економскиот факултет при УКИМ, напиша колумна со наслов „Краток курс по економија и образование“ (линк до текстот:
https://ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?IdNews=30359.
За делови од таа колумна ќе сакам да полемизирам во оваа моја колумна. Но, најпрво, краток курс за печатењето и за колумните. Економија и бизнис е ретко, навистина ретко списание во нашава држава. Toj e бизнис магазин кој широко обработува теми од областа на економијата, на општеството и на културата. Во него пишуваат и десетина колумнисти кои нескромно можам да кажам дека се одлични пишувачи. Печатење е технолошки пренос на текст или на слики, обично со мастило на подлога за печатење (најчесто хартија) со користење на печатарска машина (извор: Википедија). Колумна е објавена статија во весник или списание, од ист автор периодично, во која се изразува лично мислење. Да го држите весникот пред себе, во цврста форма, пиејќи кафе или чај на омилената фотелја или во некое кафуле, е екстатично искуство. Во денешниот дигитален свет печатените медиуми исчезнуваат со галоп на диносауруси, а колумните кои се пишуваат на глобалната мрежа се толку тешко достапни, толку целени преку ритамот на алгоритамот, што чувството што го имале постарите читатели кога (сме) отворале весник веќе не постои. Пазарот на колумни едноставно не функционира. Тој е сатуриран, добриот производ тешко се наоѓа, за да стигнете до добриот производ треба да минете низ разни адови, дисклејмери, претплати, попапи и чуда. Притоа не постои саморегулација според квалитет ниту регулација од страна на некаков авторитет. Резултатот на тоа е дека сите ние драматично помалку читаме од претходно, а тоа што го читаме е со драматично намален квалитет. Читајте Економија и бизнис, во печатено издание, и ќе си ја вратите носталгијата кон добриот производ.
Да се вратам на колумната на колегата. Основната теза на колумната на проф. Петревски е дека државата нема никакво право да се меша на пазарот на образование бидејќи тој, како и секој пазар, функционира добро, т. е. според правилата на пазарната логика. Функционира „добро“ притоа не нужно значи дека создава квалитет, туку повеќе дека технички функционира добро и производот си го наоѓа патот до клиентот, т. е. купувачот. Клучна премиса во колумната е дека државата не треба да се меша на пазарот на образование и дека државата треба да се замисли дали токму таа е главниот купувач-клиент на образованието, т. е. дали државата е онаа која има најголема корист од ваквиот „пазар“. До тука сè е јасно и прифатливо.
Она што не е јасно е како да се реши оваа работа во услови кога државата е главната пречка за добро образование, главен клиент на пазарот на образование и истовремено единствен субјект кој има моќ да ја прекине оваа дисторзија на пазарот. Дисторзијата на пазарот ја прави токму државата, поточно владата, уште поточно политичките партии на власт впрегнати во клиентелистичките узенгии. И ова чудовиште постојано се јаде самото себе. Додека не се изеде целосно и престане да постои. Кога дисторзијата е масивна пазарот престанува да ја врши својата изворна функција.
Често ова е поврзано со партиски клиентелизам („магистрирај бе набрзина и ќе станеш раководител“), но и со општата девалвација на дипломите, т. е. знаењето. Кога има инфлација чест нејзин резултат е девалвација, ако добро ме држи помнењето од солидната деветка по предметот економија на правниот факултет :). Така е и со дипломите. Пораст на бројот на дипломи предизвикува помал квалитет на образованието (повеќе професори, понеквалитетни професори, повеќе факултети, полабави академски и професионални критериуми и стандарди итн.), а со тоа и помалку знаење кај идните академски граѓани. Кога тоа ќе го гарнирате со поривот за профит на не мал број приватни образовни установи („штанцај дипломи Мишко“), но особено со клиентелистичкиот хабитус во едно општество, тогаш добиваме отровен коктел.
Ова ни се случува на глобално ниво, глобален феномен е, но локалните франкештајни имаат потенцијал буквално да го уништат општеството. Кога имате армија на новопечени академски граѓани подготвени да го поплават пазарот на трудот (читај јавната администрација), а самиот пазар е дисторзиран бидејќи не препознава квалитет ами партиско-другарска-бизнис преференција, тогаш имаме проблем. Долгорочниот производ од сето ова е феноменот на сурплус на елити, но за тоа во наредната колумна.
Точно е дека пазарот најчесто и најдобро регулира, но образованието е типичен производ во кој државата има свое место, своја златна акција на некој начин. Затоа постојат одбори за акредитации, образовни тела и комисии, стандарди за квалитет, реакредитации, инспекции, вивисекции, дезинсекции. Но, кога сите тие се дел од една иста цврста коруптивна прегратка, повторно се враќаме назад во точката во која државата е извор на сето ова. Притоа корупциската прегратка не мора да биде финансиска корупција, оти клиентелизмот и партиските вработувања се еднакво малигна корупциска спрега. Се разбира, кругот завршува точно врз грбот на граѓаните бидејќи сметката ја плаќаат сите граѓани, но таа сметка е превисока за сите нас, особено затоа што не добиваме никаков производ и нефункционалната јавна администрација ни доаѓа како гратис. Добиваме празна школка.
Оттука ужасниот „пазар“ кој ја создава оваа коруптивна спрега може да стане надлежност на државата. Би рекол, мора да стане надлежност на државата. Ако добронамерно претпоставиме дека државата (владата) ја разбира оваа спрега и има автентичен порив да се справи со неа, верувам дека добар почеток е темелно растресување на системот на високо образование во државава и на она што е државно финансирано (демек од сите нас) и на приватните образовни установи чии дипломи обилно се користат за вработување во државниот апарат (кој, нели, повторно ние го плаќаме). Да го направиме овој есап, па да видиме дали ќе излезе пазарот.
Разбираме дека државата (практично секоја измината власт) не беше претерано заинтересирана за овој тип интервенција. Напротив, од експлозијата на приватни факултети и драматичната девалвација на државните факултети (делумно како резултат на појавата на приватните, но и автохтоно подјармувајќи се на политичките елити во замена за разно-разни услуги и услугички), корист имале само политичките елити, политичките партии и армиите клиентелисти. И тоа е срамот, ужасниот срам кој секој од нас ќе си го носи на свои плеќи. Тој е колективен срам, не нужно индивидуален, тип на срам „ме уби туѓиот срам“, но секој од нас има ставено по некое камче во мозаикот, со чинење или со нечинење, сеедно.
Како заклучок, станувајќи потполно свесен за континуираните разочарувања што ги доживуваме ние граѓаните од секоја сукцесивна власт и разбирајќи дека оваа власт е на самиот почеток на својот мандат, ми изгледа разумно да го поддржиме најавеното „справување со образованието“. За да останеме здрави и живи, најдобро е очекувањата да си ги спуштиме на најдолниот можен минимум за да имаме простор да се изненадиме. Позитивно, се разбира. Негативното веќе не може да нè изненади.